Фото: Игор Бансколиев

Поранешниот посредник на ОН, Метју Нимиц, е категоричен во ставовите дека посебноста на македонскиот јазик е светски признаена и потврдена во Обединетите нации и дека идентитетот не може да биде предмет на никакви преговори. Слични пораки претходно испратија и претседателите на Словенија, Хрватска и на Австрија и редица други светски политичари и функционери

Специјалниот пратеник на ООН со jасна порака до Бугарија

Во време кога во Бугарија владее неизвесност дали ќе биде формирана нова влада или, пак, земјата ќе оди на повторни избори, пораката што меѓународната заедница ја испраќа до официјална Софија во однос на блокадата на Македонија е дека за македонскиот јазик и идентитет не може да се преговара.
Ваквите пораки доаѓаат откако претходно сите бугарски политичари најавија дека нема да отстапат од тврдата позиција без оглед на колкав притисок да бидат подложени, што говори дека Софија е решителна во намерата за целосно редефинирање на македонскиот идентитет, јазик и историја.
Во меѓувреме, од Европа и светот сè погласни се повиците до Софија да не ја условува Македонија со барања што немаат никаква допирна точка со европските критериуми.
Деновиве се огласи и поранешниот посредник во спорот меѓу Грција и Македонија околу разликите за името, Метју Нимиц, според кого македонскиот јазик е светски признаен и потврден, а идентитетот не може да биде предмет на преговори.
– Посебноста на македонскиот јазик е светски признаена и потврдена во Обединетите нации – вели поранешниот посредник за спорот за името Метју Нимиц.
Притоа тој додаваа дека идентитетот и јазикот не беа дел од Преспанскиот договор. Според него, идентитетот не може да биде предмет на никакви преговори.
– Не можете да преговарате за тоа. Меѓу Грција и Северна Македонија имаше внатрешни чувства и сè уште има. Луѓето во Северна Македонија се емотивни за тоа и луѓето во грчкиот регион Македонија сè уште се емотивни. Не се водите од емоции, но можете да постигнете договор како разговарате за тоа, како го артикулирате тоа, со почит кон различните мислења за сензитивни историски или емотивни прашања – нагласува Нимиц.

Слични пораки претходно испратија и претседателите на Словенија, Хрватска и на Австрија, дека не смее да се задира во интимните обележја на еден народ, што е само потврда дека меѓународната заедница испраќа сигнал до идната бугарска влада дека треба да ги преиспита своите позиции во врска со блокадата на Македонија.
– Бугарите се многу свесни за тоа што го бараат. Знаат тие дека прашања од типот идентитет, јазик, историја не се преговараат, но поради дадени околности и поради нивно историско долгорочно верување дека еден ден Македонија мора да биде бугарска, тешко се откажуваат – вели универзитетскиот професор Живко Андревски.
Тој додава дека меѓународната заедница испраќа јасни пораки до Бугарија дека она што го бара е апсурдно.
– Во овој случај Бугарија е осамена, што не беше случај со проблемот со Грција. Тогаш зад Грција застанаа речиси сите членки на ЕУ. Сега притисокот е насочен врз Бугарија во смисла да почнат преговорите, особено што сме во пакет со Албанија. Бугарија ги прима тие пораки од меѓународната заедница и знае што можат тие да произведат во смисла на нејзино издвојување од тоа јато во кое припаѓа и треба да припаѓа, па ќе видиме како ќе се однесува во следниот период – појаснува Андревски.
Според него, преговорите со ЕУ за Македонија ќе бидат долги и мачни, бидејќи ние како општество ги немаме постигнато стандардите во повеќе сфери.

За професорот по меѓународно право и научен советник на Универзитетот во Белград, Игор Јанев, какви и да се изјавите од ЕУ насочени кон Бугарија, во основа Брисел не сака да внесува проблеми во Унијата.
– Со Договорот за добрососедство и соработка, Бугарија доби основа за „спор“ и решавање „спорни прашања“, бидејќи ние се согласивме сами (со потпис и ратификација) дека спорот постои и дека треба да се реши. За ЕУ е битно да не увезува конфликти и таа не се занимава со природата на спорот, туку само констатира дека спорот е решен или не е решен. Така бугарските уцени станаа услови на ЕУ, односно добивме безизлезна ситуација (проблем без решение), од која може да се излезе само со еднострано дипломатски раскинување на Договорот со Бугарија – смета Јанев.