Фото: Маја Јаневска-Илиева

Водата станува сѐ позначаен ресурс:

  • И додека најголем дел од фокусот на јавноста е свртен кон цените на нафтата и поскапувањата што доаѓаат, некои од експертите укажуваат дека се зголемува опасноста во иднина војните да се водат за основниот животен ресурс – водата, поконкретно пивката вода. Обединетите нации предупредуваат оти предизвиците поврзани со пивката вода не се надминати и дека денес 1,8 милијарда луѓе сè уште немаат вода за пиење во своите домови

Војната во Иран и војната во Украина го менуваат вообичаениот тек на движење на стоката и на услугите, но, дополнително, војувањето на Блискиот Исток удира силно и врз цените на нафтените деривати, што сигурно ќе се одрази врз светската економија и врз животниот стандард на луѓето низ светот.
И додека најголем дел од фокусот на јавноста е свртен кон цените на нафтата и поскапувањата што доаѓаат, некои од експертите укажуваат дека се зголемува опасноста во иднина војните да се водат за основниот животен ресурс – водата, поконкретно пивката вода.
Обединетите нации (ОН) предупредуваат оти предизвиците поврзани со пивката вода не се надминати и дека денес 1,8 милијарда луѓе сè уште немаат вода за пиење во своите домови.
ОН алармираат дека дури 3,4 милијарди луѓе – речиси половина од светската популација – сè уште немаат безбедно управувана санитација, вклучувајќи 354 милиони што практикуваат отворена дефекација.
Иако е факт дека подобрувањето на пристапот до вода, санитација и хигиена може да спаси 1,4 милион животи годишно, состојбите не се драстично подобрени.
Приближно 10 проценти од светската популација живее во земји со висок или критичен воден стрес. Катастрофите поврзани со водата доминираат на листата на катастрофи во последните 50 години и сочинуваат 70 отсто од сите смртни случаи поврзани со природни катастрофи, укажа Светската банка во 2022 година.

Огромен дел од водните ресурси се троши во земјоделството

Дури 44 отсто од отпадните води од домаќинствата не се третираат правилно, оштетувајќи ги екосистемите и здравјето на луѓето, предупредува Светската здравствена организација.
Сепак, и покрај ова, ФАО посочува дека 72 проценти од сите повлекувања на свежа вода се користат за земјоделство.
– Една од најважните неодамнешни пресвртници е признавањето на Генералното собрание на Обединетите нации на човековото право на вода и санитација. Собранието го призна правото на секое човечко суштество да има пристап до доволно вода за лична и домашна употреба, што значи помеѓу 50 и 100 литри вода по лице дневно. Водата мора да биде безбедна, прифатлива и достапна. Трошоците за вода не треба да надминуваат три проценти од приходот на домаќинството. Покрај тоа, изворот на вода мора да биде во рамките на 1.000 метри од домот, а времето на собирање не треба да надминува 30 минути – се укажува во анализите на Обединетите нации.

Македонија има доволно ресурси, но управувањето е катастрофално

Иако водата е суштински природен ресурс за човековото постоење, потребен во секој природен и индустриски процес, а нашата земја располага со задоволително количество на водни ресурси, тие имаат нерамномерна распределба. На територијата на Македонија има 35 реки и 53 природни и вештачки езера, а управувањето со водните ресурси е поделено на осум региони.
Сепак, податоците на институциите покажуваат дека управувањето со водата е еднакво на катастрофа, бидејќи загубите во одредени региони достигнуваат до 95 отсто.
– Неприходуваната вода станува сè поважна од аспект на заштита на природните ресурси, а претпријатијата се соочуваат со големи загуби на водата. Овој проблем директно влијае врз капацитетот на давателите на водните услуги за финансирање нови услуги, спроведување соодветно одржување, како и инвестирање во нови технологии. Процентот на неприходувана вода во 2023 година се движи помеѓу шест и 95 проценти, во зависност од давателот на водната услуга. Во согласност со последните достапни податоци, процентот на неприходувана вода во 2024 година на ниво на државава изнесува 63,21 отсто. Во споредба со претходната година, количеството вода на влез во системите за водоснабдување бележи зголемување за 6,87 проценти, додека процентот на фактурирана вода е намален за 4,29 отсто во споредба со претходната година. Нивото на неприходувана вода кај давателите на водни услуги за 2024 година, врз основа на последните достапни податоци, во однос на 2023 година е зголемено за 0,92 отсто и ја прикажува реалната состојба на неприходувана вода во државата врз основа на досегашните добиени извештаи од претпријатијата – беше посочено во еден од последните извештаи на РКЕ.
Ваквите податоци се јасен показател дека е време Македонија сериозно да се сврти кон подготвување стратегија за националните води, во чија изработка би се вклучиле сите експерти, научници и академици, за да може со време да се започне со реализација на проекти што ќе значат обезбедување доволни количества вода за земјата за следните сто години. Со оваа долгорочна стратегија треба да се обезбеди водата во природните езера, во акумулациите, во реките и да се мапираат подземните водни базени, а индустријата, земјоделството и урбаните средини да се преориентираат кон нов режим на рационално користење на водата. Е.Р.