Фото: „Нова Македонија“

Колку е прифатлива идејата во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на скратена работна недела. „Нова Македонија“ во неколку наврати пишуваше за таа проблематика, разговарајќи со економски експерти дали овој експеримент би функционирал во нашата земја или, пак, нема никаква основа да се примени сѐ додека не се докаже како исправен

Германија воведува четиридневна работна недела како експеримент

Германските компании од 1 февруари ќе спроведуваат експериментална четиридневна работна недела и ќе ја следат продуктивноста на работниците. Експериментот, кој ќе опфати 45 компании, ќе трае шест месеци, а вработените ќе ги задржат сегашните плати и покрај намалувањето на работното време.
Целта на овој експеримент е да ги потврди тврдењата на синдикатот дека луѓето што работат помалку не само што се посреќни или поздрави туку се и поефикасни во својата работа.
Колку е прифатлива идејата во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на скратена работна недела. „Нова Македонија“ во неколку наврати пишуваше за таа проблематика, разговарајќи со економски експерти дали овој експеримент би функционирал во нашата земја или, пак, нема никаква основа да се примени сѐ додека не се докаже како исправен.
Работодавците истакнуваат дека идејата би можела да се примени во одредени дејности, но дека истата таа ќе има сосема спротивен ефект во трудоинтензивните дејности. Тие исто така посочуваат дека, според законот, сега работната недела трае 40 часа и дека доколку се намали на 32, одредени гранки ќе претрпат преголеми загуби.
– Не е проблематично ако одредена компанија процени дека може да работи четири наместо пет дена во неделата и ако тоа го овозможува законот, таа да ја примени оваа новина. Но ако истото тоа стане задолжителна форма на работа, тоа за одредени гранки би било погубно. Ваква работна недела може да се примени во ИТ-индустријата, во услужните дејности, но не и во трудоинтензивните дејности, каде што учеството на работникот е навистина големо – истакна неодамна претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Емилија Стевановска, професорка на институтот за менаџмент БАС, во минатите наши натписи истакна дека продуктивноста на трудот е мерка на економскиот пораст на една земја и дека таа го покажува количеството добра и услуги произведени во единица време, поточно продуктивноста на трудот го дава количеството на реалниот БДП произведен во еден работен час.

– На долг рок, продуктивноста на трудот по работен час е најважната детерминанта на просечното ниво на плати во економијата. Земјите чии работници произведуваат поголемо количество добра и услуги во единица време имаат повисок стандард на живеење. Во согласност со тоа, како што расте националната продуктивност, така расте и просечното ниво на плати во таа земја – појасни тогаш Стевановска.
Таа истакна дека за да се измери продуктивноста на трудот, од една страна како категорија се користи реалниот БДП, а од друга страна работните часови што ги инкорпорираат времето поминато на работа, вложениот труд и вештините.
– Квалитетот на работните часови не е секогаш јасна величина, па затоа секогаш како именител на продуктивноста се користат работните часови. Доколку реалниот БДП остане во количество ист, а работните часови се намалени, тогаш имаме поголема продуктивност на трудот, работниците би имале повеќе време и енергија да уживаат во својот приватен живот и да се намалат отсуствата од работа – нагласува Стевковска.
Како што објаснува професорката на БАС, ваквата идеја е утописка, бидејќи економијата ќе страда од намалената конкурентност и ограничените финансии. Според неа, ова е сепак само експеримент и не дава никаква основа да се применува и во други земји, вклучувајќи ја и нашата, сѐ додека не биде докажан како исправен. К.М.