Фото: Пиксабеј

Витенум е град во Австралија што е наречен најопасен во светот затоа што самото вдишување на воздухот во него е доволно да убие човек, поради што е напуштен и избришан од мапите.
Австралиските власти го избришаа Витенум од мапата во обид да ги одвратат потенцијалните туристи да одат таму. Последниот жител на градот се откажа од борбата за престој во мај годинава, а тоа е место во кое живееја неколку илјади луѓе. До 2015 година имаше само шест лица, а до минатата година остана само 80-годишната Лорејн Томас.
Некогаш раздвижениот рударски град во регионот Пилбара е всушност смртоносен и се наоѓа на средината на најголемата контаминирана локација на јужната хемисфера. За време на врвот на развојот во 1930-тите години, таму живееја илјадници луѓе. Земјата во Витенум беше богата со син азбест и многу Австралијци се преселија таму за да најдат работа во рудниците.

Во следните три децении тој беше рударски град, но тој начин на живот всушност го убиваше локалното население. Рудниците на крајот беа затворени во 1996 година, бидејќи повеќе не заработуваа доволно пари, меѓутоа човечката загуба далеку ја надмина секоја загуба на профит.
Повеќе од 2.000 работници и жители загинаа од вдишување на смртоносните сини азбестни влакна. Воздухот и денес е токсичен, што ја принудува владата да ги урива зградите, да ги затвори депониите за отпад од рудниците и целосно да го затвори градот. И покрај напорите за чистење, останаа три милиони тони отпад од азбест. Земјата никогаш нема да биде безбедна за живеење на луѓе поради постојаниот ризик од азбестоза, но некои луѓе не можат да одолеат на посетата. Таков беше случајот со многубројните тиктокери што решија да го посетат ова напуштено место.