- Живееме во време кога преовладуваат визуелните медиуми и комуникација, кога нивото на општа култура е на трагично ниско ниво, а несовесното (неретко и агресивно) однесување кон јавниот простор не застанува само кога се во прашање културните настани, иако можеби таму е најнеочекувано под претпоставка дека станува збор за дел од граѓанството „што сака култура“
- Вредностите не се некаква апстрактна филозофска категорија, туку се она што одлучува дали, на пример, кога ќе отидете во музеј ќе се однесувате со почит кон делата што се изложени или ќе уништите нечиј креативен труд во намерата да си направите „совршено“ селфи и безгрижно ќе си продолжите понатаму… Или, уште побизарно, ќе му свртите грб на некој што и покрај својата физичка попреченост успеал да дојде во инвалидска количка на културен настан
Неодамнешната изведба на монументалното дело „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која ја одушеви многубројната публика во Градскиот парк во Скопје, беше еден од највпечатливите културни настани летово. Илјадници посетители уживаа во спектаклот што на едно место обедини повеќе од 200 музичари и хористи. Во својата објава на социјалните мрежи, телевизиската водителка Искра Мишиќ упати пофалби за уметничката изведба, но и критика за однесувањето на дел од присутните на концертот (непримерно однесување на одредени лица во публиката, непочитување на основните правила на општа култура, обиди за влегување во заградениот простор меѓу сцената и публиката, расправија на поголема група со обезбедувањето…), но најмногу односот кон лицата во инвалидски колички што биле дојдени да го проследат настанот…
Последен пат пишував на оваа тема пред извесно време кога возрасен маж скрши три прсти од десното стапало на скулптура од 19 век на големиот мајстор Антонио Канова, позирајќи покрај неа во музејот „Гипсотека“ на северот на Италија (човекот бил фатен на надзорните камери како „удобно“ си се сместува и си седнува врз постаментот на кој е поставена скулптурата). Овој случај на уништување уметничко дело поради незнаење за вредноста на уметноста е само еден, можеби радикален, пример на немање базична или општа култура за тоа како треба да се однесува публиката во јавни простори, но низата продолжува во недоглед. Особено во нашата средина каде што не ни се туѓи многубројните примери на публика што не го познава основниот бонтон на однесување, во случајов, на концерт, затоа што почитувањето на уметниците поради кои сме отидени на концерт не вклучува само исклучување мобилниот телефон, иако многумина мислат дека со тоа завршиле работа. Многупати едвај сум се воздржувала да не изреагирам пребурно во случаи на доцнење на публиката, шепкање, кашлање, чкрипење со столот, аплаудирање помеѓу ставови…, постапки што сега по инцидентот во Градскиот парк ми се чинат минорни. Општата ниска култура на македонската публика, онаа што ракоплеска помеѓу ставови, гласно коментира во театар или гази сѐ пред себе по музеи и на концерти, укажува на фактот дека сѐ уште има такви што не сфатиле дека уметноста не е наменета само за вљубеници, туку дека таа е база за развој на секоја личност.
Живееме во време кога преовладуваат визуелните медиуми и комуникација, кога нивото на општа култура е на трагично ниско ниво, а несовесното (неретко и агресивно) однесување кон јавниот простор не застанува само кога се во прашање културните настани, иако можеби таму е најнеочекувано под претпоставка дека станува збор за дел од граѓанството „што сака култура“. Секојдневно сме сведоци на фрлање отпадоци на улица и во паркови, оштетување клупи, автобуски постојки, детски игралишта, чкртање на фасади, споменици, гласна музика и прекумерна бучава, вознемирувачко непочитување во сообраќајот, паркирање на места за лица со попреченост, туркање и прескокнување редици…
Но да се вратиме на „културната“ публика или подобро кажано публиката на културни настани, која, чест на исклучоците, е сериозно дезориентирана меѓу загубените вредносни системи и пазарното работење, а најмногу како последица на квазиобразование наместо вистинско и квалитетно знаење, особено кај младите генерации, кои, под поразното влијание на новите трендови, сосема ги загубија и елементарните етички ориентири. Во ваква општествена клима се случува декаденцијата во културолошка и морална смисла, која забележливо расте, што е загрижувачки факт. Најголема жртва се токму вредностите, кои не се некаква апстрактна филозофска категорија, туку тоа е она што одлучува дали, на пример, кога ќе отидете во музеј ќе се однесувате со почит кон делата што се изложени или ќе уништите нечиј креативен труд во намерата да си направите „совршено“ селфи и безгрижно ќе си продолжите понатаму… Или, уште побизарно, ќе му свртите грб на некој што и покрај својата физичка попреченост успеал да дојде во инвалидска количка на културен настан.


































