Лига Европа наспроти балканска лига

Отпорот на постарите земји-членки кон проширувањето, најмногу поради негативните искуства со избрзаниот прием на Бугарија и Романија, и натаму е голем, но веќе е подготвен план како да се амортизира притисокот на противниците на проширувањето, така што ќе се формира заедница во рамките на ЕУ, која ќе биде еден вид втора лига, но под капата на ист сојуз. Во практика тоа би значело дека во следнава деценија, ако не и побрзо, сите земји од Западен Балкан, дополнети со Украина и Молдавија, де факто ќе станат членки на ЕУ, но како втор ешалон. Сите ќе добијат пристап до заедничкиот европски пазар, ќе има некаква регулација на движењето на работната сила според квалификациите, со тоа што земјите од вториот ешалон нема да имаат право на вето, на свои комесари и на уште неколку други ингеренции што ги имаат членките од првиот ешалон

Војната во Украина, тензиите во Косово, претходно пандемијата, бегалската криза, ја натераа Европската Унија сериозно да се замисли за својата иднина, бидејќи станува сè поочигледно дека единството во Унијата е длабоко поткопано, земјите-членки поаѓаат од сопствените интереси, занемарувајќи ја поголемата европска слика.
Сето ова им станува јасно на водечките европски челници, кои се свесни дека ако дозволат Европа и натаму да биде заложник на нечии индивидуални неразумни и себични позиции, тогаш ЕУ нема иднина како заедница во која ќе се негуваат различностите и ќе се почитуваат европските вредности.

Затоа во последно време се интензивираат подготовките за реформа на самата ЕУ на начин што ќе ја направи функционална во носењето одлуки, почнувајќи од надворешната политика, безбедноста, економијата, екологијата, дигиталната агенда и уште многу други прашања за кои е тешко сега да се постигне консензуална согласност.

Последиците од нереформираната ЕУ најдобро ги почувствува Македонија, која повеќе од 20 години е во европската чекалница само затоа што една нејзина членка внесе билатерален спор во македонските евроинтеграции. Таа членка беше Грција, која го искористи правото на вето како алатка да ја опструира европската надворешна политика, која уште од времето на солунскиот самит беше трасирана во насока на брзо проширување со сите земји од Западен Балкан. Грција прва го запре тој процес, така што со децении ја блокираше Македонија, флагрантно прекршувајќи го меѓународното право. И ЕУ тука едноставно беше немоќна, бидејќи системот на гласање налагаше да се почитува грчкото вето, колку и да им изгледаше тоа банално и неразумно на европските претставници. Кога конечно се надмина овој проблем, пред пет години, следуваше ново, сега француско вето, поточно тогаш францускиот претседател Макрон излезе со план да ја менува пристапната методологија. Да не бидат само две, по француското следуваше трето, овој пат бугарско вето, повторно за прашања што се билатерални, но уште повеќе прашања што се апсурдни и кои немаат никаква врска со копенхашките критериуми. И тоа траеше, ЕУ не се тревожеше премногу околу блокадите кон Македонија, за на крајот да се случи руската агресија врз Украина.

Тоа беше пресвртниот момент кога Брисел конечно сфати дека ѓаволот ја однел шегата и дека ако продолжи лежерно да се однесува кон проширувањето, може во срцето на Европа да добие голема „сива зона“, која ќе генерира нестабилност од пошироки, европски размери.

Сега одеднаш проширувањето на Унијата повторно се врати на голема врата, па дури се спомнуваат и временски рамки, некаде до 2030 година, цел Западен Балкан да стане дел од ЕУ.

Операцијата за „собирање“ на земјите од регионот под европски покрив веќе започна, а францускиот претседател Макрон и германскиот канцелар Шолц сè почесто имаат приватни средби, далеку од очите на јавноста, на кои се разговара како да се реформира Унијата и во таа реформирана заедница да се најдат сите земји со кои и географски ќе се заокружат границите на ЕУ.

Размислувањата на Макрон и плановите за реформа на ЕУ сега ја отвораат можноста за нови проширувања, процес што досега беше целосно замрен. Вака, сега се говори за Европа во две брзини, за прв и втор ешалон, односно вториот ешалон би бил просторот за проширување, за што никој нема забелешки. ЕУ така целосно ќе ја заокружи европската територија, ќе го затвори прашањето за проширувањето и ќе може од комотна позиција да ги притиска сите оние во вториот ешалон да работат на реформите ако сакаат да ги почувствуваат европските придобивки во полн капацитет.

