Фото: Игор Бансколиев

Со години, па и децении, од политичките елити слушаме една иста фраза, дека државата нема капацитет да се справи со предизвиците со кои се соочува, било да станува збор за реформи на политичкиот систем, економијата, образованието, правосудството, енергетиката, борбата против организираниот криминал и корупцијата итн. Но дали навистина државата нема капацитети и кадровски потенцијал или со неа раководат погрешни луѓе без знаење, вештини и без компетентност, односно фигури поставени од врвот на партиите или од лидерот, без мерит-систем и во процедури каде што е игнориран принципот на конкурентност, при што за резултатите одговорноста ја имаат – не кон граѓаните, туку само кон оној што ги поставил или именувал?! Аналитичарите имаат интересни согледувања на оваа тема

Институционалниот капацитет и одржливоста на актуелниот правно-политички систем како повод

Ниту еден посериозен процес во Македонија во овие 30 години не поминал без помош однадвор, било да станува збор за некаква реформа, во доменот на политиката, економијата, образованието, здравството, владеењето на правото и борбата против корупцијата, политички превирања или, пак, за други процеси важни за државата и нејзините граѓани. Иако и народните избраници многу години постојано се активни во проекти на странска обука и едукација (во рамките на дијалогот „Жан Моне“) како да работат и како да носат одлуки во интерес на граѓаните. Истото тоа важи и за правосудниот систем, образованието итн. Но капацитативниот волумен и на институциите и на поединците во државната администрација како да стагнира, назадува или уште полошо, се намалува, а резултатите за одржлив напредок изостануваат.

И носителите на највисоки државни функции не веруваат во себе и во своите институции

Сето ова горенаведено упатува на заклучок дека државата како да нема сопствени капацитети, флексибилни приоди, развојни системи и компетентни човечки ресурси за да се справи со предизвиците. Или, пак, способните луѓе едноставно не можат да дојдат до израз, бидејќи функциите ги запоседнуваат партиски кадри поставени по лидерски клуч, што ни оддалеку не можат да одговорат на предизвиците пред кои е исправена секоја држава.
Фијаското во делот на реформите на администрацијата, во судството, образованието, здравството, инфраструктурата, екологијата, економијата, енергетиката, сега ќе мора брзо да се решава, доколку им сакаме на својата држава и сограѓани одржливост, просперитет и развој во сите општествени сфери. Очигледно е дека ако го сакаме тоа, а досегашниот начин потфрлил, неопходен е друг модел, каде што активно би биле потпомогнати од странски тимови, бидејќи домашни нема или, пак, се полни со партиски кадри што дошле на функција не затоа што така одредил мерит-системот, туку затоа што, според соговорниците аналитичари, „залепиле најмногу изборни плакати или така одлучил партискиот лидер“!?
Најсвеж пример на очигледност каде што самите покажуваме дека во земјава нема капацитет да се заврши со сопствени сили буквално ниту една системска работа се новите недоследности во правосудството и демонстрираната системска корупција, со кои, според нашите соговорници, практично дадовме отворена покана за доаѓањето на американскиот специјален тим за борба со корупцијата за помош, кој треба за да се зафати со расчистување на оваа негативна општествена појава откако Македонија не покажа никаков капацитет, а уште помалку политичка волја за да спроведе една таква операција.
Дури и оние што треба да ги убедуваат и мотивираат македонските граѓани дека сме способни и дека „ќе нè биде“, вовлечени во комодитетот и лежерноста на сопствените функции само констатираат дека ние немаме капацитет да направиме што било сами.
– Македонија нема капацитет сама да спроведе ветинг ако не постои силен мониторинг од Брисел – порача неодамна македонскиот претседател Стево Пендаровски, со што директно потврди дека оние што ја водат, но што и досега ја воделе државата, се неспособни во својата работа да обезбедат квалитетни луѓе за клучните позиции во државата.

