ФОРМУЛА 1
- Антонели на утрешната трка во Мексико Сити може да стане најмладиот шампион досега во Формула 1 и првиот италијански возач што ја освоил титулата по пауза од 73 години
Кими Антонели пристигна во Мексико со титулата во Формула 1 во своите раце, а и покрај вирусната инфекција што го држеше подалеку од патеката, тој утре може да биде крунисан за најмлад шампион во историјата на тој спорт, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Антонели ја пропушти медиумската сесија во четвртокот додека закрепнуваше.
За да ја обезбеди титулата и да го собори рекордот поставен од Себастијан Фетел, кој сега е најмладиот шампион досега во Формула 1, на возраст од 23 години, со титулата освоена во 2010 година, Антонели (20) треба да биде барем на деветтото место на утрешната трка (од 21 часот) за големата награда на Мексико Сити, пишува АП.
Антонели изјави дека сака да ја запечати титулата во Формула 1 со уште еден голем резултат, но може да го стори тоа и без да освои уште еден бод, ако некој друг, освен Луис Хамилтон или Џорџ Расел, победи на утрешната трка во Мексико Сити.
– Многу сум возбуден. Би сакал да ја освојам титулата со стил и со одличен резултат. Тоа е начинот на размислување. Тоа е секогаш начинот на размислување и тоа ќе биде од сега до крајот на сезоната. Ќе се обидам да уживам во секој момент бидејќи тоа се моменти што секогаш ќе се паметат – рече Антонели откако ја оствари деветтата победа сезонава, во Тексас (САД) минатата недела, пренесе АП.
Антонели може да стане и првиот италијански возач што ја освоил титулата во Формула 1, по Алберто Аскари, во 1953 година. Мерцедес може утре да ја обезбеди титулата кај конструкторите, првпат од 2021 година, пишува „Асошиејтед прес“.
Во моментов Антонели води на табелата за возачи со освоени 365 бода, а потоа следуваат Расел со 242, Хамилтон со 241, Макс Ферстапен со 236, Шарл Леклер со 233…
Надморската височина од 2.240 метри во Мексико Сити ќе претставува предизвик за учесниците во гранпри-трката во главниот град на Мексико, откако на оваа надморска височина реткиот воздух ги лишува моторите од кислород, што резултира со губење моќност и го отежнува спречувањето прегревање на компонентите на возилото, како што се сопирачките, пишува „Асошиејтед прес“. Н.М.
ПЛАСМАН НА ВОЗАЧИ
Кими Антонели 365
Џорџ Расел 242
Луис Хамилтон 241
Макс Ферстапен 236
Шарл Леклер 233
Извор: Формула 1
































