Постои голема шанса вештачката интелигенција и роботите да ги заменат луѓето на најразлични работни места, но пропорцијата во која тоа ќе се случи е многу помала отколку што претходно се очекуваше. Студијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) вели дека луѓето во сегашноста немаат никаква причина да бидат загрижени дека работното место ќе им го земат роботите, но таа опасност постои за сегашните тинејџери. Резултатите на истражувањата покажуваат дека само за 14 отсто од работните места во земјите што членуваат во ОЕЦД постои можност да се автоматизираат, односно постои шанса робот да го замени човекот на таа позиција. Претходните студии покажуваа дека овој процент е многу поголем и дека за неколку децении роботите со вештачка интелигенција би ги уништиле и би ги презеле повеќето од половина од работните места на луѓето.
Можноста за автоматизација најчесто е концентрирана на работи и на работни места на кои се работи механички како што е хигиена, обработка и приготвување храна, составувачи на делови во фабрики и во земјоделството. Студијата на ОЕЦД покажа дека поголемиот дел од работните места би било многу тешко да се автоматизираат и роботизираат, бидејќи тие бараат способност ефективно да се влегува во комплексни социјални односи, вклучувајќи грижа за луѓето како индивидуи или препознавање културни разлики и способност за извршување физички задачи во неструктурирана работна средина. Една од авторките на студијата, Гленда Квинтини, вели дека при изработката земени се предвид и разликите во работните места со ист назив. Таа посочува дека посветено е внимание и ставен е фокус на работата на индивидуалецот на работното место, а не на називот на работата. Како пример може да се земе разликата помеѓу автомеханичар што работи во сопствен сервис и автомеханичар што работи во голема фабрика за автомобили.
Тие имаат ист назив (автомеханичар), но вршат многу различни и специфични задачи. Шансата машина да го замени автомеханичарот што работи во сервис е драстично помала од таа машина да го замени оној што работи во голема фабрика. Исто така, оваа студија доаѓа до сериозни заклучоци дека работните места во земји во кои се говори англиски јазик, во земјите во Скандинавија и Холандија не се под голема закана од роботите, додека за работните места во Источна и во Јужна Европа, како и во Германија, Чиле и Јапонија има простор да се „роботизираат и автоматизираат“. Квинтини смета дека шансата за автоматизација во Германија не е поголема само поради тоа што таму секторите за масовно производство се огромни, туку и поради разликата во задачите што ги вршат работниците со слични занимања.
Како пример може да се земе работник во Норвешка што работи на место што веќе се приспособило на високонапредните технолошки промени и работник во Германија што го изгубил работното место поради истите тие напреднати технологии. Како решение за овој проблем, се гледа во преквалификација на кадрите и преоѓање на работи места што се со помала шанса да е роботизираат во иднина. Истражувањето вели дека во европските земји, околу 40 отсто од сите работници во својата кариера направиле барем една професионална преквалификација, а во денешно време таа секогаш е во насока на тоа новото работно место да биде со низок ризик за да го преземе вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција и роботите се потенцијален проблем на идните генерации. Под закана се оние тинејџери што работат на места што може да се автоматизираат, како на пример продавачи и келнери. Во развиените земји постои тренд во кој работните места на кои најчесто работат тинејџери и млади луѓе се во сериозно опаѓање и нивната автоматизација во блиска иднина е неминовна. Иако процентот на работни места што може да се автоматизираат е далеку помал од претходно очекуваниот, сепак тоа се бројки што не смее да се занемарат: 66 милиони работници во 32 земји (податоци од земјите што ги покрива оваа студијата на ОЕЦД). Дополнително, уште 32 отсто од работните места веројатно ќе имаат значителни промени што ќе бараат од работниците и од работодавците да се приспособат на условите. Работните места што би се автоматизирале во најблиска иднина се оние што бараат само основно или средно образование. Креирањето работни места секогаш е поголем предизвик од нивно уништување. Во нашата држава постојат фабрики што вработуваат работници што потенцијално би можеле да се заменат со роботи, но ваквиот тренд и промена не се очекуваат во Македонија во блиска иднина.