Пред разурнатото сеќавање на егзодусот

… Се јавувам од една невозможна земја… Во центарот на главниот град на оваа невозможна земја можете да забележите мноштво скулптури посветени на кристализираното сеќавање на овој невозможен народ. Пред да се појави оваа кристализација како неизбежна појава на историчноста во овој град, не постоеше стопанската гранка туризам. Откако се исправија во неочекуван број за сите, овие молчаливи сенки предизвикаа неверојатен број туристи од целиот земјин шар и Скопје стана интересна приказна, која од ден на ден се намножува во квантитет и квалитет.
Известување број 03072021… Трета планета… Сончев Систем… Млечен Пат… Локална група… Повеќе од 14 милијарди светлосни години по Големиот Почеток…
Со време создадов една полезна навика да правам прошетка од споменик до споменик, забележувајќи како сѐ повеќе исчезнуваат објаснувањата поради кои е исправен определен уметничко-историски опус. Најчесто страдаат букви, потоа цели бронзени табли со опис, потоа се на ред главите на бистите, но исчезнуваат и цели композиции на коњаници, кои тежат и по неколку тона. Но сѐ е навика. Најинтересен во оваа смисла е еден чуден споменик, кој откако е направен најчесто го преживува циклусот на девастација опишан во претходната реченица. Во едно корито, кое можеби е базен, можеби хербариум, можеби кенотаф, се исправа една џиновска книга историја, која е најверојатно со повеќемилениумска старост и која поради староста го доживеала природниот процес на калцификација. Само поради одлуката на издавачот, насловната страница да биде изведена релјефно и во бронза, останала илустрацијата на која се гледа збег, една млада мома што како мајка спасува група деца и ги води некаде. Текстот на кориците или страниците бара употреба на најнова ласерска технологија, но тоа никому не сум му го предложил поради фактот дека сегашната власт исклучително панично се плаши од минатото.

Сметам дека е подобро да мислат дека станува збор за армиранобетонско платно покриено со камен малтер и дека означува надгробна плоча. Во секој случај, должни сме да бидеме внимателни.
Неодамна забележав двајца слободни туристи (слободни во смисла без професионален водич) пред споменикот подигнат како сеќавање на најгрозоморниот егзодус во историјата на европската демократија. Стојат пред разурнат безимен куп од безредие. Сепак, уште е тука вертикалата на книгата и на насловната страница една исклучително млада МАЈКА и група дребни деца по неа. Одат некаде на Исток, доколку сметаме дека уметникот што го правел релјефот на насловната страница внимавал на насоката. Едниот од нив се обидува да прочита и гласно му објаснува на другиот, заклучувајќи според сопственото знаење за Македонија, дека ова е споменик од 6 век по Богомладенецот и го симболизира доаѓањето на Словените од зад Карпатите, и дека она темното под нозете е Дунав, и дека во рацете може да се забележат трските со кои го препливале коритото на реката широко околу 1.000 метри, и дека тоа е епски подвиг ако се земе предвид дека биле недоветен народ, кој едвај знаел да плива, и дека биле прогонети од Хуните, Аварите, Атила, Кублај-кан, Бату-кан и Џингис-кан. Се насмеаја гласно. Останаа задоволни со своето знаење и својата супериорна култура. Потоа се упатија кон сѐ уште неизградениот споменик на некогашниот Егеец.
Помислив: колку е исклучително важна информацијата што ја содржи естетската категорија СПОМЕНИК. Се доближив и сфатив дека во оваа состојба несудените авантуристи апсолутно исправно прочитале! Ова што останало од споменикот точно конотира такво објаснение. Се гледа дека е збег. Се гледа дека одат на Исток. Може да се претпостави дека газат по вода и дека во врзопите има и трски. Но додека се изненадував од настанот, ми се приближи еден граѓанин (обрнувам внимание дека не е препорачливо Македонците да се декларираат како Македонци, бидејќи така не можат да влезат… но да ја оставиме таа епизода за следниот извештај). Значи, граѓанинот ми призна дека ги слушнал туристите и забележал дека и јас не сум од оваа секојдневност, затоа се обиде да ми го расветли проблемот… Објаснувањето го испраќам во целост, со можни минимални неточни цитирања: „Предизвикан сум да објаснам, иако ова, признавам, е невообичаен начин да ви го одземам времето, но… Проблемот е кај мене, јас ја знам историјата на оваа епизода.

Затоа овде гледам 300.000 прогонети Македонци, но не од немилосрдните и нецивилизирани Азијци туку од крлетката на демократијата, културата, етиката и филозофијата на европската цивилизација. Од бога измислената Грција, само што тој бог бил и со титула сер и пушел ла арома де Куба и бил фашист по вероисповед. Јас гледам 30.000 деца откорнати од Мајките и Татковците, откорнати од татковината во која биле родени и раѓани од времето на Големиот Потоп, откорнати од цивилизациското јадро што сами го граделе 10.000 години, ги гледам прогонети од измислената маша крстена Грција, раселени без право цел живот да ги видат повторно родителите и роднините и родните огништа, ги знам конфискуваните имоти, сум ги посетил ископачените гробишта, преименуваните градови, села, реки и планини на јазик измислен во 1870 година, ги препознавам разнебитените души што се осудени на талкање според проектот на европските великани за да немаат ни име, ни место, само здив.“

Вангел Божиновски