Сакав да пишувам за коњите… Всушност сакав да пишувам за нешто убаво и благородно, истрајно и слободно, нешто што (треба да) е човечка специфичност и придавка на неговото постоење. Навидум гордeливо, но многу повеќе од тоа. Нешта што изгледаат полесно ги „носат“ коњите, оние дивите.
А дека човек може гордо да звучи, сум учел, но (почесто) гледам понизни што гордо глумат, бев напишал еднаш во песна, но овде не ѝ е место на поезијата туку на она што неа ја провоцира, меѓу другото и голотијата на општествената стварност и нејзиниот (бес)срам како антипод на голата убавина. Поезијата, како и секоја уметност го облагородува човекот зашто го учи поинаку да гледа на стварноста, а гледајќи поинаку, тој реагира и дејствува поинаку, со надеж дека ќе ја облагороди. Но понекогаш човек се преморува од прозаичноста на стварноста, од туѓиот срам и од повторувачкиот танц на историските и на постојните неправди.
Доволно е само да се набљудува маратонот на предреферендумски танци на домашните политички „танцувачи“ (сите политичари се по малку танцувачи, ќе забележи Кундера) и странските збратимени инструктори по „танцување“, па човек да заборави на поезијата, на коњите и на гордоста и барем накратко да ја заборави смислата за убавото и за благородното, да го изгуби здивот на силата и да го порази рамнодушноста. Едноставно, да се премори. А човек се преморува, многу полесно одошто се чини. И не само од нив.
Се преморува од бескрајните заведувања, изнудувања, заплашувања и уценувања да се изјасни за она што веќе јасно го кажал уште пред дваесет и седум години, а да молчи за она што на сопствена кожа сето време го трпел по различни основи, да добие работа, да ја задржи или да не ја загуби или да добие, да задржи и да не изгуби место во редот, праведна цена, судски предмет, унапредување, душевен мир…
Згора на сиот умор, на крајот на овој септември (уште и најскап месец во годината), треба на грб да пренесе и еден неславен тројански коњ, „даруван“ во Преспа, а уште (неубедливо) воспеван од домашните лицитатори на „златното теле“ како своевиден фантастичен полиплоиден коњ (постои приказна за овој суперкоњ, неодржлива творба родена од претераното воодушевување на ГМО).
Натоварен уште со сите изминати изневерени очекувања и бесцелно истрчани маратони меѓу два избора и датуми за влез во ЕУ или во НАТО, а најмногу за излез од општествената беда и безизлез, тоа е навистина уморен човек со „голем умор, како оној кај коњите…“ – вака почнува една песна и така можеби привршува една наша доба на постоење како држава. Како преморен коњ, препнат од сопствените јавачи, дури за виновник се посочува лошата конфигурација на теренот. Во македонскиот „епитаф“ ќе запишат: „Едноставно, конкретната држава, за жал, не ја издржа многу тешката конфигурација на теренот…“ Таков беше оној што ја појасни смртта на несреќниот коњ за време на снимањето „До балчак“, кој требало само да се успие, но поради преголемата доза и покрај сите предупредувања, пцовисал. Па, така, наместо да глуми мртов, уверливо бил мртов, иако во официјалниот извештај стои дека за време на снимањето на филмот имало постојан надзор (од ветеринар) и за животните се грижеле високостручни лица. Истото чувство го имам и сега кога сме под постојан надзор и за нас се „грижат“ високостручни лица. Приказната е доведена „до балчак“, а противправната и противуставна вакцинација со договорот, но и без него (а и пред него) е прекумерна, а Уставот пред пцовисување.
Но сакав да пишувам за коњите, а не за високите претставници на меѓународната заедница што доаѓаат како на хиподром да ја бодрат Македонија да го истрча последниот (последен?) круг небаре е тркачки коњ, а истовремено да го изведе тоа со леснотија и пожелно горделиво, небаре професионален танчар…
Можеби се сеќавате на оној незаборавен филм на Сидни Полак „И коњите ги убиваат, зар не?“ снимен според истоимениот роман на Хорацие Мекој. Мотивот на романот (и филмот) е промоцијата на танцувачките маратони за време на Големата (економска) депресија во Америка, во триесеттите години на претходниот век, која по себе ги влече и сите други депресии. Зад фасадата на маратонскиот танц се одвива гротескна драма на очајници. Следбеници на гладијаторските борби, а претходници на денешните реални шоуа, танцувачките маратони биле последна „шанса“ за многумина од општественото дно. На победниците им се ветувани пари и бесплатна храна.
Очајните времиња бараат очајни мерки, но плодовите не паѓаат подалеку од очајот. Преку говорот на танцот, на подиум поставен од шпекуланти, се одигрува шоу за профит наплатен од спектаторите (гледачите), шоу во кое и буквално се умира од премор и исцрпеност или танцувачите се исклучуваат при допир на колено со подот и му се враќаат на очајот. Танцувачите се партнери само по нужност. Зборуваат за својот очај, но не го слушаат оној на другиот. Истиот очај ги носи на подиумот, но разделени со расчовечената борба за наградата, која не е ниту она за што се прикажува. Таа е безмалку ништо, по сите неспоменати одбитоци и трошоци на организаторот на шоуто, кои ги плаќаат само оние што издржуваат до крајот и победуваат, односно губат последни. Конечните добитници на маратонот остануваат непознати, најпосле тоа не е ни важно, веројатно затоа што и не постојат такви на подиумот. Сите се еден вид губитници во играта што е само привид на танцување и во чие слегување до дното на дното уживаат само спектаторите, оние чија беда се чини поподнослива пред онаа што танцува на подиумот. Зошто го раскажувам сево ова?
