Забележано необјавено

Првиот месец од годинава, богат со празници, во пошироката гостиварска област беше одбележан со голем број манифестации и со масовна посетеност, кои неминовно ги вратија сеќавањата на некогашните прослави во градот и околината. Во 1950-тите години, во комунистичкиот режим, со закон беше забрането да се празнуваат домашни имендени, слави, крштевки и венчавки во црквите со божествени литургии. Но повозрасните гостиварци сепак не се откажувале од традициите на црковните празнувања, обичаи, пеење обредни песни, поради што тие до денес не се изумрени. Со менувањето на општествениот систем и осамостојувањето на Македонија, почна масовно да се празнуваат верските празници, домашните слави и традиции.
Гостивар, по Скопје, беше единствен град во Македонија што имаше репрезентативно кино, со богат и разновиден репертоар на играни филмови, кој ги задоволуваше вкусовите на филмските сладокусци од сите жанрови, што се должеше на тоа што управата на гостиварското кино имаше склучено ексклузивни договори со сите дистрибутери на поранешна Југославија. Љубителите на филмската уметност имаа можност да ги гледаат актуелните светски филмски наслови на големото платно само неколку дена по премиерите, односно по учествата на реномирани светски филмски фестивали.

Киното „Култура“ беше во сопственост на браќата Ѓорѓи и Заге Веновски од Галичник, кои зградата ја купиле со пари спечалени на гурбет, а се наоѓаше во центарот на Гостивар, во близината на градскиот плоштад. Со Законот за национализација беа национализирани зградата на браќата Веновски во која се наоѓаше киното, два стана и околу илјада квадратни метри дворна површина. Заге продолжил да работи како кинооператор и бил единствен во градот и околината. Во киносалата дневно се проектирале по неколку филма од различни жанрови и ги задоволувале вкусовите на љубителите на филмот од сите возрасти. Со децении киното беше носител на културното живеење во градот. Покрај филмови, во салата се одржуваа и многу културно-уметнички манифестации и приредби, а се карактеризираше со беспрекорна дисциплина и хигиена. Тоа се одликуваше и со постојано вложување во замена на дрвените столов со тапацирани, на дотраената киноопрема со современа, беше изградено летно кино, беше заменет дотраениот инвентар. Управата на киното водеше посебна грижа за воведување на новини во кинопретставите. Покрај Скопје, и во Гостивар со години се организираше пречек на Нова година.
Гостиварскиот писател Љубомир Јовановски-Кара, голем љубител на филмската уметност, беше редовен посетител на кинопретставите, кој ги гледаше речиси сите филмови што беа на репертоарот, а некои и по два-три пати.

– Година 1962. За возрасните, организиран пречек на Нова година во ресторанот „Маврово“, чудо на градежната имагинативна креација на архитектот, потоа во една од салите на Културниот дом во Гостивар и во кафеаните „Македонија“ и „Скопје“. Дежурна за празничната ноќ беше и познатата кафеана на Велко, „Два галеба“, за соло-играчите и за мераклиите за добрата чашка. Ние, децата, добивме дозвола Нова година да ја дочекаме во градското кино „Култура“, каде што во секојдневието немавме пристап за вечерните претстави. ТВ-приемниците беа реткост, беа скапи, а програмата на Југословенската радио-телевизија едвај траеше по 4 часа дневно. За пречекот, два филма. Се разбира, без вестерн-филм не ја бива. Прв на програмата „Ден за бесење“ со познатиот каубој Фред Мекмареј. На паузата, лотарија за нас децата, начичкани во предните редови, со искривени вратови, кои без здив го следевме јунаштвото на каубоите. Ги гледавме броевите на билетите небаре очекувавме фишек семки или леблебија без суво грозје. Вториот филм започнуваше во 22 часот. Беше тоа атрактивниот авантуристички трилер со познатите Френк Синатра, Дин Мартин, Семи Дејвис Јуниор и прекрасната холивудска убавица Енџи Дикинсон, „Единаесетте ветерани на Оушн“. Вистинско доживување! Наредната, 1964 година ја дочекавме Нова година со урнебесната комедија со Џери Луис, „Лудиот професор“, а по паузата беше отворено новогодишното бифе за возрасните. По паузата, уживање со вестернот „Тројцата наредници“. По завршувањето на претставите, Ацо Петрески, директорот на киното, ќе застанеше пред големиот екран и ќе ни ја честиташе Нова година – се сеќава на тие времиња Љубомир Јовановски-Кара.

Така беше сѐ до усвојување на Законот за денационализација, на почетокот на 1990-тите години, кога киното им беше вратено на сопствениците. Тие го отуѓија, а новите сопственици изградија деловно-станбен простор, со што, за жал, заврши повеќе од полувековната историја на култното гостиварско кино „Култура“.