Празнично енергетско пакетче

Напорите што се прават од главните енергетски компании за пребродување на кризата во редовното снабдување со сите видови енергенти се неоспорни. Но мора да се нагласи дека сѐ уште сме далеку од прогласувањето „победа“ над енергетската криза. Впрочем, и оваа зима е на самиот почеток, а вистинскиот тест за издржливоста на домашните капацитети за производство на струја дополнително следува

Највредното „новогодишно“ пакетче што македонските граѓани и стопанство го чекаа повеќе од еден месец пристигна во Македонија. Носечката единицa од трансформаторот за Блок 3 во РЕК Битола веќе е во кругот на комбинатот. Следува фаза на монтирање и процес на пуштање во производство на блокот во следните десетина дена. Со тоа се создава можност во јануари да работат сите три блока во РЕК Битола. Ваквиот развој на настаните во период кога ја преживуваме најголемата енергетска криза нѐ потсетува на предновогодишните телевизиски филмови, во кои главните актери заглавени во некоја планинска колиба зафатена од снежна бура, на крајот ја добиваат светлината за богато накитената елка. Така, и долгото патување на трафостаницата, за која бевме катадневно информирани преку медиумите, завршува со хепиенд. Граѓаните и бизнис-заедницата сега можат да здивнат и веќе не ќе мора да ги следат секој ден вестите од типот: „Трафостаницата тргна од Турција“, „Трафостаницата стигна во солунското пристаниште“, „Трафостаницата се приближува кон Меџитлија“… Конечно викендов и министерот за економија Крешник Бектеши преку видеопорака ни ја пренесе среќната вест. „Целосно подготвени за зимата… по повеќе години РЕК Битола работи на фул капацитет!“, објави Бектеши во видеопораката.
Иако целата оваа приказна личи на народната за „прасето пред Божиќ“, набавката на трафостаницата и ставањето во функција на сите три блока од термоцентралата во Битола се од голема важност за зголемување на домашното производство на струја. Тоа деновиве го достигнува и физичкиот максимум од 19.000 мегават-часа. Одржувањето на високата цел на ЕСМ ќе им го одврати вниманието на граѓаните од „енергетските“ проблеми и, наместо да слушаат за мегавати, киловати, ремонти, тарифи и блокови, ќе можат барем за миг да ѝ се препуштат на магијата што ја носат претстојните празници. Напорите што се прават од главните енергетски компании за пребродување на кризата во редовното снабдување со сите видови енергенти се неоспорни. Но мора да се нагласи дека сѐ уште сме далеку од прогласувањето „победа“ над енергетската криза. Впрочем, и оваа зима е на самиот почеток, а вистински тест за издржливоста на домашните капацитети за производство на струја, кои се во поодмината возраст, и главните предизвици за редовно снабдување со електрична енергија дополнително следуваат. За да се одржува системот во полна сила, ќе бидат неопходни многу труд, знаење и умешност за вработените во РЕК. Но и на сите други енергетски капацитети во државата.

Енергетската криза во светот ги покажа сите досегашни напластени слабости и пропусти во водењето на националната енергетска политика. Последиците од тринаесетгодишното занемарување на овој сектор, кој е основа за развој на секоја земја, особено негативно се одразуваат врз стопанството и бизнис-заедницата, која е принудена да плаќа прескапа електрична енергија од увоз. Затоа сега сите погледи се насочени кон домашните ресурси и домашното производство на енергија. Тоа е единствен начин да се спасат македонските фирми од затворање, а со тоа истовремено да се зачуваат и спасат илјадници работни места и да се зголеми конкурентноста на домашните компании.
Примерот со македонските хотели, кои останаа полупразни за новогодишните празници, поради високите трошоци, меѓу кои секако спаѓа и скапата струја, е само дел од економските последици што ги трпат поголемите економски субјекти.
Неповолните прогнози за енергетската состојба во светот и во Македонија продолжуваат и во наредната година. Поради тоа останува малку простор за „самозадоволство“ во изјавите на владините енергетичари за „моменталното производство од 17.000 Mwh. Оваа економска криза покажа дека е потребен посериозен пристап на решавање на проблемот со задоволување на потребата за енергија за македонската економија во целина.

Затоа, во пресрет на новогодишните празници, оваа година веројатно најголеми се очекувањата и надежите што всушност ќе донесе енергетскиот Дедо Мраз – односно дали неговото пакетче го содржи најпосакуваниот подарок за бизнис-заедницата и граѓаните, а тоа е поевтина струја од домашно производство

Применувањето ад хок решенија, кои се состојат во премостување на тековните прекини во производството на струја преку ремонти на старите капацитети, може само привремено да ги реши проблемите во енергетскиот сектор. На среден и долг рок се потребни поголеми вложувања во изградба на нови производствени капацитети, кои ќе донесат сигурна енергетска иднина за Македонија, за домашните компании и граѓани со пониска цена на струјата. Затоа, во пресрет на новогодишните празници, оваа година веројатно најголеми се очекувањата и надежите што всушност ќе донесе енергетскиот Дедо Мраз – односно дали неговото пакетче го содржи најпосакуваниот подарок за бизнис-заедницата и граѓаните, а тоа е поевтина струја од домашно производство.