Европа го плаќа поскапиот дизел
- Од резервоарот до касата, од касата до камионот и од камионот до цената на секој производ. Европа засега не е без дизел-гориво. Но, секако, Европа е со поскап дизел. А разликата меѓу овие две горни констатации (не е без, туку е со големо поскапување) е токму местото каде што се крие „новата сметка за европската економија“
- Во 26 од 27 земји членки горивата и мазивата биле поскапи отколку една година претходно. Бугарија била на врвот со раст од 34,5 отсто, а следувале Литванија, Финска, Германија и Франција. Но уште поинтересна е една друга бројка. Имено, само во август дизелот во ЕУ поскапел 8,3 отсто во однос на јули. Во Чешка растот бил 14,3 отсто, во Бугарија 13,5 отсто, а во Луксембург 12,3 отсто. Ова е моментот кога приказната за нафтата преминува во приказна за инфлацијата
Секојдневието во Германија не се разликува воопшто од секојдневието во другите држави во кои често патувам. Имено, на прв поглед, сцената е секојдневна и речиси здодевна. А таа изгледа вака: автомобил застанува на бензинска, пиштолот-полнач за гориво влегува во резервоарот, бројките на дисплејот се вртат, платежната картичка минува низ посттерминалот и возачот продолжува. Но ако наместо еден резервоар, ги погледнеме бројките на сите бензински пумпи низ Европа, а до тоа лесно се стигнува, бидејќи сѐ е дигитализирано и софтверски уредено, овој ритуал полни-плати добива сосема друга димензија. За што станува збор?
Дури 203 милиони евра дневно дополнително за гориво – бројка што тешко се замислува
Имено, дополнителни 203 милиони евра ја чини Европа секојдневно поскапувањето на дизелот, како последица на геополитичкиот шок од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток. Таа бројка официјално ја потврди и анализата на „Транспорт енд инваермент“ (Transport & Environment). Кога кон дизелот ќе се додаде и бензинот, дополнителниот трошок за патниот транспорт достигнува околу 270 милиони евра дневно. Се разбира, тоа не е фактура што пристигнува само на една адреса. Неа ја плаќаат милиони возачи, транспортни компании, земјоделци, производители, трговци и, на крајот, потрошувачите.
Ајде да ја преведеме бројката во календар. „Транспорт енд инваермент“ проценува дека во 28-те недели до 6 септември годинава, повисоките цени на патните горива ја чинеле ЕУ околу 53 милијарди евра повеќе, од кои приближно 40 милијарди евра отпаѓаат на дизелот. Со други зборови, секој ден во просек од европската економија „согорувале“ околу 203 милиони евра – само поради дополнителната цена на дизелот. Ако хипотетички би продолжила истата стапка цела година, тоа би било околу 74 милијарди евра. Секако, ова не е прогноза. Цените не се движат линеарно, а војните, производството, резервите, транспортните рути и политиките можат нагло да ја променат калкулацијата, односно математиката. Но споредбата е корисна затоа што покажува колкава е димензијата на енергетскиот шок на европските економии.
За германски камион на долги релации, дополнителниот трошок достигнувал просечно 236 евра неделно
За европскиот возач големата геополитика има многу поедноставен превод. Уште околу 30 евра за полнење резервоар од 50 литри, според анализата на „Транспорт енд инваермент“ заклучно со 14 септември. За германски камион на долги релации, дополнителниот трошок достигнувал просечно 236 евра неделно. Тука приказната се менува. За сопственик на автомобил 30 евра се непријатност. За компанија со десетици камиони тоа е „јака ставка“ во трошоците. За логистички сектор со илјадници возила станува уште посериозна ставка во цената на услугата. А кога поскапува транспортот, цената не останува во резервоарот. Таа патува. Од камионот оди до магацинот, од магацинот до продавницата, од продавницата до сметката… И така, геополитичкиот конфликт на илјадници километри од европскиот супермаркет почнува да се појавува на домашната сметка. Лично јас, на германската сметка најмногу ја чувствувам.
Европа има еден структурен проблем, таа премногу зависи од дизел
Зошто Европа е толку чувствителна? Затоа што дизелот не е само гориво за автомобили. Тој е гориво на огромен дел од европската економска машина.
На пример, T&E наведува дека околу 38 отсто од патничките автомобили на патиштата во ЕУ се дизели. Европа, историски, многу посилно се потпрела на дизелот отколку САД. Но зависноста не завршува со автомобилите. Дизелот е поврзан со камионите, комерцијалниот транспорт, земјоделството, градежништвото и голем дел од логистичкиот синџир. Затоа ценовниот шок кај дизелот има поширок ефект од шокот кај горивото што го користи само еден тип автомобил.
„Евростат“ објави дека во август 2026 година цените на горивата и мазивата за личен транспорт во ЕУ биле 23,8 отсто повисоки отколку во август 2025 година. Растот не бил изолиран случај. Во јуни годишното зголемување било 13,7 отсто, а во јули 16,9 отсто. Во 26 од 27 земји членки горивата и мазивата биле поскапи отколку една година претходно. Бугарија била на врвот со раст од 34,5 отсто, а следувале Литванија, Финска, Германија и Франција. Но уште поинтересна е една друга бројка. Имено, само во август дизелот во ЕУ поскапел 8,3 отсто во однос на јули. Во Чешка растот бил 14,3 отсто, во Бугарија 13,5 отсто, а во Луксембург 12,3 отсто. Ова е моментот кога приказната за нафтата преминува во приказна за инфлацијата.
