Императиви за власта

1. Секогаш има работи што може, треба или мора да се направат. Тоа што мора важи за сите, ама е императив за секоја власт – ако сака да биде успешна! Во нашиот случај, пак, нема простор за никакви дилеми. Некои работи мора да се решат, и тоа веднаш! Тие се и повеќе од императив, бидејќи сериозно го загрозуваат опстанокот на македонскиот народ, кој се соочува со финални обиди за побугарување.
2. Клучен доказ дека сето кажано е точно и дека се спроведува на најширок европски фронт е – преговарачката рамка! Нејзината длабинска анализа, покажува сѐ! Во основата се наши конкретни обврски кон – Бугарија?! А нашите политичари, заслепени од ултиматумот за промена на Уставот, или не го забележуваат тоа или така се прават, за да не се замерат во Брисел! Рамката ја стокми ЕУ, со главна цел да се побугарат Македонците, што е поширок меѓународен проект. Во неа, за нас, не се меродавни копенхашките критериуми, како за сите други, туку условите што (ќе) ни ги поставува Софија, во согласност со нејзините политички фантазмагории и историски синдроми. Семафор за наш напредок кон Брисел ќе биде мешаната историска комисија и зеленото светло ќе ни се вклучува само по наши нови тамошни капитулации. Ако ги има!? А, ако ги нема, нема да има ниту преговори, ниту ЕУ! Толку е просто, ама само за тие што се разбираат во дипломатијата. А, најстрашното за нас е што претходната власт се согласи со вака конципираната рамка.
3. Веќе никој во државава не треба да се надева дека Брисел ќе отстапи од својата позиција, дефинирана во преговарачка рамка за Македонија. Тоа и не зависи од него туку од сите 27 членки! Впрочем, зошто Брисел повторно би чепкал во завршена работа? На Запад нема таква пракса, ако не се мора. За нас е клучно дека начинот на кој Брисел ја третира Македонија е многу пософистициран и од самата рамка. Ултиматумот за промена на Уставот е само на прв поглед наш моментален и формален проблем. Тој ни ги блокира преговорите за членство во ЕУ, ама целта е финализирање на процесот за наше побугарување. Ништо друго. Новата власт е апсолутно во право кога не е спремна да го менува Уставот, а „бугарскиот диктат“ е добар изговор, иако не е главниот проблем.
3. 1. Тоа, меѓутоа, не е доволно. Од Брисел веќе илјади пати ни повторија дека нема преговори, а со тоа и членство, сѐ додека не го промениме Уставот, како што се согласила претходната власт. Затоа, сегашниот став на власта не води кон никакво решение, ако остане постигнатото статус кво.
4. Ако промената на Уставот е моментално нашата главна пречка за преговорите, логично е прашањето – а, од каде доаѓа тој ултиматум? Одговорот е познат: клучен дел од преговарачката рамка е вториот протокол што сме го потпишале со Бугарија, кој е инаку нелегален, ама преку него сме презеле обврска за промена на Уставот. Ако не беше така, немаше да има блокада, бидејќи Брисел нема никаков мандат за таков ултиматум. Протоколот, пак, е врз основа на членот 12 од договорот за (не)пријателство. Ова е и најдобар доказ дека протоколите се дел од рамката!
5. Ако Брисел не е ниту спремен, ниту во можност (сам!) да ја менува рамката, а со тоа и ултиматумот за промена на Уставот, тоа уште помалку може да се очекува од Бугарија. Со префрлањето на своите апсолутно максимални аспирации во преговарачката рамка, Софија постигна несонуван триумф. Заслугата не е (само!) нејзина, ама тоа не менува ништо. Затоа, логично е и прашањето – зошто Софија треба да го доведува во прашање својот колосален успех, базиран на 200-годишни нецивилизациски политики.
6. Значи, или ние ќе ги присилиме и Брисел и Софија да менуваат или не треба залудно да губиме и свое време, ама и нивно. Тогаш, тие ќе нѐ бараат и заедно ќе дојдеме до – праведно решение. Абрахам Линколн одамна рекол „ништо не е дефинитивно завршено, сѐ додека не е праведно решено“. Го прифаќаат ли Брисел, Софија и Вашингтон тоа?
6. 1. Новата власт непотребно губи време. И најобична анализа покажува дека наш итен и неодложен императив е уште вчера да го откажевме вториот протокол. Така, автоматски отпаѓа ултиматумот за промена на Уставот, ама и преговарачката рамка, со која Македонија нема никогаш да влезе во Унијата. Само така Македонија ќе се врати на патот кон Брисел. Во спротивно, остануваме на маргините на Европа, во своевидна изолација и со внатрешни проблеми.