Во полза на способните, на штета на полтроните

Факт е дека македонските граѓани со години се наслушаа констатации од типот дека „без камшикар однадвор ние не сме способни ништо да направиме сами“, но клучното прашање што би си го поставил секој човек во оваа држава е по чиј грб треба да удри камшикот, дали врз грбот на оние што 30 години раководат со државата на ист или сличен султан-принцип и притоа градат систем на клиентелизам, корупција, непотизам и партизација или, пак, врз грбот на граѓаните, кои дозволиле и сѐ уште дозволуваат да не се направат длабоки промени во изборот на нивните претставници во власта, со изборни системи што не дозволуваат граѓаните да одберат кој во нивно име ќе ја води државата и од кого ќе бараат одговорност доколку интересот на граѓаните не го стават за приоритет?
Ако перманентно се намалува институционалниот капацитет, тогаш некој сериозно треба да се запраша на што одат милионите евра пари на граѓаните за плати и придонеси на огромната администрација, на големиот број министерства, агенции, институции, кога на крајот сè се сведува на констатацијата дека „немаме капацитет“. За што, тогаш, има капацитет државата?!
Едно треба да биде јасно, капацитетот го прават стручни и компетентни луѓе, кои еднаш засекогаш треба да ги заменат партиските послушници што функционираат врз принципот „нишај врата, земај плата“, без никакво знаење и способност да одговорат на задачите што се бараат од нив. И второ, радикално да се интервенира во системот/законот за избори, за да може да дојдат до израз конкурентноста на кандидатите и нивната посветеност кон граѓанските прашања и благосостојба. Тоа, според соговорниците, за граѓаните „радикално ќе го промени и односот на силите, во полза на способните, на штета на полтроните“.
– Фасцинантно е да се слушаат политичарите во последните неколку години (веројатно и деценија или и повеќе) дека немаме капацитети да се справиме со разни проблеми (од корупција и владеење на правото до елементарни работи – како проверка/„технички прием“ на автобуси и болници… пред да изгорат) или дека „системот не функционира“, а со години (или и цела своја кариера) опстојуваат на државни функции, не поврзувајќи ги тие две работи – дека најверојатно токму тие се неспособните за справување со предизвиците на кои се нафатиле – вели Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Според него, станува збор за многу посериозен проблем, бидејќи во државата ниту функционерите не веруваат дека таа може да функционира самостојно, без интервенции однадвор.

– Сметам дека проблемот е и подлабок – дека големото мнозинство ликови во политичките партии (повеќето или речиси сите), вклучувајќи и на врвните функции во државата (сегашни и бивши), всушност навистина не веруваат дека Македонија може да функционира како самостојна, суверена и независна држава (што всушност беше и референдумското прашање во 1991 година). И кога е така, не може од нив да се очекува да го донесат поттикот („драјвот“) за позитивни промени (како што на пример беше случај во раните 1990-ти, т.е. првата декада од осамостојувањето), ниту да му пренесат таква мотивација на населението. И затоа не изненадува назадувањето на повеќето или на сите полиња и беспоговорното слушање секакви „предлози“ за решавање на нашите проблеми, особено од „меѓународната заедница“, и прифаќање сè и сешто (па и недостојни работи) во име на „светла ЕУ-иднина“ – констатира Кржаловски.
Тој појаснува дека странците цело време ни сугерираат сами да си ги решаваме проблемите, но тукашните функционери очекуваат проблемите да исчезнат сами кога ќе влеземе во ЕУ.
– А всушност, сите странци, дипломати и добронамерници постојано ни укажуваат дека треба сами да си ги решиме проблемите и да заслужиме членство во ЕУ, а не да чекаме ЕУ да нè „спаси“ од сè што нѐ снаоѓа! Но со луѓе што не веруваат во сопствените способности (на државата), не може да се очекува решавање на кој било од крупните проблеми во кои се наоѓаме, а уште помалку долгорочен развој на Македонија – истакнува Кржаловски.
За тоа како вербата во сопствените квалитети и потенцијали води кон успех на државата Кржаловски го посочува примерот со Хрватска.
– Еве, деновиве блиската ни Хрватска, со сите свои проблеми, ни демонстрира што сè може и како треба… од успехот на Светското првенство во фудбал (кое, патем, не им е прво) до влегувањето во Шенген и во еврозоните! Прво, со верба во себе, а потоа и со напорна и систематска работа – заклучува Кржаловски.