За најдоброто од Македонија

Повод за ова писмо е написот „Ракописот на Рацин е навезен како кошулата на неговата Ленка“ од Сања Јачевска во „Нова Македонија“, од 4.8.2021 година. Всушност, овој текст е интервју со типографот Ласко Џуровски, кој создал оригинален фонт базиран на ракописот на Рацин. Им благодарам и на авторот Ласко Џуровски за прекрасната и реализирана идеја, но и на новинарката што направила интервју и текст што се памети.

За мене беше интересно и тоа што токму песната „Ленка“ од Кочо Рацин, јас ја рецитирав многу одамна пред моите другари студенти, за време на моите студентски денови во СССР. Младите луѓе од моето опкружување многу ја сакаа литературата, а особено поезијата. Со оваа група студиравме пет години, а најчесто зборувавме на руски јазик. Но другарите што студираа со нас, лесно го разбираа и македонскиот јазик. Еднаш се случи еден од Русите да го цитира Пушкин, а друг да ја запее песната „Клён ты мой опавший, клён заледенелый…“ – по стиховите на Сергеј Есенин. Во тие мигови јас, како Македонец, се сетив и ги изрецитирав стиховите од „Ленка“ на Рацин. Не можам да заборавам како реагираа моите другари по последните стихови од оваа песна:

„Зошто ми зошто остана
Кошула недоткаена?
Кошула беше даровна…“

Сите занемеа, а на некои им навреа солзи во очите, толку ги трогна тажната судбина на младата девојка од Македонија – Ленка.

А сега ќе се вратам на насловот и ќе набројам неколку личности со кои се гордее секој Македонец и влегуваат во категоријата „најдоброто од Македонија“. Поезијата на поетите како Рацин е длабоко врежана во меморијата на секој Македонец. Затоа, знам дека многумина ќе се израдуваат кога некој ќе им го открие оригиналниот ракопис на поетот. Сега, преку новиот фонт на Ласко Џуровски, секој од нив може да открие и „Како пишуваше Рацин?“ Други се радуваат кога „во живо“ ќе слушнат – „Како пееше Тоше?“ Замислете само цел стадион пееше заедно со него, а сите ги паметиме неговите зборови – „Ве сакам сите!“ А какви убави звуци вечно ќе извираат од виолината во рацете на маестро Џорлев. Но во исто време се радувавме на тоа како прекрасно звучи секоја песна што тој ќе ја извадеше од „бунарот без дно, полн со македонски песни…“

Овие личности, и уште многу други, се вистински бисери во ѓерданот што во душата ги носи секој Македонец. А во Македонија живеат, или отишле некаде во светов, голем број луѓе што насекаде и засекогаш гордо и достоинствено ги претставуваат македонскиот дух и култура. За нив, и нашинец и странец, кратко и јасно ќе рече – ова е најдоброто од Македонија. Мислам дека сега е вистинското време да го прикажеме она што е најдобро од Македонија. Во таа смисла предлагам „првиот весник од Македонија“ почесто да објавува текстови за најдоброто од Македонија. Доста се труевме и ги голтавме сите јадови што ја измачуваат душата на Македонецот. Предлагам, во рубриката „Писма“ барем еднаш во месецот да се појават и вистински бисерни текстови. Нив може да ги пишуваат читателите од нашата земја, но и од странство, а добро би било и автори на вакви текстови да бидат новинари од Вашата редакција.

Овде ќе споменам и два необични примери, кои сведочат дека Македонецот знае да ги почитува и цени убавото и вредното, а понекогаш тоа да прерасне и во убава традиција. Првиот пример е токму Вашиот весник. Сите што со години ја читаат „Нова Македонија“ знаат дека овој весник секоја година традиционално објавува Конкурс за краток расказ и објавува шест од наградените раскази (од стотици пристигнати раскази). На вакви конкурси, понекогаш, учествуваме јас и моите колеги и на тој начин ја поддржуваме оваа одлична идеја.

Да потсетам на уште една интернационална традиција, од областа на поезијата – Струшките вечери на поезијата. Нели е прекрасно што оваа најголема светска поетска манифестација заживеа и долго трае токму во Македонија. Очигледно Македонецот знае да го цени убавиот пишан, изговорен или испеан збор. Токму „навезените стихови од Рацин“ се убав пример за тоа. Меѓутоа, нашата земја е позната и сакана и поради многу други нешта, како: природните убавини, песните, ората, носиите, приказните, гостопримливоста итн.

Идејата да го нагласиме и прикажеме најдоброто од Македонија, од сѐ срце ја прифатија и двајца мои пријатели. Едниот е роден во Македонија, а сега е професор на американски универзитет. Со него најмногу разговаравме како пошироко во светов да се презентираат најдобрите иновации, чии автори живеат во Македонија. Другиот мој соговорник дури и пишуваше во Вашиот весник, а предлагаше како Македонија да стане нова Швајцарија.

Јас знам дека нашата Македонија била, е и ќе биде расадник на редица извонредни луѓе, а ние секогаш ќе се гордееме со нивните дела. Затоа, верувам дека ќе се најдат вистински луѓе што ќе пишуваат за најдоброто од Македонија, и тоа токму во „Нова Македонија“.

Проф. д-р Владимир Јаќовски