Празниците се на народот!

Маѓепсани од привилегиите што ги носи власта, низ годините политичарите почнаа сѐ повеќе националните празници да ги користат за промовирање на сопствената политичка агенда, заборавајќи на идеалите за обединета држава. Тој јаз стануваше сѐ поголем и подлабок, за во еден момент празниците да станат денови за уште поголеми поделби, на кои се фрла со дрва и камења по политичкиот опонент, а најмалку се зборува за вистинското значење на самиот ден. Но вчера, од раните утрински часови, осамнаа пораки со искрени честитки за независноста. Таму немаше партии (без оглед што секогаш ќе се најдат плукачи и ботови), туку само желба за подобра иднина на оваа наша напатена држава. Затоа, можеби би било најдобро политичарите да престанат да ја толкуваат независноста како партиска прослава и да му дозволат на народот тој да слави, бидејќи сета заслуга е негова

Под мотото „Обединети во слободата“, помина уште еден Ден на независноста, 31-от по ред, со истата желба работите конечно да тргнат на подобро и Македонија конечно да стане сплотено и убаво место за живеење за сите.
Кога таа топла септемвриска ноќ пред 31 година од набрзина монтираната бина на плоштадот „Македонија“ се обрати првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, зад него стоеја политичарите од сите политички партии во земјава, интелектуалци, новинари, сплотени во новата ера наречена „независна Македонија“. Таа енергија беше вистинска и чиста, обединувачка, без никакви калкулации, заедничка со народот што спонтано се собра на плоштадот за да го прослави остварувањето на вековниот сон.
Но маѓепсани од привилегиите што ги носи власта, низ годините политичарите почнаа сѐ повеќе националните празници да ги користат за промовирање на сопствената политичка агенда, заборавајќи на идеалите за обединета држава. Тој јаз стануваше сѐ поголем и подлабок, за во еден момент празниците да станат денови за уште поголеми поделби, на кои се фрла со дрва и камења по политичкиот опонент, а најмалку се зборува за вистинското значење на самиот ден.
Осми септември е празник на сите граѓани на Македонија, бидејќи тие беа оние што, без оглед на воената закана од поранешната ЈНА, која лебдеше во воздухот, речиси стопроцентно излегоа на референдумот и гласаа за независна Македонија. Таа храброст на македонските граѓани не смее никој да им ја заборави, а уште помалку да партизира нешто што не е заслуга на ниту една партија – Денот на независноста.
Ваквите празници во секоја земја се доживуваат и се одбележуваат со највисок пиетет, но кај нас празниците почнаа да стануваат настани од висок ризик и повеќе личат на партиски митинзи, отколку на највисок државен празник. Затоа и не треба да чуди што обичните граѓани повеќе ги нема на приватните партиски пикници, собири и други манифестации, бидејќи тие не ја замислуваа така сенародната прослава, едни на една, други на друга страна. Без оглед што сите политичари во еден момент повикуваат на некакво обединување, во следната реченица следува канонада од навреди, обвинувања за тоа кој бил за ЕУ, кој против, кој ги продал националните интереси, а кој ги бранел, за на крајот да се заврши со повиците „Кога ние ќе дојдеме на власт…“.
Сѐ е само за пуста власт, нема идеали, нема почит, нема ништо. Има само интереси, и тоа партиски.

Затоа прославата на секој 8 Септември е во срцата на најобичните граѓани, кои најдобро знаат што значи да се има независна и просперитетна држава. Впрочем, тоа може да се види и на социјалните мрежи, каде што од раните утрински часови осамнуваат пораки со искрени честитки за независноста. Таму нема партии (без оглед што секогаш ќе се најдат плукачи и ботови), туку само желба за подобра иднина на оваа наша напатена држава. Затоа, можеби би било најдобро политичарите да престанат да ја толкуваат независноста како партиска прослава и да му дозволат на народот тој да слави, бидејќи сета заслуга е негова.
Ќе се навратам на еден пример како се славеше Денот на независноста во поранешната СФРЈ, кој повеќето македонски граѓани сѐ уште добро го паметат и се потсетуваат со носталгија на времињата кога празниците и прославите беа вистински народни. Тогаш, на 29 и 30 ноември се прославуваше денот на создавањето на СФРЈ на територијата на цела Југославија, држава со над 20 милиони жители. Тогашните политичари ќе упатеа само честитка и нивното завршуваше, но почнуваа народните прослави. Вработените добиваа дополнителни бонуси или бонови, по некое непишано правило се врзуваа слободни денови, луѓето иако не беа премногу богати, сепак за празникот можеа да си дозволат понекое прасе или јагне на трпезата. Замрзнувачите за длабоко се полнеа со бутови, месо и со зимница, како увертира во пресрет на Нова година. Се славеше од Вардар до Триглав, со музика, манифестации, културни настани, концерти, едноставно народот славеше. Никој никаде не ги гледаше политичарите. На телевизиите ексклузивна забавна програма (тогаш немаше турски серии што се емитуваат и на празник и на делник), по домовите младите организираа журки откако претходно родителите заминале да го слават 29 Ноември кај свои пријатели. Тоа траеше речиси цела недела, едноставно сите живееја за тој ноември одново и одново. Клучното мото тогаш беше дека врз плеќите на народот се создаваше таа држава, така што народот ги добиваше сите заслуги.
Не толку одамна, само пред 31 година, се одвоивме од таа заедничка држава, но како да не ги научивме лекциите зошто таа се распадна. А се распадна бидејќи политиката го подели народот, народот или народите што дотогаш сложно живееле. Кога поделбите станаа големи, исчезнаа и празниците.

Сега и тука се случува истото тоа. Народот што пред нешто повеќе од три децении заеднички ги славеше и Илинден и 8 Септември и многу други празници, сега е критично поделен и поделбата почнува да станува непремостлива, до таа мера некој утре да се запраша што воопшто славиме. Затоа, како и за сѐ друго во државата, потребен е ресет на досегашните практики, и тоа итен. Празниците треба да му се вратат на народот, оти тој народ што од обичните денови направил празници, всушност тој ги заслужува, никој друг. Тие се паметници за неговите победи, па и порази, датуми за паметење и чествување. А, политичарите денес се, утре не се и затоа не треба да се китат со туѓи перја и заслуги. Тие треба молчешкум да се тргнат настрана и да си слават приватно, како сите обични луѓе.
Убаво ќе биде повторно плоштадите во земјава на секој 8 Септември да бидат преполни со луѓе, на кои ќе се пее и прославува без никакви политички говори и пораки, каде што граѓаните ќе почнат одново да се дружат без да се прашуваат кој од која партија е. Празниците треба да се обединувачкиот мотив и за остварување на идеалите на оние што се бореле за независна Македонија, а не нивно погазување. Тоа може да се направи само со напорна бескомпромисна работа на секое поле. Да создадеме квалитетно образование, здравство, инфраструктура, правосудство, да се грижиме за природата, да градиме функционална економија, да ја реформираме администрацијата и, најважното, да ја департизираме државата.
Тоа ќе биде уште еден момент за празнување, празник на кој сите одново сплотено ќе се радуваме за успехот на својата земја. Нека ни биде вековита слободна, суверена и самостојна Македонија.