Може ли да се изгради несовршен мир во Украина?

Колку и да е примамливо да се бара целосна правда за Украинците, одамна заврши ерата на славните војни, големите победи и јасните порази. Најдобрата надеж на Украина за мир денес заемно незадоволителен, но на крајот толерантен договор со Русија, што ќе вклучува суштинска реформа на европската безбедносна архитектура

Руската специјална воена операција во Украина предизвика широкораспространета осуда. Но преговарањето за мировно решение што е клуч за ставање крај на повеќето конфликти, ќе бара внимание не само на правдата туку и на стабилноста и на рамнотежата помеѓу конкурентните национални интереси и амбиции. Тогаш, прашањето е како би изгледал стабилен мир во Украина. Теоретски, ништо помалку од вистинска правда во Украина не треба да биде доволно. Тоа значи обезбедување пораз на Русија, враќање на целосниот територијален интегритет на Украина, а можеби дури и репарации од Русија за да се помогне во финансирањето на реконструкцијата на Украина.
За многу набљудувачи, овој исход изгледа сосема веројатен. Но одамна е завршена ерата на славни војни, големи победи и јасни порази. Можеби армијата на Путин не се движеше подалеку од старите тактики од Втората светска војна, но, сепак, му овозможи да постигне значителни територијални придобивки во источна Украина и по должина на брегот на Црно Море.
Се разбира, Западот постојано обезбедува огромна воена помош за Украина, што би можело до одреден степен да ја наруши рамнотежата меѓу двете страни во конфликтот, особено со оглед на меѓународната изолација на Русија. Но ова останува асиметричен конфликт, не само затоа што се случува на украинска почва. Заемно штетниот ќор-сокак честопати поттикнува напредок кон мировни спогодби. Но, во сегашните случувања, воениот ќор-сокак многу повеќе ќе ѝ наштети на Украина отколку на Русија, дури и ако Путин се воздржи од употреба на хемиско или тактичко нуклеарно оружје. Ако тој навистина ја премине таа линија, штетите за Украина вртоглаво ќе се зголемат.
Ова е реален ризик. Иако Западот се обидува да ја пресмета својата воена помош за Украина за да избегне предизвикување руска ескалација, притисокот врз Путин се засилува. Судејќи според неговиот говор на Денот на победата над фашизмот, тој беше доволно свесен за границите на неговата војска и за јавното мислење. Многумина стравуваа дека Путин ќе го искористи одбележувањето на Денот за победата на Русија над нацистичка Германија, за да издаде формална објава за војна на Украина, што ќе му овозможеше да испрати стотици илјади млади регрути на бојното поле. Но не се случи тоа, бидејќи се чини дека Путин не сакаше да ризикува да ја поттикне опозицијата во земјата. Но ова можеби не е причина за славење. Да не заборавиме дека Русија го поседува најголемиот нуклеарен арсенал во светот, а Путин има и неограничена моќ да го користи и не би прифатил никаков пораз.
Евентуален руски пораз претставува застрашувачко сценарио. Затоа, мали се шансите тоа да создаде либерална демократска Русија, која ќе ги напушти големите стратегиски планови на Путин. Поверојатно е дека Русија во иднина би станала непријателска нуклеарна суперсила.

Додека се обидуваат да го организираат поразот на Русија во Украина, САД и нивните сојузници во НАТО не смеат да го изгубат од вид она што ќе се случува во иднина. Огромна нуклеарно вооружена и светска сила како Русија не може едноставно да се изолира или игнорира. Дури и кога ѝ помагаат на Украина да се спротивстави на налетот на армијата на Путин, тие мора да се обидат да ја интегрираат Москва во пошироката безбедносна архитектура на Европа, преобликувајќи ја токму таа архитектура како одговор на загриженоста на Русија. Во спротивно, Путин не може да направи доволно отстапки без да го загрози неговиот политички опстанок.
Покрај ставањето крај на обидот за влез во НАТО и одржувањето неутралност како Австрија, отстапки на кои украинскиот претседател Володимир Зеленски речиси ќе се согласеше, ќе биде потребно да се најде решение за етничките руски региони Доњецк и Луганск, чија независност Путин ја призна неколку дена пред почетокот на специјалната воена операција. Во однос на нив, може да се постигне договор во форма на самоуправа, според одредбите наведени во Вториот договор од Минск од 2015 година.
Малку е веројатно дека Путин ќе се согласи да ја промени анексијата на Крим, дури и во замена за разјаснување на статусот на руската Црноморска флота во Севастопол. Но тој може да биде убеден да го одложи својот сон за територијално соседна руска сфера на влијание што ќе се протега од Москва до Црно Море. Тој, исто така, треба да се согласи да го почитува територијалниот интегритет и на Молдавија и на Грузија.
Одговорноста да се убеди Путин да ги направи овие отстапки, во замена за соодветни стратегиски договори, паѓа првенствено на САД. На крајот на краиштата, според мислењето на Путин, Русија во моментов се бори против САД и НАТО и не само против Украина. Американскиот претседател Џо Бајден ги препознава опасностите ако Путин се најде под притисок, па затоа треба да понуди стратегија за излез што би ја зачувала неговата репутација. Економското влијание на санкциите, прогресивното слабеење на руската војска, сеништето на герилска војна против неговата армија и недостигот од меѓународна поддршка за Русија треба да го мотивираат Путин да прифати разумна понуда.
Таа понуда нема да ја испорача правдата што ја заслужуваат Украинците. Но тоа нема да биде ниту триумф за Русија. Наместо тоа, ќе биде заемно незадоволителен, но на крајот толерантен договор, кој нема да биде по волја за сите, но ќе биде подобар од алтернативите.

Шломо Бен-Ами е поранешен министер за надворешни работи на Израел, а актуелно е потпретседател на меѓународниот центар за мир „Толедо“