Низ страниците на македонската литература за деца: „Трите самовили“ од Славка Манева

Некогаш многу одамна, накрај село во подножјето на еден рид, речиси залепена за него, стоела трошна куќарка. Ќерамидите ѝ биле испопаѓани, прозорците искршени и немала ниту ограда, ниту двор со цвеќиња. Сите во селото ја нарекувале „куќата на сиромашната вдовица“. Всушност, во неа живеела вдовица со четири дечиња во најголема сиромаштија. Маж ѝ починал одамна и таа работела по туѓите ниви, но тоа не било доволно да си ги прехрани дечињата, кои постојано биле гладни. Навечер тие легнувале плачејќи, со зборовите:
– Мамо, сакам лепче, гладен сум, мамо, сакам лепче!
Мајка им велела:
– Заспиј ми, сине, и ќе сонуваш убав голем леб и ќе јадеш до наситка од него.
Ги галела по главчињата со рапавата рака, сета напукана од тешката работа. Децата заспивале ренѕајќи како мали кутренца. Тогаш сиромашката жена плачела, а солзите се тркалале по нејзиното испечено и суво лице.
– Аман, Господе – велела – или прибери нѐ сите кај тебе или помогни ми да ги прехранам децава. Оваа мака не се трпи веќе. Не можам да ги слушам секоја вечер како плачат за лепче!
Една вечер, седејќи покрај заспаните деца, изморена од работа, и таа заспала и сонила чуден сон. Насон ѝ дошол убав строен старец со сини очи како небо и ѝ рекол:
– Ми се дожале веќе за тебе. Појди утре кон ридот зад куќа и ќе ги нахраниш децата. Ама, запомни што ти велам, тоа е само за тебе и за твоите деца и никому да не кажуваш.
Кога вдовицата се разбудила, веќе осамнала зората.
– Леле, сум се успала! – се уплашила таа и почнала да се подготвува за на работа.
Децата спиеле, слаби, изнемоштени, со преметнати танки рачиња како суви гранчиња. Таа ги погледнала и почнала пак да плаче од жал.
– Мили мои – шепотела – како ќе го минете денов без лепче!
Одеднаш во куќата се почувствувал силен мирис на тазе печен леб.
– Леле, блазе му на тој што си пече таков убав леб наутро!- си рекла во умот.
Излегла надвор, а мирисот бил уште посилен и доаѓал токму од зад куќа. Се сетила на сонот и тргнала да види од каде доаѓа таа убава миризба на печен леб. Кога свртела зад куќа, за малку што не паднала наземи од чудење. Ридот до нивната куќа бил целиот престорен во врел леб кој уште чурел и со убава зацрвенета коричка озгора! На кутрата женичка ѝ се присторило дека уште сонува, но кога дошла до лебот и скршила едно парче, поверувала дека Господ сторил чудо и ѝ ги исполнил молбите.
– Сполај ти, Господе, на добрината – рекла таа гледајќи во синото небо, кое прилегало на очите на старецот што го сонувала.
Влегла во куќата и ги разбудила децата.
– Станувајте, мајкини, да се најадете топло лепче колку ви срце сака!
Децата си ги триеле очите, се протегале и не верувале на зборовите на мајка им.
– Ми се спие – велело најмалото. – Нѐ лажеш, нема лепче!
– Има, има колку сакате, мајкини пиленца. Ајде сите надвор!
Кога излегле децата зад куќа, имало што да видат: целиот рид бил престорен во голем врел леб што мирисал на убавина! Се нафрлиле да кршат, кој коричка, кој срединка и да лапаат до наситка.
– Јадете, мајкини, ама за ова никому не кажувајте – рекла мајка им. Таа накршила и торба леб, за да имаат преку цел ден што да јадат. Кога се кренало повисоко сонцето, лебот го снемало и пак се појавил стариот рид.
Утредента взори жената пак се разбудила со миризба на печен леб. Ги разбудила децата и сите отишле до ридот, сиот престорен во огромен врел сомун, кршеле парчиња, макале солца и јаделе до наситка. Мајка им пак наполнила цела торба за да имаат леб прекуден.
