Знамиња за обележување територија

Кулминација на сите овие (не)скриени шовинистички симболики повторно се случуваше пред два дена, на 28 ноември, кога албанската заедница во Македонија го прославуваше Денот на албанското знаме

Во најголем дел од државите во меѓународната заедница, употребата на знамиња на други држави, надвор од законската регулација и со игнорирање на официјалното државно знаме на конкретната земја, сѐ уште е причина за сериозен политичкоправен инцидент, кој резултира со правно процесирање за сторено кривично дело. Законските регулативи во Македонија, во однос на употребата на знамињата, се особено либерални, па дури е прифатено државно знаме на соседна држава да биде знаме со кое една етничка малцинска заедница ги „изразува својот идентитет и особеностите и го употребува во јавниот, службениот и приватниот живот на начин утврден со закон“ (Закон за употреба на знамињата на заедниците).
Конкретно, македонската држава, „јавно и службено“ има прифатено дека знамето на државата Албанија, без никаква дополнителна стилизација, но со пропишана димензија (истакнато со државното знаме), истовремено е и знамето што го „изразува идентитетот и особеностите“ на етничките Албанци во Македонија, иако во „приватниот живот“ на македонската јавност, албанската претенциозност со начинот на експонирањето на знамето со двоглавиот орел и понатаму предизвикува вознемиреност и асоцијација за експанзионистичките албански амбиции. За таквото чувство и перцепција на експанзионистички закани и обележување етнички територии во границите на македонската држава преку црвеното знаме со двоглавиот орел, во голема мера и во секоја пригода придонесува и инаетливото парадирање со него на претставниците од албанскиот политички фактор во Македонија.
Свесното прекршување на одредбите од Законот за употреба на знамињата на заедниците од страна на политичарите Албанци во Македонија и игнорирањето на македонското знаме во општините со мнозинско албанско население, во македонската јавност остава впечаток на речиси хронична провокација упатена до официјалните власти. Во одредена смисла тоа е провокација со доза иронија, бидејќи речиси сите партии во Македонија што го претставуваат албанскиот фактор биле или сѐ уште се дел од владејачките структури на државата. Многу често таквата практика со преплавување на општините со мнозинско албанско население со море од знамиња со двоглавиот орел е придружено и со знамиња на кои е нацртана карта со замислената територија на т.н. голема Албанија, во која е проектирана речиси половина од македонската државна територија, со јасни амбиции за сецесионизам и загрозување на територијалната целовитост и суверенитет на Македонија.

Секако, истакнувањето на картите со големоалбанските проекции никако не е во рамките на законски прифатената дефиниција за „идентитетот и особеностите на заедницата“, од Законот за употреба на знамињата на заедниците, туку претставува отворена манифестација на шовинистички намери за обележување етничка територија во границите на друга суверена држава. „Инцидентите“ од овој вид најчесто минуваат без законско-правна завршница, и покрај реакциите на јавноста, што за „сторителите“ веројатно претставува дозвола за зголемување на агресијата во манифестацијата на димензијата на своето постоење како некаков политички фактор.
Своевидна кулминација на сите овие (не)скриени шовинистички симболики повторно се случуваше пред два дена, на 28 ноември, кога албанската заедница во Македонија го прославуваше Денот на албанското знаме. Лидерот на коалициско-владејачката партија ДУИ, Али Ахмети, порача во славеничка еуфорија со тон на закана „никој да не се осмелува да го гибне албанското знаме, бидејќи е (било) измиено со крв“. Здружената албанска опозиција, претставена од партиите: Демократско движење, Беса и Алтернатива, во истиот ден ја објави својата заедничка платформа на дејствување, во која бараат – „рамноправност меѓу двата државотворни народи, што подразбира укинување и отстранување на дефинициите за националните права“, што практично би значело редефинирање на Македонија како двонационална држава.
Веројатно, најексплицитна манифестација на обележување територија беше кражбата на знамето на МПЦ-ОА од дворот на манастирот „Свети Наум Охридски-Чудотворец“ на Попова Шапка и негова замена со албанското знаме. За последниот случај се откриени сторителите и поведена е полициска постапка, но веќе има информации за големи политички притисоци за нивно ослободување. Низ градовите во Западна Македонија, со мнозинско албанско население, но и во центарот на главниот град, Скопје, Денот на албанското знаме исто така беше „одбележан“ со „спонтани“ прошетки со автомобили, свирежи, огномети и, секако, веење на знамето со двоглавиот орел, и најчесто со „заборавање“ на македонското знаме.

Според начинот пропишан во Законот за употреба на знамињата на заедниците, „во единицата на локалната самоуправа во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 отсто од населението во таа единица на локалната самоуправа, знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница се истакнуваат така што знамето на Република Македонија се истакнува во средината, додека знамето на заедницата е два метра надесно, гледано однапред, а знамето на единицата на локалната самоуправа е два метра налево од државното знаме“. Кога се истакнати повеќе од три знамиња, знамето на Република Македонија ќе биде прво во редот. Исто така, во законот се пропишува дека знамето на Република Македонија се истакнува со други знамиња во согласност со закон и е со поголема димензија од една третина од другите знамиња.
Се чини дека „специфичните детали“ од овој закон не се предмет на интерес на оние што го прославуваат Денот на албанското знаме во Македонија, официјално одреден како празничен ден за претставниците на албанската заедница. Ваквите еднонационални манифестации, со нагласено себичен шовинизам спрема државата во која како етничко-политички фактор се интегрирани во сите структури на власта, никако не е инвестиција во меѓусебната доверба со мнозинскиот македонски народ, ниту градење заедништво и меѓусебна солидарност за предизвиците со кои Македонија се соочува на меѓународен план.