- Она што на прв поглед паѓа во очи се заедништвото и солидарноста што тие ги демонстрираат пред ЕУ, покажувајќи дека регионот може да биде единствен кога се во прашање интересите на граѓаните што живеат тука. Кога економскиот опстанок е ставен на тест, тогаш празните политички дебати брзо паѓаат во втор план
Деновиве Скопје беше домаќин на состанокот на превозниците од регионот, кои заеднички договараат идни чекори како да го надминат проблемот со престојот на професионалните возачи во шенгенската зона. Иако помина безмалку половина година од протестите на возачите од регионот со блокирање на дел од граничните премини, при што беше најавено дека Европската комисија ќе им излезе во пресрет на професионалните возачи, очигледно тоа не се случи, па затоа возачите на заедничка средба во Скопје договараа што понатаму.
Она што на прв поглед паѓа во очи се заедништвото и солидарноста што тие ги демонстрираат пред ЕУ, покажувајќи дека регионот може да биде единствен кога се во прашање интересите на граѓаните што живеат тука. Кога економскиот опстанок е ставен на тест, тогаш празните политички дебати брзо паѓаат во втор план и сите се обидуваат да ги обезбедат своите економии и работните места.
Без тоа што секоја земја од каде што потекнуваат возачите индивидуално преговара со ЕУ за полноправно членство, сепак, не може да се занемари фактот дека „заедно сме посилни“. Кога целиот регион здружено настапува, тогаш и бриселските бирократи веројатно малку посериозно ја сфаќаат работата отколку кога секоја земја одделно бара решение за своите превозници.
Токму тука се отвора и една поширока дилема. Ако професионалните превозници можат да ги надминат националните граници и заеднички да настапат пред Брисел за да го решат проблемот што ги засега сите, зошто истата логика да не се примени и во други области од заеднички интерес на регионот?
Многу примери изминатите години покажаа дека токму заедништвото е она што го турка регионот напред. Здравствени кризи, временски непогоди, пожари, земјотреси, сите беа тука да си помогнат едни на други. Па, ако оваа формула се преслика и во делот на евроинтеграциите, тогаш можеби и Западен Балкан би можел многу посилно да настапува пред Европската Унија.
Тоа, секако, не значи дека државите треба да се откажат од своите индивидуални интереси, од своите преговарачки позиции или од сопствените патишта кон членството, но зошто да не се обидат заеднички да ги артикулираат интересите што им се заеднички.
Предностите на ваквото дејствување би биле многубројни. Од размена на искуства во области каде што некоја земја заостанува, преку заедничко аплицирање за проекти и подобро искористување на европските фондови, до координиран настап во делови од евроинтегративниот процес каде што сите се соочуваат со исти или слични предизвици. Наместо да бидеме конкуренти во сиромаштија и заглавени во лавиринтите на бирократијата, регионот конечно би настапил како партнер што нуди решенија и Брисел поинаку ќе гледа на тоа.
Особено би било значајно и градењето заедничка регионална евроинтегративна политика, ослободена од меѓусебните билатерални условувања. Наместо секоја држава одделно да се обидува да го објасни својот проблем во Брисел, регионот би можел заеднички да ги постави прашањата што го засегаат целиот Западен Балкан. Ваквиот пристап директно би ја избил од раце практиката на меѓусебно блокирање, која со децении го држи целиот регион во место.
Таков пристап би можел да значи и посилен заеднички настап на состаноците на Европската политичка заедница и на сесиите ЕУ-Западен Балкан. Зошто не и за слободен влез во шенгенската зона за сите граѓани од регионот?
Превозниците, практично, веќе покажаа дека тоа е можно. Тие не ги заборавија своите национални интереси, но сфатија дека заедничкиот проблем бара и заеднички настап. Прагматичноста на терен уште еднаш се покажа како поефикасна од каква било дипломатска реторика.
Можеби токму од нив треба да се научи една едноставна лекција: кога интересите се исти, границите меѓу државите не мора да бидат и граници на заедничкото дејствување.
Ако тоа може да функционира за камионите што ги минуваат европските граници, можеби е време слична храброст да се покаже и на политичкиот пат кон Европската Унија. Не како замена за индивидуалните евроинтегративни процеси, туку како нивно засилување.
Зашто, иако можеби патот кон Брисел секоја земја ќе мора да го изоди сама, тоа не значи дека целиот регион мора да оди засебно кога се во прашање заеднички интереси.
На крајот на краиштата, ако секој од нас сака да стигне до истата крајна дестинација, многу подобро е да патуваме во иста колона отколку да останеме заглавени во метежот што понекогаш и самите го предизвикуваме, но најмногу „техничарите“ од Брисел.

































