Крлежите против општеството, 13:0

Овие неколку случаи што деновиве беа забележани во нашата земја се доволен доказ дека не сме едуцирани и дека не знаеме како да постапиме во вакви случаи.
Многу мои познаници велат дека од крлежите се прави преголема „драма“, дека не се опасни и дека доколку им се случи убод од крлеж тие самите си ги отстрануваат во домашни услови. Токму оваа состојба во која една жена почина, една вработена на Инфективната клиника е заболена, а единаесетина се под здравствен надзор, покажува дека овој мал инсект носи со себе низа опасности, не само за тој што ќе го касне туку и за сите други. А токму тие сите други и нивните минуси во врска со оваа појава ќе се обидам да ги наведам и образложам: државните институции, локалната власт, секако, медиумите…

На крајот на минатиот месец, 27-годишна жена од Штип почина како последица на каснување од крлеж. Како последица на убодот од инсектот, жената заболе од конго-кримска хеморагична треска, па и покрај тоа што беше хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, нејзината состојба се влоши, по што таа, за жал, почина.
Деновиве дознавме и дека се појави втор случај на заболен од оваа треска, болничарка што работи на Инфективната клиника, која имала контакт со пациент со истата дијагноза.
Санитарната инспекција, пак, ставила уште 11 лица под здравствен надзор поради ризик од ширење на болеста. За среќа, надлежните велат дека не очекуваат да има повеќе случаи на конго-кримска хеморагична треска во блиска иднина.
Ако добро знам да пресметам, тоа значи дека 13 лица претрпеа некакви последици од крлежите. Некој директно, некој индиректно. Некој го загуби животот, друг е веќе заболен, неколку се под надзор….
Овие неколку случаи што деновиве беа забележани во нашата земја се доволен доказ дека не сме едуцирани и дека не знаеме како да постапиме во вакви случаи.
Многу мои познаници велат дека од крлежите се прави преголема „драма“, дека не се опасни и дека доколку им се случи убод од крлеж тие самите си ги отстрануваат во домашни услови.
Токму оваа состојба во која една жена почина, една вработена на Инфективната клиника е заболена, а единаесетина се под здравствен надзор, покажува дека овој мал инсект носи со себе низа опасности, не само за тој што ќе го касне туку и за сите други
Не, не треба сами да ги вадите крлежите со разни „бабини“ совети. Ацетон, алкохол, памук, масло… и за тоа си постојат стручни лица што знаат да го изведат по протокол отстранувањето на инсектот.

Значи станува збор за состојба што лесно може да се развие до епидемија, а чинам дека доста ни е од епидемии по онаа од ковид, која ни одзеде две скапоцени години од животите на сите нас, а последиците и ден-денес ги претрпуваме.
Оттука, несомнено би сакала да прашам каде е одговорноста на сите засегнати страни во општеството? Институциите, општините, медиумите…
Речиси помина летото, а на социјалните мрежи сѐ уште се објавуваат фотографии од големи неискосени тревни површини. На тие површини мали деца трчаат, играат, паѓаат, а сите сме релативно добро запознаени дека токму овие зелени пространства се живеалиштата на крлежите.
Значи, првиот минус оди за општините. Да не почнам да набројувам само во колку општини досега беа фотографирани змии што излегоа од високите треви.
Штом најголемиот дел од населението не ги смета крлежите за реална закана по човековото здравје, значи дека едукацијата за оваа болест е еднаква на нула.
Крлежите постојат, денес речиси секое семејство чува куче, па многу веројатно е и да си ги носиме дома. Дали воопшто сме свесни за опасностите што демнат над нас и нашите деца?
А и ако подобро размислам, луѓето не се ништо виновни. Кога нема кој да им каже, да пушти една кампања по телевизиите и медиумите за да ги едуцира дека сепак овие потценети инсекти, чии омилени домаќини се домашните миленици, можат некого да го чинат живот, народот ќе се снаоѓа како и за сѐ досега. Како знае и умее.
А треба да има еден правилник, еден протокол на однесување доколку сте во природа, доколку посетувате тревни површини. Да има во парковите, покрај Вардар и насекаде каде што има тревни површини табли со препораки и совети за тоа како да постапи секој што бил во трева.
Да не почнам да пишувам и за тоа колку дворови на училишта и градинки пролетва стоеја обраснати како џунгли, а на децата им беше ускратено правото да ги користат, токму поради ризикот од овие смртоносни каснувања.
Тука е вториот минус. За жал, за оваа болест дознавме предоцна. Жртвата веќе ја дадовме. Верувам дека многумина не го ни паметат името на болеста што ѝ го одзеде животот на младата жена.
Значи, вториот минус оди кај државните и здравствените институции, училиштата и градинките.

Ако некој не знае и не слушнал за оваа болест, не значи дека истата таа и не постои. Напротив, добро едуцираните луѓе знаат како да се заштитат, знаат како да се однесуваат во природа.
Кога сте гледале емисија на „Национал географик“ каде што водичот низ природата носи влечки и ниски чорапи додека се движи низ високи треви каде што го демнат илјадници опасности?
Сите тие се облечени со патики со дебел ѓон, над глужд и со високи чорапи до колена. Тој кодекс на облекување не е за да бидат во мода, туку да се заштитат себеси од разни напади од инсекти и влечуги.
Ние тука, „распашана команда“. Дојде ли пролет, кога впрочем и крлежите ги има најмногу, сите се по тревите со распослани ќебиња. Деца лежат по тревите боси, возрасните со влечки се разладуваат во тревите, а сите заедно со кратки панталони уживаат во ладовината на природата. Значи, без никаква заштита. Затоа што не се едуцирани дека постои правило на облекување, па дури и за посета на природата.
На крајот, за жал, морам да констатирам дека најголемиот минус е за медиумите. Трчајќи по политички теми и наслови што бркаат читаност, медиумите заборавија на примарната цел. Информирање, едукација и сервис на граѓаните.
Медиумите, како сервис на граѓаните, како браник на нивниот интерес, треба и мора да се ориентираат кон превентивните совети за овие појави.
Медиумите не смеат да ја запостават и да ја заборават својата улога: јавниот интерес во фокус, секогаш во интерес на граѓаните!

[email protected]