Нашето културно наследство и ни го грабаат и го распродаваме/ Фото: Архива

Грчката страна во дипломатскиот спор за нејзини артефакти одземени и однесени во Велика Британија со децении, па и со векови, бара правда, да ѝ биде вратено она што таа смета дека ѝ припаѓа нејзе како културно наследство врз кое го дефинира својот национален идентитет. Но се чини дека таквото искуство не ѝ создава доблест на грчката политика самата таа да не нанесува неправди поврзани со присвојување туѓо културно наследство и национална идентификација на друг народ, вклучувајќи го и постоењето на Македонија и Македонците

По реактуализирањето на спорот меѓу Атина и Лондон за артефактите за кои Грција смета дека ѝ се бесправно одземени и претставуваат грчко културно наследство

Неодамна повторно беше разгорен често привидно згаснуваниот спор меѓу британската и грчката влада за скулптурите од атинскиот Партенон, познати и како Елгински мермери.
Имено, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис пред неколку дена (понеделник, 26 ноември) требаше да се сретне со британскиот премиер Риши Сунак во Лондон, но од Даунинг стрит средбата беше откажана во последниот момент. Мицотакис им рече на новинарите дека е „длабоко разочаран од наглото откажување“ на состанокот, но одби алтернативна средба со вицепремиерот.
Откажувањето на состанокот од страна на британскиот премиер дојде по еден ден откако Мицотакис во интервју за Би-би-си рече дека мермерните скулптури од Партенон што се наоѓаат во Британскиот музеј треба да се вратат во Грција, бидејќи постојната состојба, кога некои од артефактите се во Лондон, а преостанатите во Атина, е „како да ја преполовиш Мона Лиза“.
– Оние што цврсто веруваат во исправноста и праведноста на своите позиции никогаш не се двоумат да се вклучат во конструктивна аргументација и дебата. Грција и Британија споделуваат долгогодишни врски на пријателство, а опсегот на нашите билатерални односи е обемен. Нашите позиции по прашањето за скулптурите од Партенон се добропознати. Очекував да се вклучам во дискусија со мојот британски колега за тоа прашање, како и да се осврнам на значајните глобални предизвици, како што се ситуациите во Газа и во Украина, климатската криза и миграцијата – изјави грчкиот премиер пред новинарите, додавајќи дека е разочаран поради тоа што состанокот бил откажан „само неколку часа пред предвиденото време“.
Медиумите во Британија шпекулираат дека интервјуто на Мицотакис за Би-би-си пред состанокот го иритирало британскиот премиер Риши Сунак. Британската влада го потврди откажувањето и, наместо тоа, на грчкиот премиер му понуди средба со вицепремиерот Оливер Дауден, која Мицотакис ја одби.
Висок извор од британските конзервативци (на кои им припаѓа Сунак) за оваа ситуација изјави дека „станало невозможно да се одржи состанокот по коментарот во врска со Елгинските мермери пред него“.
– Нашиот став е јасен – Елгинските мермери се дел од постојаната колекција на Британскиот музеј и припаѓаат овде. Несовесно е кој било британски политичар да сугерира дека тоа е предмет на преговори – е категоричната позиција на британската влада за ова прашање.

Британската влада размислува како „грчките скулптури да поминат дел од своето време во Грција“

Скулптурите се веројатно најпознатите уметнички дела во сè поспорната дебата за тоа дали музеите низ светот треба да ги вратат предметите во нивните земји на потекло.
Лорд Елгин, британски војник и дипломат, ги отстранил Елгинските мермери од храмот Партенон во Атина на почетокот на 19 век. Скулптурите потоа биле купени од британската влада во 1816 година и ставени во Британскиот музеј.
Мермерните фигури се дел од фризот што го украсил храмот стар 2.500 години, изработен од скулпторот Фидијас.
Галеријата Партенон во Музејот на Акропол е изградена пред повеќе од една деценија за да се сместат скулптурите. Изложбата ги комбинира оригиналните мермерни скулптури со гипсени копии од оние што се чуваат во Британскиот музеј и во други странски музеи.
Поверениците на Британскиот музеј во моментов ја истражуваат можноста за договор за позајмување на Грција. Но, за позајмувањето не е потребна промена на законот и тоа може да се случи без оглед на ставот на британскиот премиер. Претседавачот на доверители на Британскиот музеј, Џорџ Озборн, кој е поранешен канцелар, претходно изјави дека бара „некаков аранжман за да овозможи некои од скулптурите да поминат дел од своето време во Грција“. Сепак, многу конзервативци веруваат дека таквото уредување би било „лизгава патека“, а водењето политика за прашања од ваков вид воопшто не е за потценување.

