Ненормална работа

Не ги можам веќе либераливе. Ама стварно. Не заслужуваат никаква сериозна анализа. Камоли дебата. Затоа ќе си терам по свое. Оти ме изморија сериозно. Досадни се како непријатно чешање што се појавува на грбот, а ти не можеш да го дофатиш местото, па мора да се чешаш од работ на вратата. Како го губат тлото под нозете, така стануваат неподносливи за консумирање. Се фатиле за популизмот како слепи за стап. Еве сега стана и авторитарен популизам. И во секоја нова колумна што ја читам, а напишана од таканаречен либерал, се однесуваат како да се тие, не знам какви доктори што сериозно се зафатиле да најдат лек за да ги излечат луѓето од заразниот популизам. Кој полека им ја зема власта низ планетава. Аман, доста нè лечите. Вие сте заразата.

Не, стварно, почнуваат да ме нервираат. Цело време истото, тоа па тоа. Претураат од шупливо во празно. Бараат причина зошто луѓето гласаат за популистите, кои всушност се суверенисти. Изгледа се плашат од тој термин. Суверенитет. Оти тие од петни жили се трудат да го одземат. И на државите и на луѓето. И на колективитетот и на индивидуалецот. Ако не се занимаваме со нивните будалаштини, се расфрлаат со етикети. И веднаш сакаат да те лечат. Секогаш проблемот е кај другите. Никако да се завртат кон себе.

Е затоа не ги можам. Во нивните анализи, јас сум виновен. Гласачот. Кај мене го бараат проблемот. Не кај себе. Во ниту една анализа не се занимаваат со своето однесување. Затоа што либералот е елита. А елитистите се безгрешни. Тоа е нивниот светоглед. Месијански синдром. Имаме право на нивно мислење. Е затоа губите.

Зошто се обраќам на овој начин? Така ми е интересно. Јас сум гласач. Сеедно што кај нас нема ваква политичка битка како во светот. Суверенисти и глобалисти. Кај нас снема идеологија. Еден е изборот. ЕУтаназија. Во светот уште не е така. Уште има избор. И јас се поставувам во улога на гласач. Избирам. А либералите, односно глобалистите страшно ми се напорни. Затоа што цело време, како што реков, ја бараат грешката кај мене, кај гласачот. А не кај себе. Морам да повторувам како папагал. Не разбираат. Оглупени се од елитизам и хистерија. Никако да се завртат кон себе. Треба битисувањето да им залепи гадна шамарчина и да им каже, ало црепови, секоја промена почнува внатре во тебе. Не може цел свет да се менува по ваша волја. Ама не разбираат. Такви се оние што мислат дека сè знаат. Вообичаено ништо не знаат.

На пример, не значи дека сум расист за да гласам за суверенистите. Ама запнале. Расисти, па расисти. Секој што гласал или ќе гласа за Трамп веднаш станува расист. Демек, мрази црнци. И Мексиканци. Логика извлечена од хистеријата на Си-ен-ен и другите мејнстрим-зомби медиуми. Тоа што речиси целата американска сиромаштија на следните избори ќе гласа за Доналд Трамп не сакаат да го споделат со јавноста. А црнците и Мексиканците се најчесто сиромаштијата во САД. И зошто сега тие ќе гласаат за „расистот“? Затоа што првпат во Америка ја доведе невработеноста на 4 отсто. Е тоа не го кажуваат. Црнците, Мексиканците и белата сиромаштија на глобалистиве им треба само за време на избори. Потоа ги забораваат. Трамп не им се лигавеше предизборно, ама почна да ги вработува. И сега врескај си, расист, па расист. И во Европа е исто. Кажи нешто за мигрантите, а тоа да не се глупите либерални флоскули и ете проблем, веднаш си расист. Тоа што токму глобалистиве го искасапија Блискиот Исток и се главен причинител за егзодусот и миграциите, нема врска. Ај ќе се правиме слепи. И луди. Ќе затвориме очи пред фактот дека нивната „љубов“ кон мигрантите во превод значи евтина работна сила. Оти ако гугнеш за нивното либерално лицемерство, се знае… расист.

А кога ќе ги фатиш во тесно околу нивната глупа пропаганда за расизам, веднаш се грабаат за друга теза. Море цели книги пишуваат. Проблемот да ти бил генерациски. Тоа што либералите ја губат моќта. Младите биле образовани, вработени и добро ситуирани. Затоа немале потреба да гласаат. Па, така, гласаат само нивните родители. А тие, стари луѓе, закоравени традиционалисти, поим немаат од животот и гласаат за популисти. Оти стар човек можеш да го изманипулираш со популизам. Младиот е образован, ама не гласа. Дај не ме заебавајте! Оти и јас од ракав можам така да си вадам тези кога нешто не ми одговара.

Зошто ви се на власт лажниве либерали што укинаа име и идентитет, ама затоа пљачкосуваат и вршат рекет кај ќе стигнат?
Генерациски проблем. Знаеш нашиве мудри родители растеа во друг систем. Едноумие. Комунизам. Кога не се гласаше. И сега, тие мудри, ама не се навикнати да гласаат. А новиве генерации троа глупи, знаеш, небо не виделе, оти по цел ден во мобилните зјапнале, ама па лесно поводливи, се палат на трендови и паѓаат на лагиве на либераливе, па затоа тие победуваат.

Секако, ако не пројде тезава со генерациите, тука е урбанизацијата. Демек урбани и рурални средини. Во градовите да ти биле либералните вредности. Таму живееле убавите прогресивни луѓенца. А во руралните средини секако се „небањатите сељачишта“. Конзервите и расистите. Тие гласале за популистите. Која логика, луѓе мои! Па дваесет години владеете со светот, што не ги „избањавте сељачиштата“? Што не се погриживте и тие руралци да станат урбани луѓенца? Ма нема врска со здравиот разум.

А кога нештата не одат рака под рака со здравиот разум, наједноставно е да се обвини Кина. И Русија секако. Демек увозот од Кина ги намалува работните места, луѓето остануваат без работа, е ама Трамп се степа со Кинезите, отвори нови работни места и затоа либералите остануваат со прст во уста. Ви има логика? Мене ми нема. А кога се нема логика, тука е Владимир Путин. Стави го во реченица и имаш решение за сите твои проблеми. Оти Путин е проблемот. Тој си нема друга работа, па од утро до мрак смислува како да се меша во туѓи избори за да ги порази либералите. Секако, кога не се меша во туѓи избори, смислува гачки како да го превесла Заев, па ангажира комичари. Еве сега ќе се меша во канадските избори. Уште не им почнала кампањата, а либералите веќе врескаат дека Путин ќе им се меша во гласање и тие ќе загубат. Ненормална работа.