Фото: „Мен енд Маунтен“

Во близина на езерото Младост, северно од Велес беа пошумени 23 хектари со 50.000 дрвја на државно земјиште. Над стотина волонтери од Скопје и Велес учествуваа во масовната еколошка акција „Сончева гора“.

Десетгодишниот проект за обнова на животната средина „Зелена сончева“ е во организација на здружението „Мен енд Маунтен“ поддржан од повеќе компании, како и од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и ЈП Национални шуми. Проектот се состои од два дела: годишната пролетна акција за чистење и селектирање отпад „Генералка викенд“ и акцијата за пошумување на државно земјиште „Сончева гора“, што се одвива наесен и ја утврдува Министерството за земјоделство во рамките на годишната програма за пошумување. За секои 10 килограми собран отпад, министерството посветува по едно дрво.

Волонтери на терен ја поддржаа акцијата со садење дрвја.

Фото: „Мен енд Маунтен“

Проектот „Зелена сончева“ почна во 2021 година и ќе биде заокружен во 2031 година, за кој здружението „Мен енд Маунтен“ потпишаа меморандум со Министерството за земјоделство и ЈП Национални Шуми.

– За само три години, засадени се 90.000 дрвја и собран е отпад од 615.000 килограми, а досега учествуваа над 25.500 регистрирани волонтери, од кои 10.000 беа деца – нашите „сончеви пионери“ – велат од „Мен енд Маунтен“.

Министерот за земјоделство, Љупчо Николовски потенцираше дека со збогатувањето на шумскиот фонд во земјава обезбедуваме поздрава иднина за сите.

– Го чуваме и развиваме нашето најголемо природно богатство, а тоа се шумите. Си поставивме цел за пошумување на 1.200.000 садници, во 19 региони, на 36 локации низ земјава – кажа Николовски.

Фото: „Мен енд Маунтен“

Министерката за животна средина, Каја Шукова истакна дека ја радува фактот што од ден на ден се повеќе развиваме здрави навики кон животната средина.

– Ако пролетва собиравме и селектиравме отпад со масовно вклучување на многу партнери од државните институции, локалните самоуправи, бизнис заедницата и младите, сега покажуваме како со иновативен пристап, креативност и волја го рециклираме отпадот од минатото и градиме зелена иднина. Да се извалкаме и да засадиме зелената иднина, е нејзиното мото – истакна Шукова.

Фото: „Мен енд Маунтен“