Токму поради оваа преземена обврска од Преспанската спогодба, деновиве е целосно блокиран системот за вадење лични документи, поради што граѓаните би можеле да останат со неважечки документи најмногу поради немањето капацитет од страна на МВР да ја заврши навремено целата работа. На оние што некако и ќе успеат да добијат оператор, терминот што им е на располагање е ноември, па дури и декември

Цената за сервилниот однос на лидерите секогаш ја плаќаат граѓаните

Попустливоста во карактерот на сите досегашни македонски власти кон сè што доаѓа како диктат од страна во текот на изминатите три децении, со посебна динамика во последно време, напросто во целост го урниса кредибилитетот на Македонија како суверена држава, способна самата да се грижи за националните интереси. Поигрувањето со македонската држава не престанува и ден-денес, затоа што никој нема храброст да каже „стоп“!
Најпрво Брисел со години си поигруваше околу признавањето на независноста на новата држава произлезена од распадот на СФРЈ, а потоа и Обединетите нации ја погазија сопствената повелба и го исклучија сувереното право на секоја држава при зачленувањето самата да го одредува сопственото име.
Потоа диктатот го презеде Грција и со децении ја држеше „малата соседна земја“ во целосна изолација, не дозволувајќи ѝ да мрдне ниту чекор во евроатлантските интеграции додека не се согласи да го промени името. Блокадата беше крената во оној момент кога Македонија направи нова болна отстапка, откажувајќи се од уставното име за да влезе во НАТО и да ги почне преговорите со ЕУ. Во НАТО влезе, но преговорите со ЕУ не ги започна поради блокада на Франција, а потоа и на Бугарија, која сега е главниот диригент на преговарачкиот процес на земјава со Унијата.

Сите бараат нови и нови отстапки, концесии, авансирања од наша страна
или, пак, целосни откажувања…

Сето ова јасно говори дека сиве овие години Македонија е меѓународен субјект од кого сите нешто побаруваат, сите бараат некакви нови отстапки, концесии, авансирања од наша страна или откажувања, а никој ништо не дава за возврат. Со други зборови, сите си поигруваат со неа и си ги задоволуваат сопствените апетити. Штетата од ваквите сервилни политики ја трпат исклучиво македонските граѓани.
Имено, во време кога Грција нема спроведено, метафорички кажано, „ниту една единствена запирка од Преспанската спогодба“, македонските власти буквално галопираат во имплементацијата на договореното од Нивици… Се менуваат табли и документи, во јавниот дискурс политичарите од власта и нивните блиски апологети се натпреваруваат кој повеќе во една реченица ќе го употреби новото име, едноставно како намерно да сакаат да импутираат „диво месо“ во македонското општествено ткиво, кое очигледно не го прифаќа тоа и го отфрла.
Деновиве голем број македонски туристи што летните одмори ги поминуваат во Грција ја „бомбардираат“ редакцијата со фотографии, реагираат и на социјалните мрежи и прашуваат зошто јужниот сосед и натаму нè именува како ФИРОМ, а на таблите покрај патиштата и натаму стои „Скопиа“. Дополнително, Грција и пет години по ратификацијата на Преспанската спогодба не ги ратификува трите меморандума што беа единствена нејзина обврска и нема никаква најава дали и кога ќе се случи тоа.
Во меѓувреме, во Македонија во тек е замената на парите, на регистарските таблички, а сега и на личните документи, кои мора да се сменат со нови заклучно до февруари 2024 година, без оглед на рокот на важност. Сето тоа на трошок на граѓаните.

Термин за вадење лични документи како џекпот

– Срамота е ова што го прави нашата држава. Кон крајот на јули бев во Грција и таму никој не се потресува околу спогодбата од Нивици. Истите табли си стојат од пред 30 години, исто не сакаат да слушнат за зборот Македонија, макар и со географска одредница, едноставно како да не постоиме, иако секоја година нашите граѓани оставаат милиони евра таму. Сега нашава влада бара да ги менуваме и документите, личните карти и пасошите. Па, мене пасошот ми важи уште шест години, во него има печат со новото име, зошто сега да плаќам дополнителни пари за нов документ, згора на тоа не може да се дојде и до термин – вели еден скопјанец, кој е само еден од повеќе десетиците анкетирани граѓани што зборуваа во името на десетици илјади…
Анкетираниот граѓанин револтирано сведочи дека трипати се обидел да закаже термин за нов пасош, но дека по половина час чекање на телефонската линија се откажал.
– Онлајн не може да се закаже, на телефон човек треба да го изгуби целиот ден, така што мислам дека овие наши политичари треба малку да олабават со трчањето во спроведувањето на Преспанскиот договор – револтирано истакнува Васил.

Договорните обврски важат еднакво за сите, ако еден не почитува, договорот не важи

Познавачите на меѓународноправните состојби сметаат дека Македонија има простор да издејствува одложување на обврските од спогодбата потпишана во Нивици.
– Ако една договорна страна, во случајот Грција, не исполнува ништо од договорот, де факто го прекршила. Тоа значи дека и втората договорна страна, или Македонија, нема обврска да ги исполнува преостанатите точки. Во договорот се наведени чекорите со отворањето на преговарачките поглавја, но има и една глупост што е прифатена од наша страна, не подолго од пет години од потпишувањето на договорот. Но тоа може да важи ако и Грција ги исполнила договорените обврски, а таа не го направила тоа. Нека ги ратификуваат меморандумите, па ние ќе продолжиме со промена на документите – вели нашиот соговорник, кој е категоричен дека и договорот со Грција, како и оној со Бугарија, наметна обврски само за Македонија, со која си поигрува кој ќе стигне.
Инаку, токму поради оваа преземена обврска од Преспанската спогодба деновиве е целосно блокиран системот за вадење лични документи, поради што граѓаните би можеле да останат со неважечки документи најмногу поради немањето капацитет од страна на МВР да ја заврши навремено целата работа. На оние што некако и ќе успеат да добијат оператор, терминот што им е на располагање е ноември, па дури и декември.
– Ве молиме почекајте, сите оператори во моментов се зафатени – ова е најчестата автоматска порака што граѓаните ја слушаат деновиве кога се обидуваат да стапат во контакт со операторите за закажување термини за вадење нови лични документи.
До февруари 2024 година граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија, треба да стои новото име Република С. Македонија, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција.
Нови документи се обврзани да извадат и оние чии документи сè уште важат, но се издадени со старото име на државата. За многумина ваквата законска обврска ќе значи и зголемен товар за буџетот, ако се има предвид дека рипнаа цените на услугите во МВР. Во просек, за новите лични документи едно четиричлено семејство ќе треба да издвои околу 3.000 денари повеќе.
По 12 февруари 2024 година старите документи нема да важат, ниту една институција нема да ги прифаќа како важечки документ, нема да може да се подигаат пари во банка, да се вози или да се патува со документи на кои пишува Република Македонија. За неважечки документи е предвидена и парична казна.