Како треба да се промени Европската Унија

Многу години по Втората светска војна, европскиот поредок се потпираше на верувањето дека заедничките институции, пазари и други форми на интеграција го обезбедуваа мирот на континентот. Но сега кога Русија ја растури таа визија, Европската Унија ќе треба да го преиспита својот начин на функционирање

Иако сè уште не познато кога и, уште поважно, како ќе заврши специјалната воена операција на Владимир Путин во Украина, веќе е јасно дека конфликтот драматично ќе ја трансформира Европската Унија (ЕУ). ЕУ беше одговорот на Западна Европа на експлозивното насилство од двете светски војни, кои самите беа продукти на индустријализацијата и национализмот од 19 век наваму. Овие историски процеси доведоа до целосно уништување на традиционалниот европски поредок. По Втората светска војна, на европскиот континент доминираа две неевропски сили: САД и Советскиот Сојуз. Бидејќи материјалните и идеолошките интереси на овие две сили беше невозможно да се помират, следуваа повеќедецениска трка за нуклеарно вооружување и Студена војна.
Веднаш по Втората светска војна, економијата на Западна Европа беше во распад и беше воено беспомошна против советската инвазија. Без американскиот Маршалов план и гаранцијата на Америка за воена заштита, Западна Европа тешко дека ќе можеше да опстане. Основањето на НАТО во 1949 година гарантираше дека западниот дел на континентот ќе остане безбеден и од советските напади и од повторното појавување на Германија, иако поделена. Овој пакт потоа ја поттикна идејата дека стабилен западноевропски поредок може да се постигне преку економска интеграција во рамките на единствен пазар, колективни институции и заеднички правен систем што на крајот имплицира целосна интеграција на вклучените држави. Целта не беше само да се надминат социоекономските и политичките причини за деструктивниот национализам, туку и да се осигури дека историскиот немир и најсилна економија во Европа, Германија, целосно и трајно ќе биде интегрирана во јатото. Во децениите што следуваа, НАТО и ЕУ (првично Европската заедница за јаглен и челик, а потоа и Европската економска заедница) станаа соодветните воени и економски столбови на европската безбедност и просперитет, а со тоа и на западноевропскиот поредок.
Но со крајот на Студената војна се појавија нови прашања за тоа како би изгледал европскиот поредок.

Одговорот беше дека двата западноевропски столба, НАТО и ЕУ, ќе пораснат за да ги вклучат земјите од Централна и од Источна Европа што се квалификуваа за членство. Од своја страна, многу од поранешните советски републики и членки на Варшавскиот пакт сакаа обврзувачка гаранција дека европскиот поредок нема да биде ревидиран од Русија. Членството во НАТО и во ЕУ на тој начин донесе ветување за колективна безбедност и заеднички пазар. Надежта беше да се елиминираат последните остатоци од старата конфронтација Исток – Запад и да се обезбеди постојан мир преку економска размена и меѓузависност.
Меѓутоа, за време на Путин, Русија води поинаква политика. Таа се обиде повторно да го воспостави својот статус на глобална сила со ширење на сферите на влијание, што подразбира пресврт на постсоветскиот поредок. Гледајќи кон минатото наместо кон иднината, Путин сака да го врати сјајот на старата руска империја. Додека Украинците сè повеќе ја изразуваа својата желба да се интегрираат со Западот, Путин презеде чекори по суверенитетот на Украина. Во 2014 година, тој го анектира Крим и се поттикнаа немири во регионот Донбас. Сега, тој започна сеопфатна специјална воена операција, уништувајќи ја секоја шанса за мирен соживот меѓу Русија и ЕУ, барем додека тој е на власт. Географската поделба, наметната со нуклеарна уцена, повторно ќе надвладее над економската размена и соработка.
ЕУ сега ќе мора да се фокусира многу повеќе на безбедносните и геополитичките прашања отколку во минатото. Покрај тоа, сега кога Шведска и Финска ќе се приклучат на НАТО, Австрија, Ирска, Малта и Кипар ќе бидат единствените членки на ЕУ што исто така не припаѓаат на Алијансата. Така ќе се промени и односот меѓу двата столба на европскиот поредок. Членките на ЕУ ќе мора значително да ги зголемат трошоците за одбрана, како и итно да го зајакнат својот придонес во НАТО. Унијата, исто така, ќе се соочи со сè повисоки геополитички предизвици, како што веќе се покажуваат барањата за членство на Украина, Грузија и Молдавија. Досега единствениот геополитички инструмент што ЕУ го имаше на располагање беше ветувањето за полноправно членство (а со тоа и економски раст и просперитет). Но тоа ветување се покажа како илузија за Турција и за Западен Балкан.

Според нејзината сегашна институционална и правна рамка, ЕУ може да ги следи своите геополитички интереси само во многу ограничена мера, ако воопшто е тоа така. Затоа, на ЕУ во иднина ќе ѝ треба пофлексибилна структура, со квазиконфедеративен договор околу федеративно јадро. Наместо да бара полноправно членство или да го одбие, ЕУ би можела да понуди потесен пристап до заедничкиот пазар, заедничката безбедност, правната заедница на блокот, заедничката валута итн. Но ЕУ не може бескрајно да расте. Таа треба да прифати дека нејзините геополитички интереси се протегаат многу подалеку од инструментот за полноправно членство. Сè додека одредени влади претставуваат материјална закана, ЕУ, претставувајќи ја економската и општествената алтернатива, ќе стане сè позначајна сила, не само на европскиот континент туку и во поголемата сива зона на исток, каде што нема јасна граница со Азија.
Што и да се случи во Украина, состојбата бара нова структурна флексибилност, а не строго придржување кон старите, пренапрегнати пактови или ветувања што не можат да се исполнат.

Јошка Фишер е поранешен германски министер за надворешни работи и вицеканцелар од 1998 до 2005 година, а беше и лидер на Зелената партија речиси 20 години