Продолжува проектот „Развивање љубов кон уметностите и спортот и други професии преку позитивни примери“ во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип

Третиот час од проектот „Развивање љубов кон уметностите и спортот и други професии преку позитивни примери“ во ООУ „Ванчо Прке“ во Штип, минатата недела продолжи со презентација за оралната хигиена и здравјето на забите.
– Гостинка на часот ни беше Христина Читкушева, докторка стоматолог и сопственичка на ПЗУ,,Методент“ од Штип. Презентацијата имаше теоретски дел во кој им се објасни на учениците дека оралната хигиена е многу битна за здравјето на забите кај децата, а и за целокупното здравје на секој човек. Им беше укажано дека не треба да јадат благи работи, дека подобро е да јадат јаболко, кое им помага на забите да останат здрави. Потоа докторката им демонстрираше како правилно да ги мијат забите и какви четки да користат. На крајот, децата се запознаа со основните инструменти за работа на секој стоматолог. Дечињата беа воодушевени од часот и ѝ поставија многу прашања на докторката – ни рече одделенскиот наставник Миле Алексовски.
Тој дополни дека проектот ќе продолжи и во континуитет низ целата учебна 2022/2023 година.