Нафтата поскапе, но дизелот има и свој проблем
Тука има важна нијанса. Лесно е целата приказна да се сведе на „војната ја поскапе нафтата“. Но пазарот е посложен. Меѓународната агенција за енергетика ИЕА (IEA) укажува дека проблемот е и во преработката и снабдувањето со рафинирани производи. Тековната криза го погоди протокот на нафта низ Ормускиот Теснец, една од клучните светски енергетски артерии. ИЕА проценува дека во август протокот низ теснецот бил околу 7,6 милиони барели дневно, односно 13,1 милиони барели под нивото пред војната. Во исто време рафинериите во светот работат под голем притисок. А кога рафинериите немаат многу слободен капацитет, недостигот од готов производ – дизел – може да стане поголем проблем од самиот недостиг од сурова нафта. Тоа е една од причините зошто дизелот се однесува поагресивно од бензинот.
Европа бара дизел, другиот дел од светот го бара истото тоа
Уште една важна промена се случува зад сцената. Реномираниот медиум „Ројтерс“ објави дека европскиот увоз на дизел паднал од околу 1,97 милион барели дневно во јануари на 1,56 милион во јули, додека Европа во исто време го зголемила увозот на авионско гориво од други региони. А потоа доаѓа рускиот фактор. Русија, која е меѓу најголемите извозници на дизел во светот, во јули повторно воведе забрана за извоз на дизел, во услови на оштетувања на рафинериите од украински напади. „Ројтерс“ дополнително известува дека ова уште повеќе „го стегнало“ глобалниот пазар. Така се создава необична ситуација. Светот има нафта, но нема доволно евтин дизел. А тоа е многу поважна констатација од едноставно искажаното „нафтата е поскапа“. Е.Р.
Доне Прентоски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Германија
Нафтата станува поскапа, а кој ја плаќа разликата?
Кога цената расте, постојат најмалку четири можни апсорбери на ударот:
1. Возачот
Плаќа поскапо полнење и се обидува да вози помалку;
2. Транспортната компанија
Прво го апсорбира трошокот, а потоа бара повисоки цени на услугите;
3. Производителот и трговецот
Дел од зголемените логистички трошоци може да ги префрлат во продажните цени;
4. Државата
Може да интервенира преку даноци, субвенции, ограничувања или други мерки – но секоја таква интервенција има фискална цена.
Гореспоменатата ИЕА анализира дека реакцијата не е иста насекаде. Во некои европски земји се намалени акцизите, додека во други даночниот систем останал речиси непроменет. Просечното намалување на акцизите во Европа, според ИЕА, компензирало само мал дел од растот на цените.
И тука се отвора едно од најсложените прашања за носителите на одговорноста за оние што одлучуваат.
Дали државата треба да ја намали цената на горивото за сите или да ја насочи помошта кон оние за кои горивото е најголем удар врз буџетот?
Според многумина експерти со кои зборував на оваа тема, сите се согласуваат дека за ова нема автоматски одговор.
– Цената на горивото повеќе не е само прашање на комфор за возачите. Таа е прашање на инфлација, транспорт, производство и животен стандард – велат соговорниците. Е.Р.
Европа плаќа повеќе затоа што е зависна, а зависноста се гледа дури откога ќе настапи поскапувањето
Европската комисија (ЕК) во септември годинава потврди дека во ЕУ во моментов нема проблем со физичкото снабдување со нафта и нафтени деривати.
Побарувачката се покрива преку зголемено производство во европските рафинерии и алтернативни извори од глобалниот пазар, а комерцијалните и итните резерви се оценети како доволни. Истовремено, ЕК (европската влада) предупреди дека продолжувањето на конфликтот и сезонската зимска побарувачка би можеле дополнително да го затегнат пазарот. Тоа е суштинската разлика меѓу криза на снабдување и криза на цена. Во Европа моментално повеќе ја гледаме втората. Гориво засега има, само што сè повеќе чини.
Има ли излез на ЕУ од оваа зависност?
Следува едно мало потсетување на една препорака што ми изгледаше особено интересна. Имено, „Транспорт енд инваермент“ предлага мерки како намалување на брзината на автопатите за 10 километри на час, поширока употреба на ековозење и споделување автомобили, како и побрза електрификација на возниот парк. Организацијата проценува дека одредени краткорочни мерки би можеле значително да ја намалат побарувачката на дизел. Но тука приказната станува поголема од дизелот. Европа со години се обидува да ја намали зависноста од фосилни горива. Во кризата, меѓутоа, се гледа колку е тешко брзо да се промени транспортниот систем. Електричниот автомобил не може да замени камион прекуноќ. Камионот не може да се замени со воз на секоја релација. Земјоделската машина не може едноставно да престане да работи затоа што дизелот поскапел. А токму затоа секој процент раст на цената има многу подолга опашка отколку што изгледа на бензинска.
Бројката од 203 милиони дневно зборува за Европа што е засега физички снабдена, но економски изложена. За континент што има рафинерии, резерви и алтернативни доставувачи, но сепак чувствува геополитички потрес секогаш кога ќе се стегне една од светските енергетски артерии. Зборува и за една стара европска зависност од дизелот. И за една нова реалност. Енергетската безбедност на Европа веќе не се мери само со тоа дали има гориво на пумпата туку и со тоа колку чини да стигне до неа. Не зборувам само за пари! Е.Р.
































