Македонскиот бенд „Фанк шуи“ ја обележи 2023 година со над 20 концерти во Европа и на Балканот (Берлин, Виена, Гронинген, Белград, Нови Сад, Загреб итн.), како и издавање на долгоочекуваниот албум „Никогаш пак“, кој резултираше со два распродадени концерти во Скопје во Младинскиот културен центар. Песните на албумот во рекордно време се позиционираа на најрелевантните топ листи, разгорувајќи го медиумскиот интерес на Балканот.
Бендот ја започнува годинава со нов видеоспот за песната „Никогаш пак“ издаден на Јутјуб.
– Спотот е снимен низ локациите што ги искористивме за осознавање и оформување на самите себе во младоста, кои ги чувствувавме како дома, можеби повеќе од сопствените домови. Обидот е да се долови бруталистичката архитектура, потписот на нашето родно место и симболот на солидарноста и давањето, начинот на кој ние го разбираме и сфаќаме Скопје и нешто што можеби се третира и во текстуалноста на оваа песничка. Оддаваме почит кон Скопје заедно со Владислав Гавриловски, визуелниот резидент и камерманско-режисерскиот ум на оваа бетонска градина од спот. Песната е балада за превртливата врска помеѓу писателот и Скопје и неколку скопјани. Сите други писателот ги сака и ќе биде тука за нив, како 78-те земји што беа тука за Скопје по земјотресот во 1963-та – велат од бендот.
Видеозаписот е на Владислав Гавриловски, музиката и текстот се на „Фанк шуи“, а аудиопродукцијата повторно на Бен Милчев.
Синглот „Никогаш пак“, како и истоимениот албум, е достапен на сите дигитални платформи за слободно преслушување и се наоѓа на повеќе од 150 дигитални музички продавници.