Декември секогаш предизвикува пријатно чувство и расположение за филмови. Божиќните романтични комедии секогаш се добар избор за овој период од годината. Ви претставуваме листа на божиќни филмови што се добри да ги гледате сами или во друштво. Тоа се филмови за сите што сакаат предвидливи, романтични, духовити и неодоливи филмови за празнично расположение.

„Празничен календар“

Кет Греам се врати на екраните пред две години во романтичната божиќна комедија „Празничен календар“. Иако како актерка многу обожаватели сѐ уште ја паметат од серијата „Дневниците на вампирот“, тешко е да се замисли во ваков жанр на филм. Станува збор за недоволно разработен лик во една клише-приказна. Греам ја толкува Аби Сатон, фотографка што наоѓа прекрасен антички календар, кој сепак е нешто повеќе од само календар. Ѝ предвидува иднина, а со тоа и голема љубовна романса.

„Божиќно наследство“

Слично како „Празничен календар“, оваа романтична комедија е премногу слатка, а глумата е навистина лоша. Забавна и дружељубива девојка (Елиза Тејлор) што сака забави треба да го наследи бизнисот на нејзиниот татко. За да ѝ помогне да ги разбере клучните вредности на компанијата, нејзиниот татко ја испраќа во необична мисија во која ги нема сите придобивки од луксузниот живот. Како што се очекува, од таквата „лекција“ се раѓа љубовен триаголник.

„Нека снежи“

Филмот е базиран на истоимениот најпродаван роман на Морин Џонсон, Џон Грин и Лорен Миракл. Приказната следи група тинејџери, чии пријателства, љубовни животи и семејства се испреплетуваат. Иако не е и никогаш нема да биде божиќен класик, „Нека снежи“ нема да ве разочара со интересната млада екипа и релативно пријатна божиќна акција.

„Божиќен принц “

По објавувањето на Нетфликс, „Божиќен принц“ направи вистински бум кај гледачите. Веднаш по оваа премиера, стриминг-гигантот зачекори посериозно во светот на божиќните приказни, многу слични на филмовите од Халмарк. Заплетот ја следи младата новинарка Амбер (Роуз Мекивер) на која ѝ е дадена задача да направи приказна за озлогласениот принц и женкар Ричард (Бен Ламб). Одејќи во неговиот замок, таа го запознава неговото семејство и, се разбира, на крајот се заљубува.

„Празник во дивината“

Не се сеќаваме дека ја гледавме Кристин Дејвис (ѕвездата од „Сексот и градот“) во филмот пред да се појави во „Празник во дивината“. Тоа е малку поинаков божиќен филм. Откако нејзиниот син оди на колеџ, Кејт (Дејвис) одлучува да оди на нејзиниот втор меден месец. Но нејзиниот сопруг наместо да патува со неа, ја напушта. Таа, сепак, оди во Африка на сафари каде што се среќава со пилотот Дерек Холистон и натаму знаете што следува. „Празник во дивината“ ќе ве опушти со една шармантна љубовната приказна и неколку прекрасни сцени од природата.

„Витезот пред Божиќ“

Ванеса Хаџенс стана ѕвезда на божиќните филмови на Нетфликс, а првиот беше „Витезот пред Божиќ“. Заплетот следи средновековен англиски витез, кој е телепортиран во модерното време во комбинација на волшебни околности. Во свет што не го разбира, запознава професорка во средно училиште по природни науки што е разочарана од љубовта и нивната нетипична врска наскоро се развива во симпатија. Иако е целосно бизарен, „Витезот пред Божиќ“ ни носи добар сооднос на магија, љубов и клишеа што ги бараме во романтичните божиќни филмови.