Кога нема шеќер, има бомбардирање!?

Каква врска имаат диетите и исфрлањето на шеќерот од исхраната со отпочнувањето војна? Актуелниот американски државен секретар Марко Рубио, во неодамнешно гостување во поткаст, заедно со неговата сопруга Џaнет, меѓу другото, зборуваше опуштено и за различните видови исхрана, при што ја прокоментира и познатата кето-диета што тој пробал да ја применува.
– Да бев на оваа функција во текот на таа диета, ќе речев: „Господине претседателе, мора да го бомбардираме Парагвај“ – кажа Рубио, додавајќи дека во таква ситуација „би бил навистина лут бидејќи не консумира шеќер“.
Иако се работеше за очигледна невкусна шега за нервозата и стресот што ја создава одвикнувањето од слатки во исхраната, самиот факт што еден од најмоќните американски функционери толку лесно зборува за бомбардирање земја сојузник, и тоа додека САД војуваат против Иран, ја зачуди светската јавност и одново го отвори прашањето како американскиот државен и воен врв носи одлуки за отпочнување воени дејствија во време на големи геополитички тензии. Токму тоа прашање го анализира и американскиот магазин „Форин аферс“ во написот насловен „Фаталната привлечност на Америка кон војната“, што го пренесуваме во Изборот во ова викенд-издание на „Нова Македонија“.
Во обемната анализа се вели дека „воената акција е лесна за иницирање за американските претседатели, кои од 1991 година стекнале навика да употребуваат сила за да ги обезбедат дури и најмалите американски интереси. А притоа, краткорочните трошоци и ризици од употреба на сила против помала далечна држава или недржавен актер честопати изгледаат мали, при што повеќето Американци можат да си го продолжат секојдневниот живот, дури без и да сфатат дека нивната земја е во војна“.

Во прилог на таквиот став е и размислувањето на американскиот економист и директор на Центарот за одржлив развој на Универзитетот „Колумбија“, Џефри Сакс, еден од најценетите светски говорници и аналитичари, што имав можност да го слушам минатата година, при негово учество на панел на форумот „Боао“ за Азија, одржан во Хајнан, Кина. Сакс во таа пригода истакна: „Мнозинството од светот сака мир, ред и владеење на правото, САД не го сакаат тоа“, упатувајќи остри критики кон надворешната политика на официјален Вашингтон.
Честопати се чини дека е лесно за САД да почнат војни поради нивната неспоредлива воена моќ, финансиски ресурси и политички систем што ѝ овозможува на извршната власт брзо да употреби сила без формално објавување војна, односно без ограничување од надлежните американски институции. Иако САД формално објавиле војна само пет пати и овие декларации опфаќаат вкупно 11 одделни случаи против одредени нации, евидентирана е нивна вклученост во 204 неколонијални воени конфликти, заедно со речиси 500 странски интервенции, според националните историски евиденции.
Наспроти воинственото минато, не толку одамна постоеше извесна доза оптимизам дека САД ќе заземат помирен курс во надворешната политика. Актуелниот американски лидер Доналд Трамп во текот на претседателската кампања во 2024 година се прогласи самиот себеси за „кандидат за мир“, инсистирајќи дека ќе ги искористи своите вештини за склучување договори за да стави крај на повеќе глобални конфликти што започнаа под претседателската администрација на неговиот претходник Џо Бајден, вклучувајќи ги војните во Газа и во Украина. Во својот победнички говор во ноември истата година, тој категорично им рече на неговите поддржувачи: „Нема да почнам војна. Ќе ги сопрам војните“. А два месеца подоцна, во инаугуративното обраќање, тој повторно ги потврди мировните заложби, истакнувајќи: „Ќе го мериме нашиот успех не само според битките што ги добиваме туку и според војните што ги завршуваме. И можеби најважно, според војните во кои никогаш не влегуваме“.

Ваквиот став беше колективно изразен пред американската јавност и од голем број блиски соработници од таборот на Трамп, при што тогашниот кандидат за потпретседател Џеј Ди Венс напиша колумна за „Волстрит џурнал“ насловена „Најдобрата надворешна политика на Трамп? Незапочнување никакви војни“.
Трамп тврдеше и дека во првите шест месеци од 2025 година запрел исто толку војни, по една месечно (ова го изговорил јавно барем во десет наврати, колку што е познато), што, според неговите симпатизери, требаше да биде доволно за американскиот претседател да добие Нобелова награда за мир.
Но сите овие ветувања и тврдења пропаднаа веќе во првата година од враќањето на Трамп во Белата куќа, во текот на која САД извршија воздушни напади врз седум држави, Јемен, Сирија, Иран, Ирак, Нигерија, Сомалија и Венецуела. А Америка кон крајот на февруари годинава, заедно со Израел, влезе и во војна против Иран, откако Трамп го нареди најголемото распоредување американски трупи на Блискиот Исток уште од американската инвазија врз Ирак во 2003 година. На тој конфликт, пак, му претходеше заробувањето на венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, од страна на американски специјални сили.
Земајќи ги предвид досегашните американски искуства, не е доволно само да се изберат претседатели што ветуваат дека нема да отпочнат војни туку потребни се тамошни институционални реформи. Војната не смее да биде предмет на шега или импулсивни одлуки, особено кога станува збор за држава со огромна политичка, економска и воена моќ како што се САД. Искуството од последните децении покажува дека проблемот не е само во тоа кој седи во Белата куќа, бидејќи последиците се долгорочни и скапо ги плаќа целиот свет.