Седумте мудреци

За помалку од една недела официјално започнува кампањата за избор на претседател на Република Македонија, денови во кои ќе се изнаслушаме многу приказни за тоа кој колку ќе направи за граѓаните и за државата доколку го добие мандатот.
Седум кандидати што успеаја навреме да соберат граѓански и пратенички потписи ги пријавија своите кандидатури до Државната изборна комисија, така што во периодот што претстои ќе следува кампања што малкумина очекуваат дека ќе биде позитивна, а уште помалку дека од неа ќе можат да ги дознаат вистинските намери на претседателските кандидати.
По вокабуларот што веќе е присутен во јавноста, уште сега може да се насети беспоштедната битка меѓу претседателските кандидати, кој е за ЕУ, кој против, кој е за НАТО, кој за излегување од НАТО, кој е за уставни измени, кој за нови репреговарања, кој е за европски камшикари, кој за средување на внатрешните состојби, една цела палета на „за“ и „против“. За некој ден ќе почнат да фрчат и рекламите по медиумите, насмеани ликови, зад нив гордо се вее државното знаме, а кај некои и некое друго „државно“ знаме, наредени младинци, понекој пензионер, корпоративни ликови како гледаат во некакви планови, па потоа се ракуваат, насекаде се гради, сите се насмеани, за на крајот кандидатот да констатира дека со неговиот избор добиваат граѓаните и државата. Сето тоа зачинето со некоја химнична музика во заднина. Клише до немај-каде. И тоа повторно народот ќе го плати од свој џеб.
Ќе се редат седумте кандидати, небаре седумте мудреци – титула што им ја давала класичната грчка традиција на седум филозофи, државници и законодавци од 6 век пред нашата ера, кои биле познати по својата мудрост. И од нашите седум кандидати несомнено секој си носи некоја своја мудрост, некоја своја филозофија, ќе кажува некоја своја мантра и врз таа основа ќе ја бара довербата на граѓаните. Можеби и затоа шестмина од нив се пријавија врз основа на собрани над 10 илјади граѓански потписи, со што де факто се независни кандидати, не се партиски, без оглед што партиите ги поддржуваат. И во тоа нешто се крие некаква скаламуција, оти зошто некои, пред сѐ мислам на партиите што имаа доволен број пратеници да обезбедат кандидатура на нивниот кандидат и со пратенички потписи, го тренираа гласачкото тело и правеа показна вежба кој во колку часа може да ги собере потребните потписи од граѓаните. Редици пред канцелариите каде што се собираа потписите личеа небаре тогаш се избира претседател на државата. Едноставно, си ги мереа суетите.
И сега шестмина се независни, а еден кандидат е зависен, односно со поддршка на политичка партија. Имајќи ги предвид недореченостите во Изборниот законик, во разните правилници, упатства, сега човек не знае како да ги третира кандидатурите, ќе добијат ли сите ист простор за медиумско претставување, ќе биде ли кривично дело ако партиите финансиски од своја сметка ја помагаат кампањата на кандидатот што го поддржуваат, а кој патем мора да има своја посебна сметка на која државата ќе му префрли пари. Едно е сигурно, се отвора простор за многу махинции, за инјектирање валкани пари во парамедиумите, кои тешко ќе се следат бидејќи единствено што ќе биде под будното око на надлежните институции, тоа ќе бидат сметките на кандидатите. Но нејсе, нашиве партии се покажаа доста инвентивни кога треба да се заобиколат законите и да се најде начин како да се манипулира со средствата, така што некој треба добро да отвори очи.

Тоа е едната работа. Второ, еве шестемина кандидати се водат како независни, односно како граѓански предлози, седмиот кандидат иако е поддржан од партија, сепак и тој собираше потписи и јасно стави до знаење дека ја бара поддршката од сите, така што сега обврската останува на нив, да ја заслужат граѓанската доверба и што е уште поважно, во целост да ја оправдаат.
Кога народот избира претседател на државата на општи и непосредни избори, тоа има посебна тежина бидејќи народот бара лидер што ќе биде на негова страна. Тој лидер ќе го брани народот од секоја власт што се покажа дека многу лесно забегува, особено кога ќе стане заслепена од удобноста на владеењето и бенефициите што постојано им се на дофат, како тендерски провизии, аванси, луксузни автомобили со кои се возат и каде што треба и не треба, разни екскурзии низ светот, високи плати, дневници, паушали, евтино јадење по собраниското и владиното бифе, па и апанажата на крајот, дур се снајдат луѓето, оти ако останат без плата, ќе мора да се задолжуваат…
Народот добро го виде тоа овие 30 години и сега бара вистински лидер, татко на нацијата, еден вистински мудрец што ќе знае да одлучува што е добро за неговиот народ и за неговата држава. Во светот постои недостиг од вистински лидери, односно буквално ги нема, така што сега е шансата Македонија да избере човек што ќе покаже некакви лидерски способности за доброто на сопствената земја. А за да се случи тоа, потребно е претседателот да добие поголеми ингеренции од оние што сега ги има, односно да може да ги стопира штетните закони, штетните договори, да контролира дали партиите од власта се држат до дадените ветувања пред граѓаните, да биде граѓански коректор на политиките што ги спроведува власта. Претседателот избран од граѓаните е единствениот што може да го сплоти народот во ова веќе длабоко поделено македонско општество.

Ако се прифатат барањата на албанските политички лидери во земјава, шефот на државата да се избира во Собранието, тогаш дефинитивно Македонија ќе се претвори во Либан, земја што длабоко ќе се подели во своите етнички кафези, луѓето наместо заедно и сплотено, ќе живеат едни покрај други, мерејќи постојано од кој етникум е претседателот, од кој премиерот, од кој претседателот на Собранието, колку етнички лекари имало, колку шумари, колку професори, балансиран ли е етничкиот сооднос, а во меѓувреме државата ќе пропаѓа бидејќи репер нема да биде квалитетот на луѓето, туку етничките квоти.
Затоа, граѓаните треба конечно да сфатат дека тие се оние што го даваат мандатот, но и тие се оние што имаат право да бараат отчет од оној кому му дале мандат. Тие заслужуваат претседател на кој ќе му веруваат стопроцентно, кој постојано ќе биде меѓу граѓаните, а не во дебелите сенки на боровите на Водно и во ладовината на вилата „Билјана“ крај Охридско Езеро. Кога народот ќе излезе на улица и ќе каже ова не чини, претседателот треба да е со нив, да ги слушне, да се бори за она што смета дека е најдобро за нив, а не да чека инструкции од некое друго место. Едно е сигурно, на Македонија не ѝ се потребни седум мудреци, туку ѝ е потребен само еден разумен човек што ќе знае да ги цени вистинските вредности, да го слуша сопствениот народ и кој ќе има визија каде ја води земјата. По такви луѓе сите одамна трагаат, можеби крајно време е конечно ние да си ги најдеме.