Многу традиционални умерени партии во Европа ја присвојуваат агендата на радикалната десница за да ја поразат. Но ланските избори во повеќе држави ги откриваат проблемите од таквиот пристап

По одржувањето на холандските парламентарни избори во март 2017 година, премиерот Марк Руте триумфално изјави дека „добриот популизам“ го порази „лошиот популизам“, тврдење што со ентузијазам и некритички се пренесува во медиумите низ светот. Тоа го потврди општо познатиот факт дека најдобар начин да се порази популистичката радикална десница е да се усвои умерена верзија на нивната агенда додека се игнорира самата партија.

Малкумина обрнаа внимание дека изјавата на Руте се сведува на сомнителна емпириска основа. Во споредба со изборите од 2012 година, Руте всушност многу загуби (-5,2 отсто) додека Слободарската партија (ПВВ) на Герт Вилдерс забележа подобар резултат (+3 отсто) и притоа на неа ѝ се приклучи новата ултрадесничарска партија Форум за демократија (ФВД) со 1,8 отсто, така што нивниот заеднички резултат изнесува 14,9 отсто. Тоа е помалку од еден отсто пониско од највисокиот резултат од 15,45 отсто на ПВВ што го оствари во 2010 година.

Три избори од 2018 година прикажаа многу повеќе за фактичката ситуација околу тоа како најдобро да се одговори на радикалната десница. Во Шведска, подемот на шведските демократи не беше спречен на парламентарните избори што се одржаа во септември, и покрај тоа што умерената десница, Партијата на умерените дури, па дури и умерената левица, социјалдемократите, направија значајно свртување кон десно. Лош резултат забележаа умерените (кои загубија 3,5 отсто од нивниот гласачки удел) и социјалдемократите (кои загубија 2,8 отсто) додека шведските демократи беа најголемите победници со тоа што завршија на третото место со 17,5 отсто, што претставува зголемување од 4,7 отсто.

Резултатите беа речиси слични во многу очекуваните локални избори во Баварија каде што Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) практично ја копираше агендата на популистичката радикална десница Алтернатива за Германија (АФД) исто како што направија со онаа на републиканците на почетокот од 1990-тите. Всушност, регионалната борба на ЦСУ со АФД ја наруши и она веќе ослабената Голема коалиција во Берлин, со тоа што водечките политичари на ЦСУ постојано ѝ се спротивставуваа на „нивната“ канцеларка Ангела Меркел во Берлин и во Брисел.

Како што со месеци покажуваа анкетите, тоа не го спречи подемот на АФД ниту падот на ЦСУ. По децении поминати на власт, ЦСУ го загуби парламентарното мнозинство и 10,5 отсто од нејзиниот гласачки удел што е загуба од 22 отсто споредено со народната поддршка од 2013 година. АФД влезе во баварскиот парламент на нејзините први избори со 10,2 отсто од гласовите на народот што не е само помалку од неколкумесечните предвидувања во анкетите, туку исто така два отсто помалку отколку што партијата освои на федералните избори во Баварија.

На крајот, во не толку медиумски експонираните локални избори во Белгија, „демократско националистичката“ Нова фламанска алијанса (НВА) многу загуби, покрај тоа што се сврти кон десницата и фокусот беше на антидоселеничката политика, а во преден план во кампањата го стави и цврстиот (и народен) државен секретар за азил, доселување и административно олеснување Тео Франкен.

Истовремено, популистичката радикална десница Фламански интерес (ВБ) се врати од мртвите откако ја насочи својата кампања против „безопасниот“ Франкен, па така забележа најдобар резултат по многу години. Иако разликата меѓу локалните и парламентарните избори секогаш треба да се третира со огромно внимание, локалните избори покажуваат можен голем пораз на НВА и победа за ВБ на следните избори закажани за годинава, со тоа што Белгија ќе одржи истовремени локални, парламентарни и европски избори во мај. Неодамнешното повлекување од федералната влада од страна на НВА поради спорниот, но необврзувачки договор од Маракеш многу малку ќе влијае за да го спречи тоа.

Дали може да се извлече поука од трите најважни избори во 2018 година? Прво, популистичката радикална десница сè уште е во подем во Западна Европа. Второ, водечките партии што ја усвојуваат популистичката радикална десничарска агенда, дури и ако ја изземат партијата, сепак губат на изборите. Трето, фокусирањето на социокултурните прашања, како што се доселувањето и, во помала мера, европската интеграција, не им помага само на популистичката радикална десница, туку и на зелените, кои беа втори најголеми победници во Баварија и во Франција.

Дали ова значи дека гласачите го претпочитаат оригиналот наместо копијата, како што Жан-Мари Ле Пен имаше изјавено во 1990-тите? Не мора да значи дека е така. АФД и СД имаат помал рејтинг отколку што имаа пред неколку месеци, а да не зборуваме за при крајот на 2016 година, кога со европско-турскиот договор се реши таканаречената „бегалска криза“. Некои бранители на стратегијата за усвојување на десничарската агенда тврдат дека ќе имале подобри резултати ако водечката десница (и понекогаш левицата) не се свртеле толку нагло кон радикалната десница.

За жал, ова е тешко да се оспори. Турскиот договор за „справување со доселувањето“ јасно го намали проблемот што генерално води до намалување на поддршката за популистичките радикални десничарски партии, кои главно се противат токму на овој феномен. По истата логика, фокусирањето на изборните кампањи на прашањата со кои се занимава популистичката радикална десница и користејќи ги нивните рамки (односно доселувањето како закана) ќе ги нагласи нивната важност и моќ. Дури и поантидоселенички став нема да натера некои од гласачите да се откажат од центристичката десница и да го дадат гласот за радикалната десница, а многумина од гласачите не се само нативисти, туку и популисти, не веруваат во големите партии и поради тоа не сакаат да ја заменат радикалната со обичната десница.

На крајот се сведува на тоа дали прашањето е или треба да биде морално.

Копирањето на прашањата и рамките од популистичката радикална десница води до популистички радикални десничарски дискурси и политики без разлика дали се усвоени од популистичките радикални партии или од големите партии. Ова исто така е лекција од Холандија каде што изземањето на политиките на ПВВ не ја спречи главната десница уште повеќе да ги зајакне доселеничките и интеграциските политики.

Претпоставувајќи дека сè уште се смета дека гласникот и пораката се закана по либералната демократија, „добриот популизам“ истовремено е емпириски и нормативно погрешна стратегија за бора против „лошиот популизам“.