Фото: Игор Бансколиев

Црвено-жолтите утре и в среда ќе играат со Црна Гора, која исто така ќе настапи на СП 2023, а предвидени се две пријателски средби, утре и в среда, а идната недела се и средбите со Австрија и со Израел

РАКОМЕТ – ПО ПОДГОТОВКИТЕ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА НА МАВРОВО ЗА СП 2023

Машката репрезентација на Македонија, под будното око на селекторот Кирил Лазаров, продолжува со засилено темпо на подготовките во Маврово, а во пресрет на Светското првенство (СП), кое в година (11-29 јануари) треба да се одржи во Полска и во Шведска. По еднонеделните заеднички подготовки, црвено-жолтите ќе имаат први тестови, а ривал утре и в среда ќе им биде селекцијата на Црна Гора, која исто така ќе настапи на СП 2023.
– Деновиве ќе ги искористиме за базични подготовки, па последните десет дена да видиме на контролните средби во Хрватска што ќе ни недостига. Имав некое чувство дека ќе имаме тешка група кога беше ждрепката. Но ќе одиме чекор по чекор. Свесни сме дека нема веќе оправдување дека сме млади и неискусни. Се надевам дека ќе продолжиме со континуитетот на силните натпреварувања и ќе направиме добар резултат на претстојното СП во Полска и во Шведска – вели левиот бек Филип Талески.
Според црногорските медиуми, селекцијата на Црна Гора ќе пристигне некомплетна, а ќе ја предводи Брано Божовиќ, помошникот на селекторот Зоран Рогановиќ, кој, пак, уште има клупски обврски во шведскиот клуб Ескилстуна Гуиф. Поради повреда или клупски обврски нема да играат Небојша Симиќ, Радојица Чепиќ, Божо Анѓелиќ, Немања Грбовиќ, Бранко Вујовиќ, Милош Вујовиќ, Васко Шеваљевиќ, Василије Калуѓеровиќ и Марко Ласица. Црногорците до почетокот на СП ќе имаат уште две контролки, против Катар во Доха на 3 и на 5 јануари, од каде што патуваат за Краков, каде што, пак, на 12 јануари го играат првиот меч на СП 2023, со Шпанија.
Македонија го почнува својот осми настап на СП 2023 (шести во низа) на 13 јануари со Норвешка, на 15-ти игра со Холандија, а на 17 јануари со Аргентина. До почетокот на СП, црвено-жолтите во јануари ќе одиграат и две контролни средби во Хрватска, со Австрија и со Израел. Г.И.