ПОГОДЕНИ НАД 160 БРОДА, МОРНАРИ ИСЧЕЗНУВААТ, А ИНЦИДЕНТИТЕ ГИ СПОЈУВААТ ЕВРОПСКИОТ И БЛИСКОИСТОЧНИОТ ФРОНТ
- Дроновите претвораат еден од најважните поморски коридори во Европа во зона на постојана опасност. Романија трага по исчезнати морнари, додека нападите врз трговските бродови отвораат ново безбедносно жариште. Според податоците што ги пренесуваат аналитичарите во медиумите, повеќе од 160 брода биле погодени во Црно Море во текот на оваа година
Црно Море сè повеќе наликува на опасна воена зона во која ниту трговските бродови, ниту нивните екипажи не можат да сметаат на сигурен премин. Војната меѓу Русија и Украина одамна ги надмина границите на копнените фронтови, а нападите врз поморскиот сообраќај стануваат сериозна закана за регионалната и европската безбедност. Според податоците што ги пренесуваат аналитичарите во медиумите, повеќе од 160 брода биле погодени во Црно Море во текот на оваа година. Најновите инциденти во близината на романскиот брег повторно го отворија прашањето колку е безбеден поморскиот сообраќај во регион низ кој минуваат важни трговски и енергетски текови.
ДВА ТАНКЕРА ВО ПЛАМЕН, ПОТРАГАТА ПО МОРНАРИТЕ ПРОДОЛЖУВА
На 15 октомври, романските спасувачки служби трагаа по седум исчезнати членови на екипажот на танкерот „Вајн трејдер“, кој се запалил по напад со дрон во близината на делтата на Дунав. Од вкупно 12 морнари на бродот, петмина биле спасени, додека судбината на другите останала неизвесна. Во истиот период, пожар избувнал и на танкерот „Јара Ј“, кој исто така бил погоден во близината на романскиот брег. За среќа, сите членови на неговиот екипаж биле безбедни. Романските власти испратиле хеликоптери и пловни објекти за спасување, но силните бранови ги отежнувале операциите. Секој нов инцидент ја зголемува загриженоста дека воените дејства сè почесто ги загрозуваат и цивилните бродови. Според информации што ги пренесе „Ројтерс“, во претходните десетина дена најмалку пет други товарни брода биле погодени во близината на бреговите на Романија и Бугарија, при што биле пријавени најмалку 23 загинати или исчезнати морнари.
РОМАНИЈА И БУГАРИЈА ПОД ПРИТИСОК, НАТО ЈА ЗАСИЛУВА ВНИМАТЕЛНОСТА, КРЕМЉ ЈА ОТФРЛА ВМЕШАНОСТА
Најновите напади предизвикуваат дополнителна нервоза во Букурешт и Софија, две членки на НАТО чии брегови се наоѓаат во непосредна близина на воените инциденти. Романскиот претседател Никушор Дан потврди дека бродовите биле погодени со дронови, но не ја обвини директно Москва. Во меѓувреме, воен извор од НАТО изјавил дека „дроновите биле од руско потекло“. Разликата меѓу овие изјави ја покажува чувствителноста на ситуацијата. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, порача дека „Алијансата ќе продолжи тесно да соработува со сојузниците во регионот и да ги приспособува мерките за одвраќање и одбрана според безбедносните потреби“.
Од друга страна, Русија се оградува од нападите врз танкерите во Црно Море, а вината ја префрла на Киев. Имено, Москва во официјалните реакции на нападите со дронови врз трговски бродови и танкери во Црно Море ја отфрла одговорноста и ја обвинува Украина за обид на Киев да го дестабилизира поморскиот сообраќај во регионот. На 2 јуни годинава, портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, реагираше на напад врз трговски брод под знамето на Вануату, тврдејќи дека Киев ги напаѓа бродовите со беспилотни летала, а потоа се обидува да ѝ ја префрли вината на Москва. Руската дипломатија ги претставува ваквите инциденти како украински провокации и бара истрага за утврдување на одговорноста на организаторите и извршителите. Слична позиција зазеде и Кремљ во декември 2025 година, кога портпаролот Дмитриј Песков ги осуди нападите врз танкерите „Каирос“ и „Вират“, посочувајќи ги последиците за меѓународните поморски интереси и Турција. Во октомври 2026 година, Захарова повторно ја обвини Украина за напад врз танкерот „Рио“, во близината на Сочи, поврзувајќи ги ваквите инциденти со обиди за нарушување на регионалната стабилност. Овие реакции покажуваат дека Москва настојува политички и дипломатски да се огради од нападите.
Наши соговорници, воени аналитичари, брифираат за извесни сличности и паралели за инцидентот на диверзиите со „Северен тек“ 1 и 2 што треба дополнително да го анализираат, бидејќи засега сѐ уште немаат доволно издржани докази во јавноста туку само безбедносни индикатори и индиции. Р.С.
Црно Море – врска меѓу Блискиот Исток и Европа
Загрозена уште една животна артерија на светската трговија
Значењето на Црно Море далеку ги надминува границите на регионот. Преку неговите пристаништа и поврзаноста со Дунав се одвива значаен дел од извозот на украинските земјоделски производи, особено житото. Поради руските напади врз украинската пристанишна инфраструктура, Киев сè повеќе се потпира на дунавските пристаништа и на поморските маршрути во близината на Романија и Бугарија. Токму тие правци сега се изложени на зголемен ризик. Последиците може да се почувствуваат и далеку од воената зона, и тоа преку поскап транспорт, нарушени испораки и дополнителен притисок врз пазарите на храна, повисоки осигурителни премии итн. Затоа безбедноста на Црно Море не е само прашање на воена стратегија туку и на глобалната економија и снабдувањето со основни прехранбени производи.
Во меѓувреме, се отвора и прашањето за воспоставување мораториум врз нападите врз цивилните бродови. Таквата иницијатива би можела да биде важен чекор кон ограничување на ризиците, но нејзиното спроведување ќе зависи од подготвеноста на завојуваните страни да прифатат јасни правила.
Црно Море денес е многу повеќе од поморски простор меѓу Европа и Азија. Тоа е огледало на пошироката војна, во кое се судираат воените интереси, трговијата и безбедноста на цивилите. Засега, станува сè поактуелно прашањето колку уште ќе може да се кумулираат ваквите и слични инциденти пред да стане Црно Море точка на спојување на две боишта, украинското и блискоисточното? Р.С.

































