Фото: Приватна архива

Kреативно лето

Драги читатели, долгото топло лето е пред вас. Знаеме дека ќе имате доволно време за игри во природа, за дружба, забава и за уживање. Бидејќи „Колибри“ цело лето ќе другарува со вас, подготвивме нова рубрика за да ви бидеме привлечни и
летово. Во „Креативно лето“ со интересни активности во секој број ќе ве
изненадува психологот Нина Попадинова. Нашата нова рубрика е наменета и за родителите и за децата и сигурни сме дека ќе пронајдете заедничко задоволство и уживање. Потребно е да ги следите упатствата и лесно да ја реализирате
предложената игра

Вашето дете нека седне удобно и во секоја рака дајте му да држи по едно моливче или боичка. Потоа дајте му задача, истовремено со двете раце да го напише своето име, да нацрта нешто или да направи симетрични цртежи. Важно е двете раце да се движат во исто време и со исто темпо. Активноста може да започне со едноставни линии и форми, а потоа постепено да се зголемува сложеноста на задачите. Најчесто оваа активност е наменета за деца од 5 до 12 години, но може да се адаптира и за помали или за поголеми деца во зависност од нивните моторни способности.
За децата од 5 до 6 години се предлага цртање линии, кругови, бранови и едноставни форми, за децата од 7 до 9 години се предлага пишување букви, пишување на сопственото име и цртање симетрични цртежи, а за поголемите деца од 10 до 12 години, пак, се предлага пишување зборови, кратки реченици и посложени симетрични цртежи.

Илустрација: Фрипик

Оваа активност ја поттикнува билатералната координација, односно способноста двете страни на телото да работат усогласено. Со истовремена употреба на двете раце се стимулира комуникацијата меѓу левата и десната мозочна хемисфера, што придонесува за подобрување на вниманието и концентрацијата. Дополнително се развиваат фината моторика, графомоторните способности и визуомоторната координација, кои се важни за пишувањето, за цртањето и за училишните активности. Тоа помага и во развивањето на истрајноста, самоконтролата и самодовербата, бидејќи детето се соочува со интересен предизвик и со вежбање го следи сопствениот напредок. Бидејќи задачата е забавна и невообичаена, таа често ги зголемува мотивацијата и ангажираноста на детето во процесот на учење.


За авторката

Нина Попадинова е дипломиран психолог, со долгогодишно искуство во работа и едукација на деца. Посветена е на поддршка на детскиот развој, емоционално јакнење, поттикнување на индивидуалните потенцијали и развој на креативноста кај секое дете. Таа е и мастер наставничка по ментална аритметика, каде што преку современи методи придонесува за развој на концентрацијата, меморијата и когнитивните способности кај децата.