7. Следниот чекор, и втор неодложен императив, е средувањето на односите со Бугарија на апсолутно реципрочна основа. Со откажување на вториот протокол, таа процедура би се наметнала сама од себе и би започнала по автоматизам. А тоа значи Бугари – кај нас, Македонци – кај нив. Мора да ни биде кристално јасно дека без тоа Софија нема никогаш да нѐ „пушти“ во Унијата ако претходно не прифатиме дека сме „Бугари по род“, со јазик дијалект и со заедничка – бугарска историја.
7. 1. Тоа е достижна цел – само ако упорно, посветено и со прецизно разработена стратегија тргнеме во акција. Начини има повеќе и сите зависат од нас. Тоа е голем предизвик ама, ако сакаме да опстанеме како народ и како македонска држава, мора да се избориме за нашите универзални права. Во спротивно, Македонците ќе бидат збришани од сцената.
8. Ако не сме спремни да го откажеме вториот протокол и да ги средиме односите со Бугарија, не треба да го лажеме народот дека сакаме во Унијата. Друг пат – нема, а нашата некадарност набрзо ќе ни се удри од глава. Имаме доволно време да ги расчистиме двата проблема, бидејќи Унијата уште долго нема да се шири. Многу веројатно, веќе никогаш на досегашниот начин. Брисел веќе измисли втора лига, која сега се моделира, на уште порестриктивни основи.
9. Ако не преземеме радикални чекори, кои се итни императиви за Македонија, брзо ќе расте незадоволството на народот, бидејќи ветеното членство во Унијата нема да биде можно. Македонските Албанци, пак, ќе го искористат тоа како повод за сериозни тензии. Нивното нагласено инсистирање за ЕУ има големоалбанска димензија, која најлесно ќе се реализира со побугарување на Македонците. Така, земјата неизбежно ќе влезе во тешка севкупна криза и ќе оди кон длабок амбис, од секаков карактер!
10. Со оглед на тоа што нашиот проблем е, по многу нешта, уникатен случај во светски размери и поаѓајќи од фактот дека нашата дипломатија нема доволни капацитети, трет императив е да се ангажираат врвни странски дипломатски експерти. Најдобро е тоа да бидат (тазе?) пензионирани високи функционери на ЕУ, НАТО, судот во Хаг, во ОБСЕ… Без нив, Македонија нема шанси да успее.
11. Идеите на власта, во решавањето на проблемите со Бугарија да се вклучи и Унијата или нејзина членка, се целосно погрешни. Основно правило во дипломатијата е никогаш да не дозволите ваш внатрешен или билатерален проблем да добие мултилатерална димензија. Освен ако имате неспорна широка меѓународна поддршка. Токму како што пред триесетина година имаше Грција во врска со нашето име и веднаш ја ангажираше прво ЕЗ (ЕУ), а потоа и ООН. Сега, и Бугарија го направи истото тоа – спорот со Македонија веднаш го префрли во Унијата. И во двата случаи, зад нашите соседи стоеја и стојат главни меѓународни фактори, со свои интереси. Со Грција можеби немавме голем избор. Со Бугарија моравме многу подобро да изиграме. Сега, итно мораме да ги исправаме сторените грешки.

11. 1. Логично, првата реакција на Софија е негативна – „преземените обврски и преговарачката рамка остануваат непроменети“! А, ако тие остануваат, за што би разговарале? За климата? Фразата „не се противат на вклученоста на ЕУ во разговорите“ е само дипломатска куртоазија без никакво значење. Стопати досега ни порачаа дека за нив – сѐ е во рацете на Брисел. И во право се, додека не го смениме тоа!
12. Неспремноста на власта да премине од зборови на дела, ѝ дава шанса на опозицијата да се освести, да ги признае историските грешки, кои се неспорни, и да почне да ги исправа! Ако тргнат во таа насока, од предавници ќе станат борци за Македонија и народот ќе почне поинаку да ги перципира! Со таква катарза, ако е можна, СДСМ ќе се врати на политичката сцена. Ако не, ќе заврши како ПАСОК во Грција. По евентуален таков пресврт, ќе се отвори простор за соработка и на двете македонски партии, во интерес на сите.
12. 1. Историските капитулации СДСМ ги направи под меѓународен диктат. Тоа е добра основа за сѐ да се обвинат странците. За опозицијата ќе биде многу подобро сами да ги исправат сопствените грешки, отколку тоа да го направат нивните ривали. Колебањето на власта е за нив добра шанса, на голема врата да се вратат на политичката сцена. Дека тоа ќе го направат, тешко е да се верува. Но, никогаш не вели – никогаш!
13. Празни се очекувањата дека деновиве во Брисел ќе се случи нешто важно и за нас. Ние остануваме под ултиматум за Уставот! И тука е крајот на нашата приказна, од секој аспект, бидејќи внесувањето на „Бугарите“ е „тројански коњ“ против македонизмот. А, за Брисел ќе бидеме тема само ако го смениме Уставот или ако ја отфрлиме таа обврска.
14. Да повториме по стоти пат – утре да го смениме Уставот, од задутре тоа да важи, по една недела да ги започнеме преговорите, за три месеци да ги завршиме и да потпишеме договор за членство со Брисел, пак – никаде нема на стигнеме! Бугарското собрание никогаш нема да ратификува наше членство како Македонци.
15. Исконско правило е – преземените обврски се извршуваат или се откажуваат. Трето нема. Да не се лажеме.