Здрава храна

Есента е сезона за тиквата. Меѓу зеленчукот, тиквата е шампион по содржината на железо, бакар и флуор, содржи калиум, калциум, манган, цинк кобалт, силициум. Богата е со пектини, шеќери, витамините Ц, Е, витамини од групата Б и каротин. По содржината на каротин, тиквата е побогата дури и од морковот. Благодарение на високата содржина на калиум, тиквата ја подобрува работата на срцето, ги зацврстува крвните садови и ги намалува отоците, па затоа тиквата е идеална храна за луѓе што страдаат од кардиоваскуларни болести.
Ако имате болен црн дроб, тогаш треба да се консумира многу тиква, и тоа сурова, неварена. Ако сурова не ви е вкусна, тогаш комбинирајте ја со мед, ориз, просо или гриз. Варената тиква особено е полезна за оние што имаат проблем со киселини во желудникот. Лекарите препорачуваат тиква во исхраната на болните од чир на желудникот и дванаесетпалечното црево, а полезна е при гастритис. Во сите случаи се препорачува пиење сок од тиква. Сокот од тиква ги зацврстува забите и штити од кариес. Тиквата е многу корисна за лицата што патат од анемија, едноставно затоа што тиквата ги содржи сите минерали што учествуваат при создавањето на крвта, а тоа се железото, кобалтот, бакарот и цинкот. Тиквата е најдобриот природен диуретик.