Се нервирате што не може да спроведете и физички геноцид, така?

Море, семето да им се сотре! `Ба им стопанката!
Вака Македонците, на македонски, ги пцуеле германските нацисти, на почетокот од Втората светска војна, кога овие им парадирале низ селата со своите кукасти крстови, шмајзери и шлемови. Вака ги пцуеле и на крајот од војната, кога заедно со нивните сојузници, бугарските нацифашисти, разгаќени ги набркале од Скопје. На ист македонски пцуел и Драган од Охрид, кој во 1492 година, како член на посадата на Колумбо, запловил накај Индија, ама ја открил Америка. На истиот убав македонски јазик го пцуеле и Кубер во 680 година, првиот Бугарин што стапнал во Македонија. Го пцуеле, ама не ги разбрал, оти пустиот зборувал огурски јазик. Сочните македонски пцости првпат ги разбрале неговите потомци, дури во 893 година, кога го прифатиле македонскиот јазик, познат и како старословенски, за свој официјален. Со истите стари македонски пцости се расфрлале и Македонците што ја виделе средновековна Западна Европа, оти не можеле да поверуваат дека, додека кај нив дома се случува македонска ренесанса, ваму се палат жени како вештерки.

Затоа, ќе го замолам германскиот амбасадор да им пренесе на своите соплеменици од Бундестагот нека не се потат многу со глупави политички финти наречени резолуции за посебноста на македонскиот идентитет, јазик и култура, оти постоеле многу време пред тие да халуцинираат жени на метли. Патем, нека прават разлика меѓу јазик што се зборувал од памтивек и стандардизација на истиот тој. И наместо да ни продаваат глупави политички штосови, како оној кога САД демек го признаа уставното име на Македонија, нека си ги гледаат „леопардите“, оти мечки им ги изедоа сосе тевтонски крстови, гасеници и нишани.

А ме изненади словенечката претседателка со блесаво презиме. И таа ни продава политички будалаштини, демек и тие, Словенците, морале да го сменат Уставот за да влезат во ЕУ, иако сите знаеме дека нивното тогаш нема никаква врска со нашево сега. Словенечката претседателка бара од нас да ги напикаме Бугарите во Уставот, што не е проблем ако Бугарите ги признаат Македонците во Бугарија и ги напикаат во својот устав, но и да престанат да негираат македонски народ, историја, јазик и култура и да ги присвојуваат како бугарски.

Ќе се обидам на словенечката претседателка симболично да ѝ објаснам што е проблемот. Ако ги ставиме Бугарите во Уставот, а тие продолжат да инсистираат дека Македонците се измислен народ што зборува бугарски дијалект, тогаш и Словенците имаат проблем. Словенија се наоѓа на Македонскиот (Балкански) Полуостров. Словенците се едно од македонските племиња, а словенечкиот јазик е дијалект на македонскиот. Со поддршка на бугарските барања, официјална Љубљана јавно признава дека Словенците не се Македонци, туку Бугари. За да не дојде до вакви нелогични будалаштини, ќе ја замолам словенечката претседателка да не продава политички демагогии, ами да се фати за работа и да побара да се отвори словенечкиот устав, па во него да се внесат Македонците, не само како државотворен народ туку и како цивилизациска вредност од која произлегува словенечката идентитетска приказна. Знам дека претседателкава е доволно интелигентна за да го разбере мојот симболичен цинизам, како што знам дека ќе продолжи, исто како и нејзините западни колеги, да ја турка антимакедонската нациагенда.

Но, имам уште нешто да додадам. Не само Словенија, сите западни земји треба да ги отворат своите устави и во нивните преамбули да го додадат следново: „Западната цивилизација се држи на три столба: политички, филозофски и религиски. Политички, тоа е глобализмот. Модерната западна култура, филозофски се држи за Аристотел. Религиски, тоа секако е христијанството. Глобализмот го научија од Александар Македонски, Аристотел е Македонец, а христијанството во Европа го донесе Свети Павле, преку Македонија. Оттука, трите цивилизациски столба на кои почива западната цивилизација се дојдени од Македонија“.

Во ред, доволно цинизам. Повеќето од западниве бирократи не ни имаат интелектуален капацитет да го разберат. Тоа што многумина тука ги доживуваат како божества е уште повеќе цинично смешно. Мене ми е совршено јасно дека тие ќе продолжат со агендата. Подосадни се од црниот ѓавол, оти знаете, крајно е упорен во својата мисија да ти ја земе душата. Е овие, кај упорни, ама и гротескно досадни, не се ни обидуваат малку да импровизираат и да се помрднат од планираното им нацисценарио. Како пред договорот во Преспа, така и сега. Ќе се редат со глупите пораки и закани, додека не дојде на ред „новиот Хан“, кој ќе побара да се спроведе чист западен варваризам за непослушните, ама облечен во лажно руво наречено „балкански методи“. И веројатно ќе си ја остварат планираната мисија, исто како со нацидоговорот од Нивици.

Не знам како да им објаснам, ете, го истераа своето, го укинаа македонизмот создавајќи го зомбите Нордистан и неговите нордистанци, им доделија половина од нашиот идентитетски код на Грците, сега ќе најдат начин како другата половина да им ја препишат на Бугарите, оти, нели, секогаш тука им се на помош нашите политички глуварчиња (нека ми простат глуварчињата за поганата споредба), ама боже ми прости, толку ли се глупи и прогресивно неписмени? Знаат ли воопшто историја?

Барем сопствената. Како не им е јасно дека ова нивново, сосе нашево предавничко, привремено е. Сега им успеало, но не е за навек. Нели така си мислеа и во 1913-та? Нас сега нè победија, не дека бевме некој сериозен отпор, иако мора да се признае дека и повисоките однадвор и политичкиве џуџиња однатре, гадно, до хистерија се препотија, но битките, од позиција на неприкосновена, а изопачена моќ, ги добиваат, ама сепак, еве ви од мене уште едно психоисториско пророштво. Идните генерации Македонци, кои ќе ја вратат душата на Македонија, а тоа ќе се случи, во историските учебници ќе споменат за една флека од повраќаница, наречена Нордистан, создадена од тогашната „коминтерна“ на САД, ЕУ и НАТО, со помош на домашни квислинзи чии имиња е небитно да се споменат, која постоела еден период како нечистотија што потоа засекогаш била отстранета. Ете, така ќе биде, никако поинаку, иако најверојатно, ниту вие, ниту ние, нема лично да посведочиме. Знам, знам, многу се нервирате што не може да спроведете и физички геноцид, оти преочигледно ќе биде.

П.С. Уф, сега ќе се јават буквалисти, ЕУ/НАТО фундаменталисти и историски фаталисти, ама па ако не ми верувате, ѕирнете во психоисториската крипта на Хари Селдон, таму ви е сè запишано.