Фото: Маја Јаневска-Илиева

Реките главно се загадени како последица на антропогеното влијание, односно активностите на човекот, непрописното отстранување на цврстиот отпад, дивите депонии во нивната близина и непрописното пуштање на отпадните води без никаков претходен третман од објекти од малото стопанство, кои немаат пречистителни станици, како и употребата на пестициди и вештачко ѓубриво во земјоделството. Со поставувањето повеќе пречистителни станици низ Македонија, би се намалило хемиското загадување на реките, а тоа би донело нов живот за нив

Реките во Македонија во минатото биле карактеристични по нивната кристално чиста вода, која била особено примамлива кога ќе завладеат летните горештини. Но таа слика денес е заменета со матната боја на водата и нечистотијата на реките. Реките се релативно чисти на почетокот на нивниот тек, додека квалитетот на водата се разликува во нивниот горен и долен тек, што се должи на близината на населените места. Токму затоа експертите се согласуваат дека е потребна поголема контрола, како и повеќе пречистителни станици кога станува збор за отпадните води. Центарот за јавно здравје – Скопје во согласност со Националната годишна програма за јавно здравје, врши континуиран мониторинг, евалуација и процена на здравствено-еколошкиот ризик на квалитетот на водата во реките на места и локалитети што се користат за спорт и рекреација, за наводнување во земјоделството и за риболов, како и квалитетот на водите за капење и рекреација во затворените и отворените базени на територијата што административно ја покрива.
– Ваквата реализација на активностите се одвива преку вршење санитарно-хигиенски увиди и земање примероци за физичко-хемиска и бактериолошка анализа на водата. Примероците од водата од реките се земаат еднаш месечно, од февруари до ноември, од 12 мерни места. Од шест мерни места на Вардар – мостот во Сарај, мостот во Влае, Камен мост, Сајмиште, ОХИС и Трубарево, од четири мерни места на Треска – под браната на езерото Матка, Кривина, СРЦ „Сарај“ и пред таложникот на езерото Треска, од едно мерно место на реката Лепенец – влив во Вардар и од едно мерно место на реката Пчиња – мостот во Катланово, односно 70 примероци годишно и 35 санитарно-хигиенски увиди – вели Пеце Симјаноски, шеф на отсекот за комунална хигиена од Oдделението за хигиена и здравствена екологија.

Реките главно се загадени како последица на антропогеното влијание, односно активностите на човекот, непрописното отстранување на цврстиот отпад, дивите депонии покрај нив и непрописното пуштање на отпадните води без никаков претходен третман од објекти од малото стопанство, кои немаат пречистителни станици за одведување на отпадните води, комуналните отпадни води од домаќинствата во населените места, како и употребата на пестициди и вештачко ѓубриво во земјоделството.
– Поради сето тоа, потребно е да се унапреди квалитетот на реките и да се избегнуваат здравствените ризици, загадувањето на подземните води, кои подоцна преку бунари и каптирани извори и јавни чешми се користат како вода за пиење. Но, за жал, благодарение на несовесните граѓани, имаме отпадни води што не се прочистуваат и поради тоа настанува загадување на водите – вели Симјаноски.
Извештаите од извршените анализи покажуваат дека според уредбата за класификација на водите, нормативите, законските и стручни прописи за квалитетот на водата во реките, примероците од водата во однос на прописите за бактериолошка анализа одговараат на четврта класа, како резултат на загадување на водата во реките со бактерии од фекално потекло (ешерихија коли и колиформни бактерии од фекално потекло), додека во однос на прописите за физичко-хемиска анализа, одговараат на трета, четврта и петта класа, како резултат на зголемени концентрации на хемиски загадувачки материи, што значи дека не се употребливи за ниедна намена.
– Реките во Македонија во долниот тек се од четврта и од петта класа, односно тоа значи дека тие не можат да се користат за ниедна намена, ниту за наводнување на културите, ниту за рекреација на луѓето. Голем дел од реките се бактериолошки и хемиски загадени, поради непрочистените отпадни води во кои има хемикалии – вели д-р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје, додавајќи дека фабриките, за среќа, имаат свои пречистителни станици, така што во изминатите години нема многу индустриско загадување.

Што се однесува до пристапот на населението до санитација, односно до канализација во Град Скопје и во единиците на локалната самоуправа, според доставените информации, може да се констатира дека постојат пречистителни станици во поединечни општини, како резултат на активностите на ЈКП (Водовод Илинден, СЦГ Мирковци, Гази Баба, Петровец и други). Тоа е решение за крајна диспозиција, односно одведување на отпадните води и приклучување на населените места на канализациската мрежа на ЈКП. Во некои единици на локалната самоуправа во тек се активности, како што се проекции, планови, изработка на студии за финансирање, проектирање и изградба на пречистителни станици за комуналните отпадни води. Но, за жал, висок е процентот на населението што сѐ уште нема пристап до канализациските мрежи и отпадните води ги одведуваат во септички јами.
– Постојат заложби на државата за изградба на нови станици за прочистување на комунални води, кои од година на година сѐ повеќе ги имаме. Пред шест години, во Македонија комуналниот отпад се прочистувал само кај 12 и пол отсто од населението, а денес тој процент изнесува 28 отсто. Тоа се големи финансиски вложувања и голем број градови ги почнаа првите чекори за изградба на пречистителни станици за комунален отпад – вели Кочубовски.
Со изградбата на овие станици, прочистувањето на отпадните води ќе порасне на 75 отсто и тогаш ќе се добие една сосема друга и поинаква слика за реките. Со поставувањето на повеќе пречистителни станици низ Македонија, би се намалило хемиското загадување на реките, а тоа би донело нов живот за нив.
– По изградбата на пречистителните станици, ќе има големо подобрување на водите. Некои од нив се финансирани и од Европската Унија.

Еден од критериумите е и квалитетот на реките да биде задоволителен според Директивата за води, која е пресликана кај нас во Уредбата за класификација на водите. Исто така, ние не треба да испуштаме загадени отпадни води кај соседите, односно во Грција. За среќа, голем удел во ова имаат пречистителните станици во Куманово и во Гевгелија, така што не испуштаме загадени води преку Вардар. Доколку сме членки на Европската Унија, поради тоа би плаќале пенали. Така што, се доближуваме до оние барања што ги поставува ЕУ, кои се битни за нас, за секојдневниот живот и за здравјето на луѓето – објаснува Кочубовски.
Тој се надева дека откако ќе бидат изградени пречистителните станици во што повеќе градови низ кои поминува Вардар, можеби наскоро ќе ја вратиме реката во состојбата кога луѓето можеле да се рекреираат и да се капат во неа, односно дека до 2030 година ќе добиеме поинаква слика кога станува збор за најголемата македонска река.

[email protected]
Со оваа сторија, весникот „Нова Македонија“ се приклучува кон кампањата „Разбистри сѐ“, што ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансирана од британската амбасада во Скопје.