Набрзо децата на вдовицата се поправиле, зајакнале, обравчињата им се зацрвиле и почнале да си играат со другите деца во селото, а не да лежат везден изнемоштени од глад. И мајка им закрепнала, почнала да ја поправа куќата, да го суредува дворот, да сади цвеќиња.
Селаните се зачудиле што се случува со ова семејство и почнале да ги потпрашуваат децата на вдовицата. А тие, деца како деца, се испуштиле и кажале дека взори ридот до нивната куќа се престорува во голем врел леб.
Селаните се договориле утредента скришум да видат дали е тоа точно. Се приближиле скришно до куќата виделе дека таа и децата, наседнати крај ридот кој чурел и мирисал на врел сомун, си кршат залаци, макаат солца и слатко јадат.
Селаните со викотници се доближиле до нив и се нафрлиле и тие на сомунот. Кинеле комати, лапале убав врел леб и ѝ цркале на вдовицата:
– Како не ти е срам, мори бездушнице, да не кажеш за лебов!?
Таа пак, сиромашката, само ги подголтнувала солзите и занемела од страв дека се разбрало за Божјото чудо.
Набрзо се разбрало тоа и по другите села и почнала врвулица луѓе да доаѓа до ридот. Минеле по нејзиниот двор, ги испогазиле цвеќињата. Од лебот кршеле парчиња немилосрдно, полнеле вреќи за дома. И никој веќе не сакал ништо да работи, да оди взори на нивите, да ора или да копа кога имале готов леб. Носеле дури големи вреќи да ги полнат со леб и со него да го хранат добитокот дома.
Вдовицата била уплашена дека го погазила Божјиот збор, но не им се лутела на луѓето, зашто знаела што е глад.
– Ако, ако, накршете си – велела – дал Господ за сите.
Но набрзо, тие што доаѓале почнале да ѝ се лутат.
– Што не побараш, мори глупава жено, и малку сиренце или мевце, да не јадеме секој ден само леб и сол? Тој што ти го пратил лебот, ќе ти го прати белки и тоа.
Вдовицата велела: – Луѓе, да му бидеме благодарни на Господа што имаме лепче секој ден!
Но, селаните сѐ повеќе и повеќе ѝ се лутеле што не побара и нешто друго со лебот. Така минувале недели и месеци, па луѓето станале мрзливи и не работеле ништо, зашто лебот им бил сигурен. Почнале да се караат за сѐ и сешто од здодевност, дури и сакале да ја преселат вдовицата од нејзината куќа, за да можат да го продаваат лебот.
Гледал Господ и слушал што се случува долу на земјата, му се смачило од неблагодарноста на луѓето и решил да ги казни. Едно утро, кога сите дошле до ридот, ја немало веќе таа миризба на печен леб. Ридот си бил од земја и камен како и секогаш. Се врткале сите околу него налутени и викале:
– Што е сега ова? Што ќе правиме без леб? Ова е некоја Божја шега.
Но, набрзо се увериле дека не е шега, туку голема Божја лутина, поради нивната неблагодарност.
И вдовицата останала пак без леб, поради нив. Почнала сиромашката одново да оди на работа по туѓите ниви. Дечињата повторно биле гладни и истоштени.
Кога мајката ќе тргнела взори на работа, свртувала прво зад куќа, за да види да не се престорил ридот во леб. Тогаш таа жално и посрамено ги свртувала очите кон небото и велела:
– Фала ти, Господе, што барем за малку ги усреќи моите деца!
Нејзиното измачено срце било полно добрина и благодарност и им проштавало дури и на луѓето за сторените неволји.
А ридот што прилегал на голем леб ги потсетувал сите дека не треба премногу да се бара ако Господ даде малку среќа.
(од книгата „Трите самовили“, „Просветно дело“, 2009)



































