Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шефот на дипломатијата и претседавач со ОБСЕ Бујар Османи ги пречекува учесниците на 30-от министерски совет на организацијата.

Околу илјада делегати од 57 земји-членки на организацијата и земји партнери, учествуваат на состанокот кој официјално почнува денеска во Скопје, во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ, меѓу кои првите дипломати на САД и на Русија, Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, на Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.

Министерскиот состанок официјално ќе го отворат премиерот Димитар Ковачевски, претседавачот со ОБСЕ, министерот Бујар Османи и претседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Пиа Каума. На отворениот дел од пленарната седница Извештај ќе поднесе генералниот секретар на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид.