Со шестдневна програма, која вклучуваше филмски проекции на отворено, отворен театар на Виничкото кале, изложба, поетска вечер и духовни чествувања, Виница го славеше Павловден во чест на апостол Павле, гласникот што го рашири христијанството и патрон и заштитник на градот Виница. Програмата беше отворена на 8 јули со проекција на домашниот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, додека, пак, следната вечер беше прикажан анимираниот филм „Карирана нинџа“, добитник на наградата „Роберт“ на Данската филмска академија за најдобар филм за деца. Двете проекции се одржаа на отворената сцена пред домот на културата „Тошо Арсов“.
– Лани за павловденското празнување имавме премиерна проекција на филмот „Исцелител“ на отворената сцена пред Домот на културата, а оваа година тоа се случува вторпат со проекцијата на филмот на Теона Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“. Реакцијата на публиката од 150 луѓе беше задоволителна. Има интерес и за реприза. Слично беше и на проекцијата на филмот „Карирана Нинџа“ – вели Јовица Илиев, директор на виничкиот дом на културата.

Како и голем број други градови низ земјава, така и Виница веќе долго време нема функционална киносала, но големиот интерес на виничани за филмската уметност ги поттикна општинските власти да направат напори за враќање на некогашната киносала во функција следните година-две. Реконструкција, внатрешно уредување и опрема за проекции, според пресметките, би чинело околу 200 илјади евра.
– За да го заживееме филмот направивме проект за реконструкција и внатрешно уредување на киносалата во нашиот град. Аплициравме пред европските фондови со прекуграничен проект со општината Банско. Сѐ уште ги очекуваме резултатите. Овие денови завршува и постапката што ја објави Министерството за култура. Аплициравме и таму. Се надеваме дека ќе добиеме средства да се уреди салата, кои, инаку, би било тешко да ги обезбедиме од општинскиот буџет – истакнува градоначалникот на Виница, Ивица Димитров.

Во средата пред виничкиот музеј „Теракота“ беше отворена изложба на стари фотографии од Виница и Виничко, од кои најстарите потекнуваат од почетокот на 20 век. Има фотографии уште од турско, потоа од периодот меѓу двете светски војни, од поновото време, од виничката архитектура, стопанство, земјоделство, образование, здравство, стари семејства, носии… Од саботата изложбата е пренесена во изложбениот салон на Домот на културата, а ќе биде отворена до 19 јули.
– Изложбата е насловена „Виница и Виничко низ фотографии“. Содржи околу 80 црно-бели и колор-фотографии. Има и од архивата на музејот и од граѓани што ги донесоа. Најстарите фотографии се од почетокот на 20 век. Има фотографии од Виничкото кале пред да почне да се истражува, од куќата на Ќазим-бег, која денес е доста оштетена, па се работи на проект за нејзина реконструкција – вели Јулијана Иванова, директорка на музејот „Теракота“.

Имаше и концертна промоција на новиот албум на групата „Филч“, а Игор Дамјанов-Марадоната настапи со монодрамата „Страстите на Илија“, се одржаа поетска вечер со поетот, преведувач и колумнист, Тихомир Јанчовски, и концерт на „Чалгии саунд систем“.