Во натпреварувањето Формула 1 во следните неколку години, освен сигурноста и перформансите, ќе се подобри и визуелниот впечаток на болидите. Неодамна беше објавена новата студија за тоа како би можеле да изгледаат болидите веќе од 2021 година, а првите графики навистина дејствуваат спектакуларно. Една од главните цели беше како да се вкомпонира новата заштитна рамка околу кокпитот во целокупниот дизајн на болидот.

Резултатите се одлични. Освен самиот визуелен впечаток, новите болиди ќе имаат и неспоредливо подобри аеродинамични својства, што потврди и шефот на Ф1-натпреварувањето, Рос Брун.

– Додека ја работевме оваа студија, примарна задача ни беше да се направи болидот уште подобар на патеката. Кога го велам тоа, мислам на ситуацијата кога болидите се еден зад друг. Кога возачот е за една или две должини зад оној пред себе со денешните болиди се губи околу 50 отсто во брзината. Истражувавме зошто се случува тоа и сакаме да го унапредиме тоа, а можам да кажам дека таа задача ја решивме околу 80 отсто. Друга задача ни е повторно да ги направиме болидите да изгледаат спектакуларно. Сакаме тие да изгледаат подобро отколку во видеоигрите и малите деца повторно да посакаат да ги имаат на ѕидовите – вели Браун.

На Формула 1 со години и се забележуваше дека ја губи визуелната атрактивност, особено со кратењето на страничниот спојлер на болидот и воведувањето на заштитната рамка околу кокпитот, која се покажа, пак, како одлична дополнителна заштита за возачите.

– Зашто да не ги унапредиме болидите во нивниот изглед, кога постојано работиме на техничките детали? Формула 1 претставува врв во авто-мотоспортот и болидите мора да изгледаат сензационално – дециден е Браун.