Маратоните биле (се) метафора за илузорноста на американскиот сон. Не само на американска почва, туку секаде каде што стигнува извозот на американскиот сон и американскиот капитализам. Македонија не е исклучок, напротив, „прекрасно“ се надоврзува, а таа самата е подиум за „танцување до смрт“, во шоу во кое услов(е)ниот „победник“ губи речиси сѐ, плус трошоците што уште не му се ни познати. Филмот уште „ни зборува“ на јазикот на сензацијата, понижувањето и корпоративните интереси. Последниве се причина за првото, по цена на второто, односно, геостратегиските интереси, кои се ништо друго но голи корпоративни интереси, тие се основната причина за сензационалната поддршка на договорот, во која националното понижување е „само“ колатерална штета во билансот на успех на водачите на шоуто.
Романот и филмот почнуваат и завршуваат со убиство како чин на милосрдие. На почетокот е убиен коњ со фатална скршеница, а на крајот е убиена танчарка (несудена победничка) со фатално скршен дух. И денес коњите со фатални скршеници се „успиваат“, како и многу луѓе, последните по сопствена желба (евтаназија) или поради смртна казна. Се „успиваат“ и водачи и движења, ентитети и идентитети… Не по своја желба, а поради туѓа, помалку видлива и корпоративна. Но нема пострашна слика од онаа на скршениот дух. На човек или на народ, сеедно.
И како што филмот шпекулира со моралната оправданост на таквиот чин, така и референдумската кампања шпекулира со оправданоста на договорот со кој му се крши ’рбетот на македонскиот народ, но не како чин на милосрдие или незнаење, туку со (не)јасна предумисла. Но македонскиот граѓанин не е спектатор, туку вистински „танцувач“ на подиумот на егзистенцијата, несомнено преморен од безумниот спор и оспоруваното достоинство, но и од низа други безумности што го фрлија на колена.
„Трикот“ на американскиот сон е во „догматската“ верба за мобилност на скалата на успехот, па секој неуспех се припишува исклучиво на личната неспособност, но не и на вградените дефекти на економскиот систем, верување што ги оправдува растечките нееднаквости на американскиот капитализам. Сличен е трикот за успешна мобилност на „втората“ страна во ЕУ и во НАТО, со дополнителен трик ЗА референдумот. И додека „мирот“ на НАТО е уште жив кошмар за многу земји, во ЕУ сепак не се стигнува со трикови, туку со многу работа дома. Затоа и триесетти септември не е судбински крстопат, но може да биде судбоносен.
На пет дена пред референдумот ја препрочитувам мојата првообјавена колумна „Крстопати“ во „Нова Македонија“ (пред нешто повеќе од пет месеци) и сметам за соодветно да ја затворам денешната со цитат од истата таа:
„Како општество и како народ исправени сме пред крстопатот на нашето (пре)именување. Од нас се бара (со сета непристојност) да го заложиме (неповратно) името на нашето историско постоење и духовно помнење, душата на нашиот идентитет и пред сѐ – она малку човечко достоинство што ни преостана по големото отуѓување на капиталот (со неуспешната приватизација), меѓусебното отуѓување (со партизацијата и етнизацијата на трудот), а најпосле и отуѓувањето од самите себе (со неолиберализацијата на сите вредности). Исправени сме, можеби за последен пат, пред тестот на зрелоста, како народ и граѓани на оваа земја. Можеби е крстопат за вистински одлуки, но со лажна трговија за поубав и побезбеден живот, кој ќе настапи само по себе и во свое време, небаре пролет. А можеби е лажен крстопат, со вистинска опасност од ’ѓаволска’ трговија. Како и да е, се наоѓаме на некаков крстопат.“
Временската дистанца е премала за сериозен осврт кон истата таа, но едно сепак би променил – би ги избришал заградите во цитатот. Она што тогаш се навестуваше и насетуваше како флерт и стројникување на меѓународната заедница, сега се извикува и личи на адолесцентен притисок за изнудување „љубов“ пред ветениот „брак“, а непристојниот предлог ѝ се испорачува на Македонија како закана за откажување на „љубовта“ ако не се „дадеме“ во целост. Тоа е не само непристојно, туку и навредливо.
За крај, нешто сосема незадолжително и лично, каков што впрочем се именува и самиот референдум (незадолжителен) и одзивот на него (нешто лично).
На 30 септември сум на планина. Оттаму нештата се гледаат појасно и поубаво. Имам многу причини ЗА таму: по трагите на убавината и благородноста, истрајноста и слободата и нешто што само изгледа горделиво, но е повеќе од тоа. ЗА зборот човек да звучи достоинствено. И едно ПРОТИВ недостоинствени решенија.
Ќе се искачам пред да ги отворат гласачките места и ќе се симнам откако ќе ги затворат. Можеби на планина ќе сретнам неоседлани коњи да ми ја нахранат вербата во нештата што толку лесно ги носат. А можеби ќе те сретнам и тебе читателе. Најпосле од тебе зависи каде ќе изгрееш…
(Авторот е магистер по мир и развој и поет)