Има уште подобар пример што можел да го искористи грчкиот премиер. Поставувањето на т.н. Елгинови столбови во Британскиот музеј е како насилно да преименувате една земја во „Северна…“, против волјата на нејзиниот народ. На Елгиновите столбови местото им е во Атина, во прекрасниот Музеј на Акропол, исто како што нашето име е Република Македонија! Ќе дојдеме полека и до правда за Грција, но и до правда за Македонија, вели поранешниот амбасадор и политички аналитичар Ивица Боцевски, осврнувајќи се на целиот случај

Правда за Грција, но правда и за Македонија

Грчката страна во дипломатскиот спор за одземените артефакти од Велика Британија со децении, па и со векови, бара правда, да ѝ биде вратено она што смета дека ѝ припаѓа нејзе како културно наследство врз кое го дефинира и темели својот национален идентитет. Но се чини дека таквото искуство не ѝ создава доблест на грчката политика самата да не нанесува неправди поврзани со присвојување и одземање туѓо културно наследство и национална идентификација, вклучувајќи го и на Македонија и Македонците.
Поранешниот македонски вицепремиер за евроинтеграции и амбасадор Ивица Боцевски го поддржува барањето за артефактите на грчкиот премиер Мицотакис до британската влада, но му предлага посоодветен пример за илустрација на неправедноста на состојбата – наместо Мона Лиза, пример да биде Македонија.
– Целосно се согласувам со грчкиот премиер Мицотакис… Многу болат неправда нанесена од моќник и газење на сопственото културно наследство (составен дел на идентитетот). Во право е Кирјакос и кога вели дека поставувањето на т.н. Елгинови столбови во Британскиот музеј е како да го пресечете лицето на Мона Лиза на два дела.
Има уште подобар пример што можел да го искористи грчкиот премиер. Поставувањето на т.н. Елгинови столбови во Британскиот музеј е како насилно да преименувате една земја во „Северна…“, против волјата на нејзиниот народ.
На Елгиновите столбови местото им е во Атина, во прекрасниот Музеј на Акропол, исто како што нашето име е Република Македонија!
Ќе дојдеме полека и до правда за Грција, но и до правда за Македонија – вели Ивица Боцевски, претставувајќи го целиот случај на социјалните мрежи.

Неправдата што ѝ е направена на Македонија е многу поголема од онаа што е направена над Грција

Археологот и универзитетска професорка по античка историја Наде Проева смета дека неправдата што ѝ е направена на Македонија е многу поголема од онаа на Грција, со неколкуте украдени артефакти од Акропол. Професорката Проева вели дека на „Македонците им е украдена територија со сите артефакти важни за нашиот национален идентитет“.
– Болна е неправдата кога ќе ти го одземат она што ти припаѓа, а уште повеќе кога ти велат дека тоа е за „твое добро“. Секако, неправда е за Грција што артефактите од Акропол во Атина се одземени и не можат да си ги вратат од Британскиот национален музеј. Но, уште поголема неправда е тоа што Грција ѝ го направи на Македонија, со одземање голема територија, со сите споменици и историски белези за нашиот идентитет. Нам, на Македонците, од Грција ни е украдена територија со сите артефакти, а не само од еден споменик (како Акрополот), важни за нашиот национален идентитет. Дури, во својата етничка исклучивост, за да го докажат за грчки карактерот на Македонија, Грците ги уништуваат трагите од доселувањето на Словените на Балканот, т.е. во Македонија. Така, грчките археолози ги фрлале во морето и пронајдените артефакти (керамика). Словенска керамика најдена со ископувања на Пелопонез прв има објавено колега археолог од Франција. Во време, пак, на засилена етничка исклучивост биле горени икони и уништувани фрески со написи на словенски јазик. Тоа се прави систематски, речиси сто години, откако во 1926 година во Грција е донесен законот за преименување на словенските топоними и имињата на луѓето. Тој закон се спроведувал на територијата на Егејска Македонија, каде што било доминантно македонското население, но на Пелопонез, до каде што всушност стигнале Словените, сѐ уште има останато словенски топоними. Неправдата од позиција на моќ се прикрива со квазиаргументи: од страна на Велика Британија со „чување и грижа за артефактите “, а пак од Грција со нејзината опседнатост со наводно „грчкиот карактер на Македонија“, која успеа да издејствува и менување на нашето име со изговор дека е грчко – сепак останува неправда – вели Наде Проева, археолог и универзитетска професорка по античка историја.