Светот е сцена
Две руски галерии го повлекоа учеството на претстојното издание на саемот за уметност „Листе“ во Базел, а нивните места ќе ги преземат две украински галерии, пренесува „Артнет њуз“. Галеријата „Фрагмент“, која има простор во Москва и во Њујорк, и московската „Основа“ потврдија дека нема да се прикажуваат на „Листе“, кој треба да се одржи од 13 до 19 јуни, во знак на солидарност со Украина.
Двете украински галерии што ќе ги заземат нивните места се „Гола соба“ со седиште во Киев, која е продуцент на украинскиот павилјон на Биеналето во Венеција и галеријата „Волошин“, чии основачи, Макс и Јулија Волошин, се блокирани во САД откако патувале до „Арт Базел“ во Мајами Бич. Нивната галерија дома стана засолниште од бомбите. Украинските галерии беа избрани за време на разговорите со руските галерии. Тие нема да мора да плаќаат такси за учество, а некои од источноевропските галерии што се изложени на „Листе“ понудија да ги транспортираат делата на галериите на нивен трошок.
– Многу ја цениме одлуката донесена од нашите две руски галерии, „Фрагмент“ и „Основа“, да се повлечат од годинашниот саем за уметност во корист на украинските галерии и уметници. Со оваа одлука тие испраќаат силна и храбра порака за солидарност со Украина, а двете галерии продолжуваат да бидат важен дел од заедницата „Листе“ – изјави Џоана Кам, директорка на „Листе“.
Кам, исто така, истакна дека ниту една од другите галерии учеснички не планира да прикажува руски уметници. Целосната листа на изложувачи ќе биде објавена на 23 март.
„Листе“ претходно се приклучи на групата галерии од Источна Европа, повикувајќи ги сите изложувачи што учествувале на саемот да донираат за невладините организации што обезбедуваат хуманитарна и правна помош за бегалците од Украина.
Другите претстојни саеми за уметност во Европа, вклучувајќи ги и „Арт Базел“, „Арт Брисел“, „Миарт“ во Милано и „Спарк“ во Виена, исто така рекоа дека нема да бидат домаќини на ниту една руска галерија, но дека тоа е затоа што ниту една руска галерија не се пријавила. Нема да бидат застапени ниту украински галерии.
– „Арт Базел“ најсилно ја осудува воената инвазија на Украина и се солидаризира со народот на Украина – вели портпаролот на саемот во изјава за „Артнет њуз“.
Тој вели дека „Арт Базел“ нема постојни договори за партнерство со руски компании, ниту има руски галерии претставени на нивните претстојни изложби.
– „Арт Базел“ не верува во дискриминација врз основа на националност и ние немаме издадено таква директива до нашите галерии. Свесни сме дека огромното мнозинство луѓе активни на руската уметничка сцена жестоко се противат на актуелниот режим во Русија и на инвазијата и веруваме, сега повеќе од кога било, дека е важно да се обезбеди платформа за тие гласови на несогласување – додава портпаролот.
Од „Спарк“, кој ќе се одржи од 24 до 27 март, велат дека не отфрлаат ниту една руска галерија и дека саемот не очекува дела ниту од украински уметници, додавајќи дека „културниот бојкот не е решение“.
– Уметноста е начин да продолжи дијалогот, не треба да ги отсекуваме руските уметници. Бидејќи без дијалог нема простор за дипломатија – вели портпаролот на „Спарк“.
– Сакаме да ја пренесеме пораката дека саемите, по дефиниција, се места за состаноци што обединуваат, па затоа мора да бидеме промотори на мирот. За нас денес, мирот е од најголема важност – вели портпаролот на саемот „Миарт“, кој ќе трае од 1 до 3 април.
Голем дел од Европа и Западот ја санкционира Русија откако изби војната во Украина на 24 февруари. Голем број институции ги отстранија руските олигарси од нивните одбори и ги вратија донациите.