Урсула фон дер Лајен / Фото: Маја Јаневска-Илиева

ТАЈНИ ПОРАКИ, ИСТРАГИ И МНОШТВО ОСНОВИ НА СОМНЕВАЊА КОН ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА

  • Дали Урсула фон дер Лајен ја претвори транспарентноста на ЕУ во најголема слабост за време на своето претседателствување? Уште еден, нов случај што ги отвора старите дилеми за непринципиелност на носителите на највисоки функции на ЕУ во Брисел

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повторно се најде под лупата на европските институции, овој пат поради сомневања дека Европската комисија (ЕК) „…неосновано ја ограничила јавноста да добие увид во комуникациите што ги водела со украинскиот претседател Володимир Зеленски и неколку европски државници“…
Имено, во врска со тоа, европската омбудсманка Тереза Анжињо отвори формална истрага за да утврди дали Европската комисија ги прекршила правилата за јавен пристап до документи, откако одбила да ги објави пораките разменети во приватен групен разговор.
Според медиумските извештаи, во групната комуникација, покрај Фон дер Лајен и Зеленски, биле и германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони и британскиот премиер Кир Стармер.

Почеток на истрагата

Постапката е поведена по жалба на холандската истражувачка редакција „Фоул д мани“, која побарала увид во комуникацијата меѓу европските лидери. Европската комисија го одбила барањето, образложувајќи дека евентуалното објавување на содржината би можело да ги наруши меѓународните односи на Европската Унија со трети држави. Во своето писмо, омбудсманката Тереза Анжињо наведува дека ќе испитува „дали Европската комисија правилно ги применила европските правила за пристап до документи и дали оправдано ја ограничила јавноста“.
Според најавите, претставници на Европската комисија и Канцеларијата на омбудсманот треба да се сретнат во текот на јули, а истрагата би можела да трае повеќе месеци.

Низа контроверзни случаи што ја следат Фон дер Лајен

Ова не е првпат претседателката на Европската комисија да се најде во центарот на дебата за транспарентноста. Напротив, новата постапка се надоврзува на серија контроверзии што во изминатите години отворија прашања за начинот на кој Европската комисија ја води службената комуникација и дали највисоките функционери се придржуваат до истите стандарди што ги бараат од земјите членки.
За потсетување, најпознат е случајот што во јавноста е именуван како „Фајзергејт“, кој се однесува на текстуалните пораки разменувани меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на компанијата „Фајзер“, Алберт Бурла, за време на преговорите за повеќемилијардните договори за набавка на вакцини против ковид-19. Кога американскиот весник „Њујорк тајмс“ побара увид во тие пораки, Европската комисија тврдеше дека тие не можат да бидат пронајдени или дека не претставуваат службени документи. Но Општиот суд на Европската Унија оцени дека Комисијата не дала доволно уверливо образложение за својата одлука и дека не постапила во согласност со правилата за пристап до документи, нанесувајќи сериозен удар врз кредибилитетот на институцијата. Иако пресудата не утврди лична вина кај Фон дер Лајен, таа отвори прашања за начинот на кој се водат и архивираат комуникациите на највисоките европски функционери.

Манипулации со повеќе „избришани пораки“ на релацијата ЕУ – Меркосур

Само неколку недели пред отворањето на најновата истрага, европскиот омбудсман повторно ја критикуваше Европската комисија поради исчезната текстуална порака поврзана со францускиот претседател Емануел Макрон и разговорите околу трговскиот договор меѓу Европската Унија и Меркосур. Според оцената на омбудсманот, пораката не смеела да биде избришана бидејќи претставувала дел од службената комуникација што мора да биде зачувана. Во своите препораки, омбудсманот ја повика Европската комисија значително да ги подобри процедурите за архивирање на службените комуникации, вклучувајќи ги и текстуалните пораки испратени преку мобилни апликации.

Прашање на „прегазени принципи“ на претседателката на европската влада

Сите овие случаи отвораат пошироко прашање што одамна ја надминува судбината на поединечни пораки или електронски преписки. Европската Унија во својата надворешна политика постојано ги истакнува принципите на отчетност, владеење на правото и институционална транспарентност, барајќи нивно почитување од земјите членки и од земјите кандидати. Токму затоа секој нов спор што се однесува на пристапот до документи во самата Европска комисија дополнително го засилува впечатокот дека институцијата се соочува со предизвик да ги примени истите стандарди и врз сопственото раководство.

Нема пресуди, но сомнежите остануваат

Во ниту еден од досегашните случаи Урсула фон дер Лајен не е прогласена за виновна за незаконско постапување. Сепак, повторувањето на истрагите, судските постапки и критиките од европските контролни институции создава впечаток дека прашањата околу транспарентноста не претставуваат изолиран инцидент, туку проблем што постојано се враќа. Додека Европската комисија инсистира дека сите нејзини одлуки биле донесени во согласност со законските исклучоци што ги дозволува европското право, критичарите предупредуваат дека одбивањето да се објават комуникациите, нивното непронаоѓање или бришење ја поткопува довербата во институцијата што треба да биде симбол на европската отчетност. Новата истрага на европскиот омбудсман ќе покаже дали станува збор за оправдано повикување на заштита на чувствителни дипломатски комуникации или за уште еден случај што ќе ги продлабочи сомнежите околу транспарентноста и принципиелноста на раководството на Европската комисија. П.Р.