Отпорот на постарите земји-членки кон проширувањето, најмногу поради негативните искуства со избрзаниот прием на Бугарија и Романија, и натаму е голем, но веќе е подготвен план како да се амортизира притисокот на противниците на проширувањето, така што ќе се формира заедница во рамките на ЕУ, која ќе биде еден вид втора лига, но под капата на ист сојуз. Во практика тоа би значело дека во следнава деценија, ако не и побрзо, сите земји од Западен Балкан, дополнети со Украина и Молдавија, де факто ќе станат членки на ЕУ, но како втор ешалон. Сите ќе добијат пристап до заедничкиот европски пазар, ќе има некаква регулација на движењето на работната сила според квалификациите, со тоа што земјите од вториот ешалон нема да имаат право на вето, на свои комесари и на уште неколку други ингеренции што ги имаат членките од првиот ешалон.

Затоа во последно време Брисел инсистира на зголемена регионална соработка и поврзување, а самитот на новата Европска политичка заедница (која е фактички втората лига на ЕУ) ги потврди намерите за побрзо обединување на Европа.

Иницијативата Отворен Балкан е веќе еден вид мала ЕУ, недостигаат уште БиХ, Косово и Црна Гора, кои сè уште искажуваат одредени резерви кон ваквите регионални проекти. Поддршка на регионалното поврзување даде и Вашингтон, кој смета дека на тој начин сите земји подобро ќе се подготват за влез во ЕУ. Наесен следува нов самит на лидерите на ЕПЗ, што значи дека европскиот втор ешалон полека ги добива своите контури во рамките на единствената ЕУ и веќе функционира. Македонија сега е притисната да ги направи уставните измени ако сака да го фати овој „брз воз“, но разочарувањата од минатото оставаат доза на недоверба и дилемата „што ако ниту тоа не е доволно“. А сигурно нема да биде доволно, слушајќи ги изјавите на бугарската потпретседателка Јотова, која јасно кажа дека уставните измени се само еден мал дел од сето она што треба да направи Македонија ако сака да продолжи со евроинтеграциите.

Токму поради позиции како бугарските е повеќе од потребна реформа на ЕУ, во чии рамки се најавува и укинување на консензуалното гласање, со што ќе се оневозможи земјите-членки да блокираат сè и сешто и на тој начин да го поткопуваат кредибилитетот на самата Унија.

Неодамна германскиот Бундестаг донесе резолуција со која им се дава поддршка на македонскиот идентитет, јазик и култура на патот на земјава кон членство во Европската Унија. Вакви резолуции и декларации се најавени и од други европски парламенти. И сето тоа е добро, но најдобро ќе биде една ваква декларација да се изгласа во бугарското народно собрание, со што официјална Софија јасно ќе потврди дека нема никакви задни намери кон Македонија, а тоа секако ќе придонесе процесот на уставните измени во земјава да помине најбрзо што може и со широк консензус. Тоа се вистински европски манири, кои, за жал, Бугарија како европски „прволигаш“ воопшто не ги покажува, туку според капацитетите што ги покажува по 15 години „играње во Европа лига“, зрела е за испаѓање во европската втора лига. Тоа не би било лош принцип – „прволигашите“ што не напредуваат да се преселат во втора лига. За тоа нека мислат Макрон и Шолц, наше е да кажеме.

Нејсе, од влезот на Македонија во втората европска лига најмногу ќе добијат граѓаните, бидејќи конечно партиите нема да можат да ја трупаат администрацијата со партиски кадри, нема да можат да спроведуваат тендери во четири очи со милионски провизии, корупцијата ќе мора да се сведе на минимум, економијата ќе добие пристап до многу поголем пазар, нема да има потреба од вадење бугарски пасоши, владеењето на правото ќе мора да стане императив, ама вистински, а мерит-системот ќе биде единствениот по кој луѓето ќе доаѓаат на позиции. Ова е само мал дел од сето она што земјава ќе мора да го направи како „второлигашка“ членка на ЕУ, а ако сака да влезе побрзо во првиот ешалон, тогаш ќе треба да им даде шанса на сите оние што знаат, умеат и сакаат да им помогнат на својата земја и на својот народ. А такви има многу, кои сега се само демотивирани од јавашлакот на политичките партии.

Како и да е, подобро макар и втора европска лига за десет години, отколку сегашнава балканска лига со просечни „играчи“, кои гледаат само како да ги шитнат натпреварите и да си ги наполнат џебовите, наместо да одиграат најдобро што знаат поради навивачите што несебично ги бодрат.