ИН МЕМОРИАМ

Македонската спортска јавност одново тагува. Прерано престана да чука срцето на младиот талентиран и надежен ракометар на Бутел и младински репрезентативец на Македонија, Марко Божиновски (20).
Секогаш позитивниот, насмеан, енергичен и ведар Марче потекнува од ракометната школа на Металург, каде што како дел од пионерската и младинската екипа стана шампион на Македонија. Божиновски беше дел од кадетската репрезентација на Македонија на Светското првенство 2019 што се одржа во Скопје, а паралелно беше дел и од младинската селекција на Македонија. Последните две сезони го носеше дресот на тимот на Бутел, за кој пред два дена го одигра својот последен меч, на кој беше стрелец на два гола.
Трагичната вест за прераната смрт на младиот и талентиран ракометар, со неверување беше примена во ракометните клубови, кај ракометните работници, ракометарите, ракометарките, кои испратија искрени поздрави за сочувство до блиските и семејството на Божиновски.
„Со длабока тага и неверување ја добивме веста за смртта на нашиот Марко Божиновски. Левото крило имаше само 20 години, последните две сезони беше дел од семејството на Бутел Скопје и настапуваше за кадетската селекција на Македонија. Вчера го одигра својот последен натпревар во кариерата. Марче, почивај во мир, ќе те паметиме засекогаш!“, стои во пораката што ја напишаа од ракометниот клуб Бутел.
„Уште една трагедија ги потресе Металург и македонската спортска јавност. Меѓу нас веќе го нема Марче, Марко Божиновски, кој почина на свои 20 години. Златното дете на Металург, во кој никна и го разви својот раскошен талент. Овде ги мина сите старосни категории, овде го даде и својот придонес во соодветните селекции на Македонија. Последните две години ги мина во екипата на Бутел Скопје, за која вчера го одигра својот последен натпревар и ги постигна своите последни голови. Марко, Металург вечно ќе те памети, твојата младост, твојата ведрина, твојот талент… Почивај во мир. Сочувство до семејството“, напишаа од Металург во последниот поздрав до Божиновски.
„Трагична вест пристигна од Скопје, почина младинскиот репрезентативец Марко Божиновски. Еурофарм Пелистер изразува сочуство до семејството, најблиските и клубот“, напиша битолскиот тим во пораката.
Од Божиновски со порака за сочувство се прости и Ракометната федерација на Македонија.
„Со неизмерна тага и неверување испраќаме последен поздрав за прераната смрт на македонскиот младински репрезентативец Марко Божиновски. Почивај во мир, сочувство до семејството“, стои во пораката на РФМ.
„Почивај во мир, спортски пријателе. Сочувство до семејството“, напишаа од РК Вардар.