Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промовирана алатка за пријавување онлајн вознемирување врз новинарките

Женската медиумска мрежа „Еднаква“ и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ja промовираа дигиталната алатка за пријавување онлајн вознемирување врз новинарки и медиумски работнички.
Новинарките и медиумските работнички во последните години сѐ повеќе се цел на напади, навреди и закани, особено во онлајн сферата. Ваквите алатка, која овозможува полесно и поефикасно пријавување на овие напади, кои сериозно влијаат врз слободата на изразување и работата на новинарките, е од особено значење за следење и анализа, а со тоа и за поефикасна борба против оваа појава, споделија од „Еднаква“.
Првичната цел на алатката е пред сѐ да се документираат случаите на онлајн вознемирување врз жените во медиумите.

– Како што знаеме, многу малку пријави имаме на онлајн вознемирување, што практично не кореспондира со ситуацијата и големината на проблемот со кој се соочуваат жените што работат во медиумите. Борбата против онлајн вознемирувањето не е само борба за заштита на нашата професија. Тоа е заштита воопшто и на слободата на изразувањето на работата на сите во јавниот простор. А од друга страна станавме толку имуни, навикнати дека секој на дневна основа може да биде вознемируван и може да биде нападнат за тоа што го работи во онлајн просторот. Во ниеден од договорите за работа не пишува дека треба да трпиме насилство ниту вознемирување. И затоа е особено важно да се зборува за овие теми. Значи не, вознемирувањето не е дел од работата на жените во медиумите и на новинарките. Воопшто не треба да се трпи тоа. Затоа, женската медиумска мрежа „Еднаква“и Синдикатот направија една алатка со која ќе го адресираме овој предизвик – велат од „Еднаква“ за оваа иницијатива.
Следниот чекор е процена на пријавата и, во зависност од природата и сериозноста на случајот, насочување кон соодветна поддршка или понатамошно постапување. Тоа може да вклучува информирање за достапните механизми за заштита и пријавување, правна или друга поддршка, како и следење на случајот кога е тоа соодветно. С.Ј.