Изминатиот викенд го донесе најголемиот програмски интензитет на филмската програма на 12. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“. Во функција беа ставени сите четири фестивалски локации.

Во Музејот на современата уметност се одвиваше програмата за деца и младинци. Во Куршумли-ан во петокот, со присуство на десетина филмски автори од Украина и со делегација од украинската амбасада во Скопје, беше отворена програмата на земјата во фокус – Украина. Програмата ја отворија филмовите „Територија на празни прозорци“ (Украина, 2020, 10 мин.) на Зоја Лактионова и „Дождов никогаш нема да запре“ (Украина, Летонија, Германија, Катар, 2020, 104 мин.) на младата авторка Алина Горлова. По проекцијата на филмовите двете авторки одговараа на прашањата од публиката и ги разоткриваа тематските и продукциските карактеристики на нивните документарни остварувања.

Вчера напладне се одржа матине со украинските автор(к)и во Куршумли-ан. Филмовите од Главната програма на 12. „Македокс“ се прикажуваат во Куршумли-ан, кратки документарци се прикажуваат на сите сцени, студентската програма оди на филмското платно на платото пред Куршумли-ан, а дел од филмовите од новите автори се прикажуваат во МКЦ Парк.

Завчера онлајн се одржа мастеркласот со Хајно Декерт, еден од најуспешните европски дистрибутери на документарни филмови. Хајно студирал право, а потоа дипломирал на Грманската филмска и телевизиска академија (ДФФБ) во Берлин. Во 1991 година, ја основа продукцијата „Ма.ја.де. ГмбХ“. Од 2003 година, тој е извршен директор на „Декерт дистрибуција“, негова сопствена светска дистрибутивна компанија за документарни филмови. Хајно досега има продуцирано над 120 филмови со режисери, како Сергеј Лозница, Виктор Косаковски, Аи Ваиваи и Томас Хајзе.

Филмови од неговата продукција учествувале на фестивалите во Кан, Венеција, Берлин, а има и филм со номинација за „оскар“. Член на Германската и на Европската филмска академија и член на „Ампас“.

На мастеркласот Декерт зборуваше за аспектите на неговата продукциска, копродукциска и дистрибутерска работа. На прашања од публиката, која мастеркласот го следеше онлајн, одговараше за финесите што секој документарист мора да ги знае пред да влезе во снимање на документарен филм. Бидејќи копродукцискиот пристап и потребата за поддршка од фондовите е неопходност во снимањето на секој документарен филм, Хајно откри дека исклучително се важни директните контакти на авторите со продуцентите и дистрибутерите на филмовите. Мастеркласот го модерираа Петра Селишкар и Сара Ферро од екипата на „Македокс“.

Во попладневните часови во Куршумли-ан, со почеток од 18 часот, се одвиваат „Док-муабети под смоквата“. На разговорите присуствуваат автори на филмовите што се прикажуваат на фестивалот, како и членови на жири-комисиите, кои се присутни во текот на целиот фестивал. Годинава главна тема на разговорите е пласирањето на филмовите на филмските фестивали, како и личните искуства во работата со продажните агенти и дистрибутерите во филмската индустрија.

Разговорите ги модерира Петра Селишкар, селекторка на „Македокс“. Од филмската програма на 22 август посочуваме на премиерите на три краткометражни филмови од школата „ДокуНикулци“ на „МакеДокс“, кои во 20.30 ч. Ќе се одржат во Парк МКЦ. Станува збор за филмовите „После Марко“ (21 мин.) на Мила Макаровска, „Кино Мортус“ (11 мин.) на Ивана Цветаноска и „Уметност над уметностите“ (46 мин.) на Давид Стојановски.

Во рамките на Главната програма, синоќа во 21.20 часот, во Куршумли-ан беше проекцијата на документарниот филм „Гунда“ на светски познатиот докуменарист Виктор Косаковски, кој пред две години беше гостин на „МакеДокс“. Во „Гунда“ (Норвешка, Швајцарија, Иран, 2020, 93 мин.) маестралниот режисер Виктор Косаковски нè потсетува дека ја делиме планетата со билион други животински видови. Низ средби со маторицата (истоимената Гунда), две остроумни крави и сензационалната еднонога кокошка, Косаковски трогателно го возобновува нашиот морален универзум, потсетувајќи нè на суштинската вредност на животот и мистериите што ги крие животинската свест, вклучително и нашата.

Дванаесеттото издание на „Македокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Град Скопје, Гете институт Скопје, Институт „Јунус Емре“, амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, Здружение на Украинци во Република Северна Македонија во име на Лесја Украинка, норвешката амбасада во Белград, Норвешки филмски институт, Француски институт Скопје, амбасада на Кралството Шпанија, УНИЦЕФ, СПОНА, амбасада на Република Чешка и Чешки културен центар Софија.

Партнери на 12. МакеДокс се „Петра Пан филм продакшн“, Младински културен центар, Кинотека на РСМ и мрежата на документарни филмски фестивали „Doc Around Europe“.

Медиумски покровители на 12. МакеДокс се Слободен печат, Нова Македонија, МТВ – Прв програмски сервис, МКД.мк, УМНО, СДК.мк (Сакам да кажам.мк), Плус Здружение за промоција на документаристика „Македокс“, Инфо, Окно, Офф.нет, Плагиј.ат, Е-магазин, Лице в лице, Радио МОФ, Радио Џез ФМ, Радио Канал 103, Радио Антена5, Радио Бубамара, Лајф Радио, Его, Поп-ап, Види Вака и Гледај.мк.

Сите програмски активности на фестивалот се одвиваат според протоколите што
важат од 18 август 2021 година. Согласно протоколите, нема да можеме да одобриме влез во фестивалскиот простор доколку не биде ставен на увид сертификат за вакцинација.