Многу ми е драго што веќе има двајца спортисти од Македонија на ЛОИ, им честитам за нивното обезбедено учество, оти знам какво големо достигнување е и колку е тешко за еден спортист да биде дел од ЛОИ, вели Поп Ацев

ЕВГЕНИЈ ПОП АЦЕВ, ПЛИВАЧКИ МАРАТОНЕЦ

Македонскиот пливачки маратонец Евгениј Поп Ацев (33) на неодамнешното Европско првенство (ЕП) во Будимпешта (Унгарија) настапи во трките на 10 и на 25 км, на кои беше 27-ми, односно деветти. Поп Ацев, кој е трикратен светски првак во далечинско пливање, во светската серија под капата на Светската пливачка федерација (ФИНА), во 2015, 2017 и 2019 година, е кандидат за настап на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, годинава. Тој се надева дека ќе им се приклучи на таеквондистот Дејан Георгиевски и на борачот Магомедгаџи Нуров, кои обезбедија норма за настап на ЛОИ.
– Шанси секако има. Се надевам на пласман на ЛОИ и на тој начин да им се приклучам на Георгиевски и на Нуров. Многу ми е драго што веќе има двајца спортисти од Македонија на ЛОИ, им честитам за нивното обезбедено учество, оти знам какво големо достигнување е и колку е тешко за еден спортист да биде дел од ЛОИ. За да се квалификувам на ЛОИ, потребно е да бидам меѓу првите девет на квалификациите или да бидам прв Европеец по деветтото место. Веќе има 10 квалификувани пливачи и сега од квалификациите треба уште девет, плус еден домаќин и пет прваци од секој континент, што се вкупно 25 пливачи. Трката на 10 км не е моја дисциплина и 25 пливачи е мал број, особено поради тоа што е само една дисциплина. Но јас сум оптимист, ќе дадам сѐ од себе да се пласирам, иако нема да биде лесно.

Колку сте задоволен од пласманот и од формата на трките на ЕП?
– Задоволен сум од пласманот на ЕП, особено од начинот на кој пливав, од формата во која сум, но и каде се наоѓам моментно во однос на другите пливачи. На трката на 25 км имав подобар резултат, но тоа беше очекувано за мене, бидејќи подолгите патеки повеќе ми лежат. Подолгиот маратон е потежок, оти, нормално, трае и подолго, но на 10 км ми беше потешко да се натпреварувам со другите пливачи на ова ЕП. Повеќе одлучувачка беше мојата издржливост отколку брзината и тоа ми помогна да останам во првата група до крајот и на двете трки, а и да напредувам неколку позиции во последниот круг.

Кои се следните ваши настапи?
– Следен настап се квалификации за ЛОИ, во Сетубал, Португалија, на 20 јуни. Првично тие беа закажани за 30 мај во Фукуока, Јапонија, но беа презакажани поради ковид-19. Во зависност од резултатот, ќе видиме кои ќе бидат следни трки потоа. Имам и трки што се по ЛОИ, а кои се дел од СК и од ултрамаратон-серијата, во Охрид, Италија, Израел и во Холандија.

Вашите очекувања во светската серија маратони?
– Се надевам дека ќе се одржат поголем број трки, оти многу беа откажани поради пандемијата. На ултрамаратон-серијата последниве години секогаш одам на победа, а на СК на 10 км да бидам во првите 10 е успех за мене. Но има и можност да нема вкупен пласман годинава поради многу откажани трки.

[email protected]