Шефот на чешката дипломатија Петр Мацинка вчера во Скопје изрази силна поддршка за македонските евроинтеграции
- Шефот на чешката дипломатија Петр Мацинка во своето искрено и отворено обраќање во јавноста рече дека треба да се има „некој одвнатре што може да зборува со ист јазик, кој има ист поглед кон светот како нас, кој ги разбира работите во ЕУ“, при што нагласи дека сега, кога Чешка е во ситуација да е членка на ЕУ, уверува дека Чешка е токму таа „навистина пријателска земја“ на Македонија…
Република Чешка е подготвена да направи сè што е потребно за Македонија што поскоро да стане членка на Европската Унија и го поддржува членството на земјава во европскиот блок. Ова го порача вчера заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Чешката Република, Петр Мацинка, на почетокот од дводневната посета на земјава.
– Членството на С. Македонија во Европската Унија е приоритет за Република Чешка. Во заеднички интерес е ЕУ да се прошири со земјите што поминуваат низ пристапните преговори, токму на ваков начин како што тоа го прави вашата земја – кажа Мацинка по средбата со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во вилата „Охрид“.
Чешка сака да го сподели искуството од пристапниот процес кон ЕУ
Мацинка порача и дека Чешка е подготвена да го сподели со Македонија нејзиното искуство од пристапниот процес кон ЕУ.
– Нашиот процес за пристапување траеше долго и не беше едноставен, траеше долго. Ние во текот на тој процес не ги направивме сите работи правилно, па имаме многу искуство што можеме да го споделиме, за да не ги повторувате грешките што ние ги направивме. Но низ цело тоа време сакавме да ја промениме нашата земја за да биде членка на ЕУ. Требаше да имаме некој одвнатре што може да зборува со ист јазик, кој има ист поглед кон светот како нас, кој ги разбира работите во ЕУ. Сега ние сме во ситуација кога сме членка на ЕУ и ги уверувам министерот Муцунски и сите други претставници на С. Македонија дека ние сме навистина пријателска земја. Морам да ве уверам дека наша приоритетна цел е да ја видиме С. Македонија во ЕУ што е можно побрзо и подготвени сме да направиме сè што ќе биде потребно. Тоа е битно не само за вас туку и за нас – истакна Мацинка.
Министерот Муцунски напомена дека посетата се реализира во годината кога земјава одбележува 35 години независност, а дипломатските односи со Чешка влегуваат во четвртата деценија, при што посочи дека со чешкиот колега разговарале за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата, инвестициите, миграцијата, како и соработката во културата и образованието, а опфатиле и прашања од безбедноста како сојузници во НАТО.
– Разговаравме за повеќе теми, меѓу кои за продлабочување на политичкиот дијалог, економската соработка, трговијата и инвестициите, миграцијата како тема, но и соработката во културата и образованието. На економски план постои значителен простор за повеќе. Чешката Република веќе се вбројува помеѓу нашите 15 најзначајни трговски партнери, но нашата амбиција е таа соработка да ја издигнеме на уште повисоко ниво. Гледаме конкретни можности за транспорт и инфраструктура, енергетика, туризам, земјоделство и технолошки инвестиции – рече Муцунски. П.Р.
Чешка подготвена да се вклучи во процесот за наоѓање решение помеѓу Македонија и Бугарија
Чешка е подготвена да придонесе во процесот за постигнување решение прифатливо за Скопје и за Софија, изјави вчера чешкиот министер за надворешни работи Петар Мацинка, кој се наоѓа во официјална посета на земјава, додавајќи дека Европската Унија има силен интерес за проширување, а со тоа и интерес последните пречки за напредокот на Македонија да бидат отстранети.
Мацинка истакна дека Европската Унија треба да знае да го вреднува степенот на подготвеност на Македонија за членство, огромната работа што земјата успеа да ја направи, но и отстапките што беше подготвена да ги направи во минатото.
Тој додаде дека Чешка е подготвена да придонесе во процесот и дека сака да разговара за прашањето, нагласувајќи ги добрите односи што Прага ги има со Скопје и со Софија.
Шефот на чешката дипломатија информираше и дека чешкиот премиер Андреј Бабиш планира во следните три недели да ја посети Софија, при што прашањето на спорот помеѓу Македонија и Бугарија би можело да биде една од темите на разговор.
– Јас сигурно ќе сакам да разговарам со него за ова прашање – рече Мацинка.
Според чешкиот министер, целта треба да биде споровите да се надминат и да се постигне решение што ќе биде прифатливо за двете страни. П.Р.


































