Светската фудбалска федерација (ФИФА) првпат објави официјален извештај за меѓународните трансфери во женскиот фудбал. Извештајот претставува резиме на целокупните трансфер-активност во женскиот фудбал од 1 јануари годинава, откога Меѓународниот систем за усогласување на трансферите (ИТМС) стана одговорен за трансферите во женскиот фудбал.

Според ИТМС, во периодот до 1 септември реализирани се 577 меѓународни трансфери на фудбалерки, за кои се платени 500.000 долари како обесштетување. Дури 198 клуба од 65 членки на ФИФА биле активно вклучени во меѓународните трансфери на фудбалерките, поголемиот дел од нив во УЕФА. Фудбалерките од САД направиле двојно повеќе трансфери отколку од другите земји во светот.

– Овој извештај многу ни помага да ја согледаме реалната финансиска состојба во клубовите, што е многу важен дел за целокупната женска фудбалска средина. Трансферите во женскиот фудбал досега беа релативно ограничени, а ова што сега се случува е последица на фактот дека пазарот за професионални фудбалерки бележи развој. Постојаните инвестиции од сите засегнати страни во последниве години придонесоа за брзиот раст во женскиот фудбал на сите нивоа. Затоа, ова се јасни знаци дека овие бројки во иднина само ќе растат. Воведувањето на ИТМС испраќа силна порака за поттикнување на понатамошната професионализација на женскиот фудбал – изјавила Емили Шо, шефица на ФИФА за развој и управување на женскиот фудбал, по објавувањето на извештајот на ИТМС.

Во извештајот на ИТМС вклучени се детални информации за видовите на трансфер, потеклото и дестинациите, како и националноста на фудбалерките. Клубовите од Колумбија биле најактивни во ангажирањето странски професионални фудбалерки со реализација на 69 дојдовни трансфери, втори на листата се САД со 63 ангажмани, а трета Шведска со 52 трансфери. Најмногу заминувања имало од клубовите од САД (69), Австралија (48) и од Венецуела (35).